Геополитики Фондации - 2

ВТОР ДЕЛ:  СОВРЕМЕНИ ГЕОПОЛИТИЧКИ ТЕОРИИ И ШКОЛИ
(ВТОРА ПОЛОВИНА НА ХХ ВЕК)
 

Глава 1. Општ преглед

Развoјот на геополитичката мисла во втората половина на 20 век во целост ги следеше патиштата, кои ги одеа основоположниците на оваа наука. Историјата на Хаусхофер и на неговите ученици, над кои висеше злокобната сенка на интелектуалната соработка со Третиот Рајх, ги тераше авторите кои се занимаваа со оваа дисциплина да бараат заобиколни патишта за да не бидат обвинети за „фашизам“. Така, Американецот Колин С. Греј предложил да се користат два збора за означување на геополитиката: англискиот „geopolitics“ и германскиот „Geopolitik“. Првото треба да ја означи англосаксонската и прагматична верзија на таа појава, т.е. делата на авторите кои го прифаќаат пристапот на Мехен, Макиндер и Спикмен, а втората, „континенталната варијанта“, наследство на школата на Хаусхофер, зема предвид извесни „духовни“ или „метафизички“ фактори. Секако, оваа поделба е сосема условна и служи само за демагогија, диктирана од инсистирањето на „политичка коректност“.
Американската и, пошироко, атлантската (таласократска) линија во геополитиката се развиваше практично без никаков прекин на традицијата. Заради остварување на американските проекти за воспоставување на „светска држава“, повоените геополитичари-атлантисти само ги уточнија и детализираа одделните аспекти на теоријата, развивајќи соодветни сфери. Основоположниот модел на „морска сила“ и нејзината геополитичка перспектива, од научни разработки на одделни воено-географски школи се претворија во официјална меѓународна политика на САД. 
Наместо тоа, претворањето на САД во супер држава и влезот во последната етапа кој го предвестува заокружувањето на планетарната хегемонија на таласократијата, ги  натера американските геополитичари да разгледуваат сосема нов геополитички модел, во кој учествуваат не две основни сили, туку само една. Притоа, постојат принципиелно две варијанти на развој на настаните: или конечен успех на Западот во геополитичкиот дуел со Истокот, или сливањето на двата идеолошки кампа во нешто единствено, кое ќе воспостави Светска Влада (тој проект го доби името „мондијализам“, од францускиот збор monde = свет). Во двата случаи беше потребно ново геополитичко осмислување на тој можен исход на историјата на цивилизацијата. Таквата ситуација роди посебен правец во геополитиката - геополитика на мондијализмот. Инаку, таа теорија е позната и како доктрина на Новиот светски поредок. Таа се разработува од американските геополитичари почнувајќи од 70-тите години, а првпат за неа громогласно зборуваше претседателот на САД Џорџ Буш Постариот за време на војната во Персискиот залив во 1991 година. 
Европска геополитика, во смисла на нешто самостојно, по крајот на Втората светска војна практично не постоеше. Само во текот на кус период, од 1959 до 1968, кога претседател на Франција беше „континенталистот“ Шарл де Гол, ситуацијата малку се изменила. Почнувајќи од 1963 година, Де Гол презеде неколку очигледни антиатлантистички мерки, кои резултираа со излегување на Франција од Северноатлантскиот сојуз, и направи обиди да изработи сопствена геополитичка стратегија. Но, бидејќи таа држава сама не можеше да му се спротивстави на таласократскиот свет, на виделина на денот излезе прашањето за внатреевропско француско-германско партнерство и за зацврстување на врските со СССР. Од ова се роди знаменитата голистичка теза за „Европа од Атлантикот до Урал“ ". Таа Европа се осмислуваше како суверена стратегиска континентална формација, целосно во духот на умерениот европски континентализам. 
Задно со тоа тоа, во почетокот на 70-те години, кога геополитичките истражувања во САД стануваат крајно популарни, европските научници исто така почнуваат да се вклучуваат во тој процес, но притоа нивната врска со довоената геополитичка школа во повеќето случаи беше прекината и тие беа принудени да се потчинат под нормите на англосаксонскиот пристап. Така, европските научници настапуваат како технички експерти на меѓународните организации НАТО, ООН итн., занимавајќи се со прикладни геополитички истражувања и не влегувајќи во областа на тесните конкретни прашања. Постепено, тие истражувања се претворија во нешто самостојно, во „регионална геополитика“, доволно развиена во Франција (школата на Ив Лакост, издавач на магазинот „Херодот“). Таа „регионална геополитика“ произлегува од глобалната шема на Макиндер, Мехен или Хаусхофер, одделувајќи му мало внимание на основоположниот дуализам, и само применува геополитички методологии за опишување на меѓуетничките и меѓудржавните конфликти, демографските процеси, па дури и како „геополитика на политичките избори“.
Единствена непрекината геополитичка традиција во Европа од пред војната беше достоинство на доста маргинални групи, во помал или поголем степен поврзани со повоените националистички партии и движења. Во тие тесни и политички периферни кругови се развиваа геополитички идеи, кои водеа директно кон „континентализмот“, школата на Хаусхофер итн. Тоа движење во целост го доби називот европска „нова десница“. До определен момент општественото мислење едноставно ги игнорираше, сметајќи ги за „остатоци на фашизмот“. И само во последната деценија (1980-1990 - знп), особено благодарение на просветителската и новинарска дејност на францускиот философ Ален де Бенуа, кон таа дејност почнаа да се наклонуваат и сериозни научни кругови. Без оглед на значителната дистанца која ги оддалечува интелектуалните кругови на европската „нова десница“ од инстанците на власта и на нивното „дисидентство“, од чисто геополитичка точка на гледање нивните дела претставуваат огромен придонес во развојот на геополитиката. Бивајќи слободни од рамката на политичкиот конформизам, нивната мисла се развиваше релативно независно и непристрасно. Притоа, на преминот во 90-те се создаде таква ситуација што официјалните европски геополитичари (најчесто оние од левите и крајно левите партии) беа принудени да се обратат кон „новата десница“, кон нивните дела, преводи и истражувања за воспоставување на целосна геополитичка слика. 
Накрај, руската геополитика. Официјално признаена како „фашистичка“ и „буржоаска псевдонаука“, геополитиката како таква во СССР не постоеше. Нејзината функција ја пополнуваа неколку дисциплини - стратегија, воена географија, теорија на меѓународното право и меѓународните односи, географија, етнографија итн. И заедно со тоа, општото геополитичко однесување на СССР на сцетската арена дава слика на доста рационални модели на однесување од геополитичка гледна точка. Стремежот на СССР да ја зацврсти својата позиција на југот на Евроазија, дестабилизирачките дејства во Јужна Америка (со цел да се внесе раскол во пространствата контролирани од Северноамериканските Држави, според доктрината Монро) и дури ангажирање на советски војски во Авганистан (со цел да се расече американската "анаконда", стремејќи се да ги приближи стратегиските граници на „таласократијата“, затворајќи ги јужните граници на „географската оска на историјата“) итн. Таквата последователна и геополитички заснована политика на СССР укажува на постоење на некаков „центар за донесување решенија“, во кој требало да се слеваат воедно и резултатите на многу традиционални науки и, врз основа на тие „информации“, „синтезата“ ги презема најважните стратегиски чекори. Но, социјалната локализација на тој „криптогеополитички“ центар е проблематична. Постои верзија, дека станува збор за некаков таен оддел на советската воено разузнавање - ГРУ. 
Всушност геополитиката имала развој во исклучиво маргинални, „дисидентски“ кружоци. Најзабележлив претставник на тој правец беше историчарот Лев Гумиљов, иако тој никогаш во своите дела не ги употреби ниту терминот „геополитика“, ниту терминот „евроазиство“, но и уште повеќе - се стремеше на секаков начин да побегне од директно обраќање кон социјално-политичката реалност. Благодарение на таквиот „внимателен“ пристап, нему му се овозможи, дури и во времето на советскиот режим, да објавува книги, посветени на етнографската историја. 
По распадот на Варшавскиот договор и СССР, геополитиката стана повторно актуелна во руското општество. Сменувањето на идеолошката цензура создаде можност, конечно, нештата да се нарекуваат со своите имиња. Не зачудува што првите во преродувањето на геополитиката зедоа учество во национално-патриотските кругови (весникот „Ден“, списанието „Елементи“). Методологијата се покажа толку впечатчлива, што иницијативата ја прифатија и некои „демократски“ движења. Наскоро по перестројката, геополитиката стана една од најпопуларните теми во целото руско општество. 
Со тоа е поврзан и растечкиот интерес кон евроазијците и нивното наследство во современа Русија. 
 

Глава 2. Современиот атлантизам

2.1 Следбениците на Спикмен - Д. У. Мејниг, В. Кирк, С. Б. Коен, К. Греј, Х. Кисинџер

Развојот на американската, чисто атлантистичка линија во геополитиката по 1945 година, во основа претставува своевидно развивање на тезите на Николас Спикмен. Како што тој сам ја започнал разработката на своите теории со корекции на Макиндер, така и неговите следбеници, во основа ги коригираат неговите сопствени погледи. 
Во 1956 година, ученикот на Спикмен Д. Мејниг го објави текстот „Heartland и Rimland во евроазиската историја“. Мејниг специјално подвлекува дека „геополитичките критериуми треба особено да ја земат предвид функционалната ориентација на населението и државата, а не само чисто географскиот однос на територијата кон Копното и Морето“ (D.W.Meinig "Heartland and Rimland in Eurasian History" in "West Politics Quarterly", IX, 1956 pp. 553-569). Во ова е очигледно влијанието на Видал де ла Блаш. 
Мејниг зборува за тоа дека целото пространство на евроазискиот rimland се дели на три типа според својата функционално-културната припадност. 
„Кина, Монголија, Северен Виетнам, Бангладеш, Источна Европа (вклучително и Прусија), Прибалтикот и Карелија се пространства, кои органски гравитираат кон heartland.
Јужна Кореја, Бурма, Индија, Ирак, Сирија и Југославија се геополитички неутрални.
Западна Европа, Грција, Турција, Иран, Пакистан, Тајланд се наклонети кон таласократскиот блок“. (Ibidem) 
В 1965 година, еден друг следбеник на Спикмен, В. Кирк, ја објави книгата (W.Kirk "Geographical Pivot of History", Leicaster Universal Press, 1965) со ист наслов како и познатата статија на Макиндер „Географската оска на историјата“. Кирк ја развил тезата на Спикмен во однос на централното значење на rimland-от за геополитичката рамнотежа на силите. Потпирајќи се на културно-функционалната анализа на Мејниг и неговата диференцијација на „крајбрежните зони“ во однос на „телурократската“ или „таласократската“ предрасположеност, Кирк изградил историски модел во кој главна улога играат прибрежните цивилизации од кои културните импулси, со поголем или помал интензитет, навлегуваат во континентот. Притоа, највисоките културни форми и историска иницијатива им се признава на тие сектори од „внатрешнната полумесечнина“, кои Мејниг ги определил како „таласократски ориентирани“.
Американецот Сол Коен, во книгата „Географијата и политиката во поделениот свет“ (S.B. Cohen "Geography and Politics in a divided world", New York, 1963) предложил како геополитички метод да се воведе дополнителна класификација, заснована врз поделба на основните геополитички реалности на „јадра“ (nucleus) и „дисконтинуални појаси“. Од негова гледна точка, секој конкретен регион на планетата може да биде разложен на четири геополитички региони, составени од: 
1) Надворешна морска (водена) средина, зависна од трговската флота и пристаништата;
2) Континентало јадро (nucleus), истоветно на "Hinterland" (геополитички термин кој ги означува „ внатрешните региони оддалечени од крајбрежјето);
3) Дисконтинуален појас (крајбрежни сектори, ориентирани или внатре во континентот или надвор од него);
4) Региони кои се геополитички независни од таа асамблеа (Ibidem) 
Концепциjата на „дисконтинуални појаси“ била прифатена од такви водечки американски стратези како Хенри Кисинџер, кој сметал дека политичката стратегија на САД во однос на „дисконтинуалните“ крајбрежни зони се состои во тоа што тие би се соединиле со фрагментите на една целина и со тоа на атлантизмот да му се обезбеди целосна контрола над советска Евроазија. Таа доктрина го доби називот Linkagе од англиското link = врска, карика. Со цел стратегијата на „анакондата“ да биде успешна до крај, било неопходно да им се обрне особено внимание на „крајбрежните сектори“ на Евроазија кои би биле или неутрални или би гравитирале кон внатрешните пространства на континентот. Во пракса, таа политика се остваруваше низ Виетнамската војна, активизацијата на американско-кинеските односи, поддршката од страна на САД на проамериканскиот режим во Иран, поддршката на националистите-дисиденти во Украина, Прибалтикот итн. 
Како и во претходните епохи, повоената американска атлантистичка геополитичка школа постојано одржувала повратна врска со власта. 
Развојот на геополитичките погледи во однос на „атомската ера“ среќаваме и кај еден друг претставник на таа иста американска школа, Колин Греј. Во својата книга „Геополитиката на атомската ера“ (Colin S. Gray "The Geopolitics of the Nuclear Era", N.Y., 1977) тој прави скица на воената стратегија на САД и НАТО, во која планетарниот распоред на атомските објекти ги става во зависност од географските и геополитичките особености на регионот. 
 

2.2 Атлантистите ја добија Студената војна

Геополитичкиот развој на атлантизмот кон почетокот на 90-те години ја достигнува својата кулминација. Стратегијата на „анакондата“ демонстрира апсолутна ефективност. Во тој период може да се види речиси „пророчката“ визија на првите англосаксонски геополитичари Макиндер и Мехен, поправени од Спикмен.
Распадот на Варшавскиот договор и на СССР значи успех на ориентацијата на атлантистичката стратегија, спроведувана во живот во текот на целиот XX век. Западот победи во Студената војна против Истокот. Морската Сила (Sea Power) ја слави својата победа над heartland-от. 
Геополитички, тој настан се објаснува на следниов начин: 
Спротивставеноста на советскиот блок со НАТО беше прв историски чист и беспримерен облик на опонирање меѓу Копното и Морето, меѓу Бехемот и Левијатан. Притоа, геополитичката рамнотежа на силите не изразуваше просто идеолошки, туку и геополитички константи.
СССР како heartland, како Евроазија, во себе воплотуваше идеократија од советски тип. Од географска гледна точка, тоа беше доста интегрирано „Големо Пространство“ со колосални природни ресурси и развиено стратегиско вооружување. Главна предност на СССР беа „културно-функционалните“ склоности на населението кое живееше на тие простори или беше блиско до советската територија, како и изгледот на тешко достапните внатреконтинентални простори кои дозволуваа создавање на надежни одбрандбени и технолошки  плацдарми. Освен тоа, од две страни, Северот и Истокот, СССР имаше морски граници кои се бранат многу полесно од копнените. 
За сметка на централизираната економија, СССР беше стоко-товарно самоддржувачки и статус на супер држава. Според своите можности, се стремел да го прошири своето влијание и на други континенти.
Но, Источниот блок имал неколку принципиелни геополитички недостатоци. Најголемиот се состоел во огромното протегање на копнените граници. Ако на Југ границите се совпаѓаа со гребените на евроазиските планини, од Манџурија до Тјаншен, Памир и Кавказ, тогаш на Запад границата поминуваше среде европската рамнина, која била стратегиски плацдарм на атлантизмот, а во истото тоа време неговата (на Западот – знп) централна база се наоѓаше на западниот брег на „Средишниот Океан“ (Midland Ocean). Но дури и во јужните насоки планините не служеа само за заштита, туку претставуваа и препрека, затворајќи го патот за моќна експанзија и излез кон јужните мориња.
Притоа, Источниот блок бил принуден во еден ист геополитички центар да ги сосредоточи воено-стратегиските, економските, интелектуалните, производните сили и природни ресурси. 
На таквата положба остро контрастираше геополитичката положба на Западот со центарот САД. (Ова е особено важно бидејќи положбата на Западна Европа, при таков распоред на силите, била сосема незавидна; нејзе ѝ припадна улогата на копнена база на САД, станувајќи своевиден санитарен кордон на границите на спротивниот камп). Америка беше целосно заштитена со морските граници. Освен тоа, откако стратегиски го интегрира својот континент, таа се стекна со контрола над огромен дел од евроазиското прибрежје, rimland-от. Од Западна Европа, преку Грција и Турција (земји-членки на НАТО) контролата на атлантистите се протегаше на Далечниот Исток (Тајланд, Јужна Кореја, стратегиски колонизираната Јапонија), и таа зона пловно ги допираше, во Индискиот и Тихиот Океан, најважните воени бази на островот Сан Диего, на Филипините, и понатаму, на Гуаме, Карибите и Хаити. Следствено, сите потенцијални конфликти беа изнесени околу територијата на основното стратегиско пространство. 
Притоа, атлантистите создадоа сложен диференциран систем за геополитичко распоредување на воените „јадра“. Непосредно, САД обезбедуваа воено-стратегиска моќ. Интелектуалните, финансиските и производните структури, а исто така и центрите за изработка на висока технологија беа сосредоточени во Западна Европа, слободна од товарот на обезбедување на сопствената воена сигурност (освен полицијата и чисто декоративните воени сили). 
Природните ресурси доаѓаа од економски слабо развиените региони на Третиот свет, од каде што во значителна мерка доаѓаше и евтина работна сила. 
Состојбата на статус кво, создадена веднаш по Втората светска војна, беше офанзивна ситуација, бидејќи според претскажувањата на атлантските геополитичари, таквата ситуација неминовно требаше да доведе до истоштување на континенталниот блок, осуден на целосна автархија (гр. Αυτάρκεια, самоодржување – во смисла на ресурси и сѐ останато за еден систем да преживее - знп) и принуден сам да ги развива сите стратегиски насоки истовремено. 
Heartland-от во таквата ситуација имаше само два исходи. Првиот, да се направи воена експанзија на Запад, со цел освојување на Европа до Атлантикот. По тој напор, СССР би можел себе си да си обезбеди спокојни морски граници и индустриско-интелектуален и технолошки потенцијал. Паралелно, би следел аналоген напор и во јужните насоки, со цел да се излезе, конечно, на топлите мориња и да се раскине „обрачот на анакондата“ на Sea Power. Тоа е тежок пат, кој во случај на успех би можел да доведе до стабилен континентален свет и, во поблиска перспектива, до крах на Америка, лишена од rimland-от. 
Другиот исход се состоеше, спротивно, во напуштање на Источна Европа од страна на СССР и неговите воени сили, во замена за напуштање на Западна Европа од страна на силите на НАТО и создавање на единствен строго неутрален Европски блок (можеби со ограничен „дефанзивен“ атомски потенцијал). Таа варијанта се разгледувала во епохата на Де Гол.
Тоа исто било можно да се направи и со Азија. Да се оди на откажување од директна контрола над некои средноазиски републики, во замена за создавање, заедно со Афганистан, Иран и Индија (можеби и со Кина) на моќен стратегиски антиамерикански блок, внатреконтинентално ориентиран. 
Би било можно, конечно, да се искомбинираат тие две варијанти и по мирен пат да се појде на Запад, а со сила на Исток (или обратно). Важно беше само тие две геополитички дејства да започнат синхроно. Само во таков случај беше можно да се надева на промена на планетарниот баланс на силите од очигледен позиционен пораз на Копното во негова победа. Беше неопходно да се прекине „воздржувањето“- со тој термин во периодот на Студената војна се нарекуваше геополитичката тактика против „анакондата“. 
Но бидејќи СССР не се реши на тој радикален геополитички чекор, на атлантските држави им остана само да ги пожнеат резултатите на својата строго промислена и геополитички уверлива долгорочна позициона стратегија.
Од сестраното пренапрегање, автархичната советска држава не издржа и пропадна. А воениот влез во Афганистан, без паралелен стратегиски чекор во Западна Европа (мирен или не-мирен), наместо да го спаси делото, дефинитивно ја продлабочи [кризата] ситуацијата. 

 
2.3 Аерократија и ефирократија

Традиционалната атлантистичка геополитика, ставајќи ја во центарот на својата концепција Sea Power, е „геополитика на морето“. Глобалната стратегија, заснована врз таа геополитика, го доведе Западот до воспоставување на планетарна моќ. Но, развојот на техниката доведе до освојување и на воздушниот простор, со што ја направи актуелна разработката на „геополитиката на воздухот“.

За разлика од „геополитиката на морето“, заокружена и целосно разработена, полнозначна „геополитика на воздуот“ не постои. Факторот на воздухопловството се придодава кон општата геополитичка слика. Но, некои соодноси при актуелизацијата на воздушната средина и поврзувањето со неа на нови типови вооружување на стратегиската авијација, меѓуконтиненталните ракети и атомското оружје значително се изменија.
Освојувањето на воздушниот простор во извесна степен ги изедначи меѓу себе Копното и Морето, бидејќи за авионите и ракетите растојанието меѓу тие пространства не е така значително. (Особено важен чекор беше создавањето на носачи на авиони, бидејќи тоа конечно ги ослободи воздушните бази од Копното, правејќи ги независни од квалитетот на земјината површина). 
Заедно со тоа, развојот на авијацијата ги замени пропорциите на планетарниот обем, правејќи ја Земјата значително „помала“, а растојанието „покусо“. Заедно со тоа, ракетите и развојот на стратегиската авијација во голема мера ги релативизираа традиционалните геополитички фактори - морските и копнените граници - внатреконтиненталните бази итн. 
Пренесувањето на вооружување во земјината орбита и стратегиското освојување на вселенското пространство се последна етапа од „смалувањето“ на планетата и конечна релативизација на просторните различности. 
Актуалната геополитика, покрај Копното и Морето, е принудена да смета на уште два елементи - воздухот и ефирот (гр. власт преку атмосферските слоеви). На тие елементи на воено ниво им соодветствуваат атомското оружје (воздух) и програмата „ѕвездени војни“ (вселена). По аналогија со телурократијата (владеење на Копното) и таласократијата (владеење на Морето), тие две најнови модификации на геополитичкиот систем би можеле да се наречат аерократија (владеење на Воздухот) и ефирократија (владеење на Ефирот [вселената - знп]). 
Карл Шмит дал груба скица на тие две нови сфери. Притоа, најважно и најпринципиелно, според неговото видување, е тоа што и „аерократијата“ и „ефирократијата“ сами по себе претставуваат најдалекусежен развој на „номосот“ на Морето, подоцнежни фази на „таласократијата“, бидејќи целиот технички процес на освојување на нови простори се води во насока на разредување на средината, што, според Шмит, се спроведува со соодветни културни и цивилизациски процеси на прогресивно напуштање на „номосот“ на Копното не само во стратегиска, но и во етичка, духовна, социјално-политичка смисла. 
Со други зборови, освојувањето на воздушното и на веселенското пространство претставува продолжение на чисто таласократските тенденции, а следствено, може да се разгледува како повисок стадиум на чисто атлантистичка стратегија. 
Во дадениот ракурс, атомското спротивставување на блоковите во Студената војна се претставува како конкуренција во услови кои беа наметнати од страна на „морската Сила“, на heartland-от, принудувајќи го да прифати услови за стратегиски позиционен дуел, диктирани од спротивставената страна. Таквиот процес на активно „растворање на елементите“, сообразно со логиката на развој на западниот свет во технолошка и стратегиска смисла, е паралелен со офанзивната позиција на атлантистите во нивната политика на одделување на крајбрежните зони од континенталниот центар и во двата случаи претставува офанзивна иницијатива на едниот геополитички камп и одбрамбена реакција на другиот.
На интелектуално ниво, тоа се изразува во тоа што атлантистите на теоретско ниво разработуваат „активна геополитика“, занимавајќи се со таа наука отворено и плански. 
Геополитиката, во случајот со Западот, настапува како дисциплина која ги диктира општите контури на меѓународната стратегија. Во случајот со Источниот блок, бидејќи таа долго време не беше официјално признаена, постои и се уште постои на ниво на „реакција“  на потезите на потенцијалниот противник. Тоа била и е „пасивна геополитика“, која на стратегискиот предизвик на атлантизмот возвраќа најмногу по инерција. 
Ако во случајот со атомското оружје и авијацијата (во сферата на аерократијата) СССР, по цена на напрегање на сите внатрешни ресурси, успеа да се стекне со релативен паритет, тогаш во следната етапа, во областа на ефирократијата произлезе структурално фрактура и конкуренцијата во областа на технологијата, поврзана со „ѕвездената“, доведе до конечен неуспех и пораз во Студената војна. 
Заради разбирањето на суштината на геополитичките процеси во атомскиот свет и во условите на освојување на орбиталните пространства, забелешките на Карл Шмит за тоа дека аерократијата и ефирократијата се јавуваат не како самостојни цивилизациски системи туку само како развој на „номосот“ на Морето, се фундаментални. 
 

2.4 Две верзии на најновиот атлантизам

Победата на атлантистите над СССР (над heartland-от) означи влегување во радикално нова епоха, која имаше потреба од оригинални геополитички модели. Геополитичкиот статус на сите традиционални територии, региони, држави и сојузи брзо се менуваше. Осмислувањето на планетарната реалност по завршувањето на Студената војна ги доведе атлантистичките геополитичари до две принципиелни шеми. 
Едната од нив може да се нарече „песимистичка“ (за атлантизмот). Таа ја наследува традиционалната за атлантизмот, линија на конфронтација со heartland-от, и не ја смета за завршена и симната од дневен ред заедно со падот на СССР, предвидувајќи формирање на нови евроазиски блокови, засновани врз цивилизациските традиции и стабилните етнички архетипови. Таа варијанта може да се нарече „неоатлантизам“, а неговата суштина се сведува, во конечна смисла, на продолжување на разгледувањето на геополитичката карта на светот од ракурсот на основоположниот дуализам, што само се нијансира со поделба на дополнителни геополитички зони (освен Евроазија), кои исто така во иднина можат да станат центри на спротивставување на Западот. Најизразит претставник на таквиот неоатлантистички пристап е Семјуел Хантингтон. 
Втората шема, заснована врз истата таа првична геополитичка слика, напротив, е оптимистична (за атлантизмот), во смисла дека ситуацијата со победата на Западот во Студената војна ја смета за конечна и безпоговорна. Врз оваа основа се гради теоријата на „мондијализмот“, концепцијата за „Крајот на историјата“ и One World (Единствен Свет), која утврдува дека сите облици на геополитичка диференцијација - културни, национални, религиозни, идеолошки, државни итн. -  уште малку ќе бидат конечно надвладеани и ќе настапи ера на единствена општочовечка цивилизација, заснована врз принципите на либералната демократија. Историјата завршува заедно со геополитичката спротивставеност, која првично ѝ даваше главен импулс на историјата. Тој геополитички проект асоцира со името на американскиот геополитичар Френсис Фукујама, кој го напиша и програмскиот труд со впечатлив наслов „Крајот на историјата“. За таа мондијалистичка теорија ќе стане збор во следната глава. 
Да ги објасниме основните работи на концепцијата на Хантингтон, која е ултрасовремен развој на традиционалната за Западот атлантистичка геополитика. Важно е дека Хантингтон своето програмско дело „Судир на цивилизациите“ (Clash of civilisations) го гради како одговор на тезите на Фукујама за „Крајот на историјата“. Видливо е дека на политичко ниво таа полемика соодветствува на политиките на двете водечки политички партии во САД: Фукујама ја изразува глобалната стратегиска позиција на демократите, а Хантингтон се јавува како гласноговорник на републиканците. Ова доволно точно ја изразува суштината на двата најнови геополитички проекти, неоатлантизмот ја следи конзервативната линија, а „мондијализмот“ претпочита сосема нов пристап во кој сите геополитички реалности се подложни на целосна ревизија. 
 

2.5 Судир на цивилизациите: неоатлантизмот на Хантингтон

Смислата на теоријата на Семјуел П. Хантингтон, директор на Институтот за стратегиски истражувања „Џон Олин“ при Харвардскиот универзитет, формулирани во статијата „Судир на цивилизациите“ (Samuel Huntington "Clash of civilisations" in "Foreign Affairs", summer 1993, стр. 22-49) (која се појави како резиме на големиот геополитички проект „Промени во глобалната безбедност и американските национални интереси“), се сведува на следново:
Со видливата геополитичка победа на атлантизмот на целата планета со падот на СССР исчезна последната тврдина на континенталните сили, но практично тоа има влијание само на површината на реалноста. Стратегискиот успех на НАТО, кој спроведуваше идеолошка формација, одбиена од конкурентската комунистичка идеологија, не ги засега длабоките цивилизациски пластови. Хантингтон, наспроти Фукујама, тврди дека стратегиската победа не е и цивилизациска победа; западната идеологија, либерал-демократијата, пазарот итн. станаа безалтернативни само привремено, бидејќи наскоро кај незападните народи ќе почнат да се појавуваат цивилизациските и геополитчките особености, аналогни на „географскиот индивидуум“ за кој говореше Савицки. 
Откажувањето од идеологијата на комунизмот и раздвижувањето во структурата на традиционалните држави, распадот на едни и појавата на други формации итн. не го доведува целото човештво автоматски на ниво на универзален систем на атлантистички вредности, туку напротив, ги прави повторно актуелни подлабоките културни пластови, ослободени од површноста на идеолошките клишеа. 
Хантингтон го цитира Џорџ Вејгел: „Десекуларизацијата е еден од доминантните социјални фактори на крајот од 20 век“. Следствено, наместо тоа да се отфрли религиозната идентификација во Единствениот Свет, за што зборува Фукујама, народите, напротив, ќе ја почувствуваат религиозната припадност уште поживо. 
Хантингтон утврдува дека покрај западната (= атлантска) цивилизација, која во себе ги вклучува Северна Америка и Западна Европа, може геополитички да се фиксираат уште седум потенцијални цивилизации: 
1) словенско-православна,
2) конфучијанска (кинеска),
3) јапонска,
4) исламска,
5) хинду,
6) латиноамериканска
и возможно, 7) африканска (Ibidem). 
Конечно, тие потенцијални цивилизации не се еднакви по значење. Но, сите тие се единствени во тоа што векторот на нивниот развој и постоење ќе биде ориентиран во формации различни од траекториите на атлантизмот и од цивилизацијата на Западот. Така, Западот повторно се наоѓа во ситуација на спротивставеност. Хантингтон смета дека тоа е практично низбежно и дека уште веднаш, без оглед на еуфоријата на мондијалистичките кругови, треба за основа да се земе реалистичната формула: "The West and The Rest" („Западот и сите останати“) (Ibidem). 
Геополитичките исходи од таквиот пристап се очевидни: Хантингтон смета дека атлантистите треба во сите насоки да ги зацврстат стратегиските позиции на својата сопствена цивилизација, да се подготвуваат за спротивставување, да се консолидираат стратегиските напори, да се задржуваат антиатлантистичките тенденции во другите геополитички формации, да не се дозволи нивно здружување во за Западот опасен континентален сојуз. 
Тој ги дава следниве препораки: 
„Западот треба:

- да обезбедува потесна соработка и единство во рамките на сопствената цивилизација, особено меѓу нејзините европски и северноамерикански делови;
- да ги интегрира во Западната цивилизација оние општества во источна Европа и Латинска Америка чии култури се блиски до западната;
- да обезбеди потесни односи со Јапонија и Русија;
- да го спречи прераснувањето на локалните конфликти меѓу цивилизациите во глобални војни;
- да ја ограничи воената експанзија на конфучијанските и исламските држави;
- да ја сврти западната воена моќ и да обезбеди воена предност на Далечниот Исток и во Југозападна Азија;
- да ги искористи тешкотиите и конфликтите во односите помеѓу исламските и конфучијанските држави;
- да поддржува групи (во другите цивилизации) ориентирани спрема западните вредности и интереси;
- да се засилат меѓународните институции кои ги одразуваат западните интереси и вредности и, озаконувајќи ги, да се обезбеди вовлекување на незападни држави во нив.“ (Ibidem) 
Ова е кусата и опфатна формулација на доктрината на неоатлантизмот. 
Од гледна точка на чистата геополитика, ова означува точно следење на принципите на Мехен и Спикмен, при што акцентот кој Хантингтон го става врз културните и цивилизациски различности како најважни геополитички фактори, укажува на негова припадност на класичната геополитичка школа, која исходува кон „органистичката“ философија, за која првично беше својствено социјалните структури и држави да се разгледуваат не како механички или чисто идеолошки формации, туку како „облици на живот“. 
Во својство на најверојатни противници на Западот Хантингтон укажува на Кина и на исламските држави (Иран, Ирак, Либија итн.). Во тоа се покажува директното влијание на Мејниг и Кирк кои сметаа дека ориентацијата на земјите од „крајбрежните зони“, од rimland-от, конфучијанската и исламската цивилизација кои геополитички принадлежат првенствено имено кон rimland-от, е поважна од позицијата на heartland-от. Затоа, за разлика од други претставници на неоатлантизмот, конкретно Пол Волфовиц, Хантингтон главната опасност однадвор не ја гледа во геополитичкото преродување на Русија-Евроазија, на heartland-от или во каква било нова евроазиска континентална формација. 
Во извештајот на американецот Пол Волфовиц (советник за безбедност) до владата на САД во март 1992 година, станува збор за „неопходност од недозволување на европскиот и на азискиот континент да возникнат стратегиски сили способни да им се спротивстават на САД “ (Цит. по "Monde Diplomatique" 1992), а натаму појаснува дека најверојатна сила која овде се има во предвид е Русија и дека против неа треба да се создаде „санитарен кордон“ основат од државите на Балтикот. Во дадениот случај, американскиот стратег Волфовиц се пројавува поблиску до Макиндер отколку до Спикмен, што неговите погледи ги разликува од теоријата на Хантингтон. 
Во сите случаи, независно од определувањето на конкретниот потенцијален противник, позицијата на сите атлантисти останува суштински единствена: победата во Студената војна не ги отстранува опасностите за Западот кои произлегуваат од други геополитички формации (сегашни или идни). Следствено, да се говори за „Единствен Свет“ е прерано и планетарниот дуализам меѓу таласократијата (зацврстена со аерократијата и ефирократијата) и телурократијата останува главна геополитичка шема и за 21 век. 
Нова и уште поопшта формула на таквиот дуализам е тезата на Хантингтон The West and The Rest. 
 

Глава 3. Мондијализм

3.1 Предисторија на мондијализмот

Концепцијата на „мондијализмот“ се појавила долго пред конечната победа на Западот во Студената војна. 
Смислата на мондијализмот се сведува на постулацијата за неизбежност од целосна планетарна интеграција, премин од множеството држави, народи, нации и култури во униформиран свет, One World. 
Изворите на оваа идеја можат да се најдат во некои утопистички и хилиастички движења од Средновековието и уште подалеку, во длабоката древност. Во нејзината основа лежи претставата дека во некаков кулминационен момент на историјата ќе се случи собирање на сите народи на земјата во единствено Царство, кое нема да знае за противречности, трагедии, конфликти и проблеми својствени за обичната земна историја. Покрај чисто мистичната верзија на мондијалистичката утопија, постоеле и нејзини рационални верзии, од кои како една од нив може да се смета учењето за „Третата Ера“ на позитивистот Огјуст Конт или хуманистичката есхатологија на Лесинг. 
Мондиалистичките идеи најчесто од сите им биле својствени на умерените европски и особено англиски социјалисти (некои од нив биле обединети во „Фабијанското општество“). За единствена Светска држава говореа и комунистите. Од друга страна, аналогните мондијалистички организации, почнувајќи од крајот на XIX-oт век, создаваа и крупни фигури во светскиот бизнис, например сер Сесил Роуд, кој ја организираше групата „Тракалезна маса“, чии членови беа должни „да го помагаат воспоставувањето на системи за непречена трговија во целиот свет и создавање на Светска Влада“. Често, социјалистичките мотиви се преплетуваа со либерал-капиталистичките, и комунисти присуствуваа во тие организации со претставници на најкрупниот финансиски капитал. Сите ги обединуваше верата во утописката идеја за обединета планета. 
Значајно е дека такви познати организации како Лигата на народите, подоцна ООН и УНЕСКО беа предложени имено од такви мондијалистички кругови кои имаа големо влијание врз светската политика. 
Во текот на XX-от век, тие мондијалистички идеи, избегнувајќи излишна реклама, а често дури и со „таен“ карактер, сменуваа многу имиња. Постоеше „Универзалното движење за светска конфедерација“ на Гари Дејвис, „Федералниот сојуз“, та дури и „Крстоносен поход за Светска Влада“ (организиран од англискиот парламентарец Хенри Ешборн во 1946 година). 
По мера на сосредоточување на целата концептуална и стратегиска власт над Западот во САД, имено таа стана главен штаб на мондијализмот, чии претставници образуваа паралелна структура на власт, составена од советници, аналитичари, центри за стратегиски истражувања. 
Така се составија три основни мондијалистички организации, за чие постоење западното општество дозна релативно неодамна. За разлика од официјалните структури, тие групи имаа значително поголема слобода за проектирање и истражување, бидејќи тие беа ослободени од фиксирани и формални процедури, од регулативната дејност на комисиите на ООН итн.
Првата е „Советот за меѓународни односи“ (Council on Foreign Relations, скратено C.F.R). Негов основач бил најкрупниот американски банкар Морган. Таа неофицијална организација беше ангажирана за изработка на американска стратегија од планетарен обем, при што за конечна цел се сметаше целосната унификација на планетата и создавање на Светска Влада. Таа организација се појавила уште во 1921 година како филијала на „Фондацијата Карнеги за светски мир“, и сите во неа зачленети високо рангирани политичари го прифаќаа мондијалистичкиот поглед за иднината на планетата. Бидејќи мнозинството членови на C.F.R. истовремено беа и високопоставени членови на шкотската масонерија, може да се претпостави дека нивните геополитички проекти имале некаква хуманистичко-мистична димензија. 
Во 1954 година беше создадена втората мондијалистичка структура Билдерберг клубот или Билдербергската група. Таа ги обединуваше не само американски аналитичари, политичари, финансиери и интелектуалци, туку и нивните европски колеги. Од американска страна, таа беше претставена исклучиво од членови на C.F.R. и се сметаше за нејзин меѓународен продолжеток. 
Во 1973, од активисти на Билдерберг групата беше создадена и третата најважна мондијалистичка структура „Трилатералната комисија“ или "Трилатерал" (Trilateral). Таа е раководена од Американци кои членуваат во C.F.R. и во Билдерберг групата и, покрај САД, каде што е нејзиното седиште (адреса 345 East 46th street, New York), има уште две седишта - во Европа и Јапонија. 
Трилатерална комисијата е наречена заради фундаментални геополитички основи. Таа е повикана под егидата на атлантизмот и на САД да ги обедини трите „големи пространства“, водечки во техничкиот развој и во пазарната економија: 
1) Американското пространство, вклучително Северна и Јужна Америка;
2) Европското пространство;
3) Тихоокеанското пространство, контролирано од Јапонија.
На чело на најважните мондијалистички групи Билдерберг и Трилатералата стои високопоставениот член на C.F.R., најкрупниот банкар Дејвид Рокфелер, сопственикот на „Чејз Менхетен банк“. 
Освен него, во самиот центар на сите мондијалистички проекти стојат незаменливите аналитичари и стратези на атлантизмот Збигњев Бжежински и Хенри Кисинџер. Тука влегува и познатиот Џорџ Бол. 
Основната линија на сите мондијалистички проекти се состои во премин во едниствен светски систем под стратегиска доминација на Западот и на „прогресивните“, „хуманистички“ и „демократски“ вредности. За таа цел се создаваат паралелни структури, составени од политичари, новинари, интелектуалци, финансиери, аналитичари и други кои се должни да ја подготват почвата пред нив, за мондијалистичкиот проект за Светска Влада да може да биде широко обнароден, бидејќи без подготовки тој би наишол на моќно психолошко спротивставување на народите и државите кои не сакаат да ја претопат својата самобитност во планетарен melting pot (точка на топење – знп). 
Мондиалистичкиот проект, разработуван и спроведуван од тие организации, не е еднороден. Постојат две негови верзии кои се разликуваат според методите, и кои треба теоретски да доведат до една и иста цел. 
 

3.2 Теорија на конвергенцијата

Првата, најпацифистичка и „мирољубива“ верзија на мондијализмот е позната како „теорија на конвергенцијата“. Разработена во 70-те години во пазувите на C.F.R. од група „леви“ аналитичари под раководство на Збигњев Бжежински, таа теорија претставува можност од надминување на идеолошкиот и геополитичкиот дуализам на Студената војна преку создавање на нов културно-идеолошки тип на цивилизација, кој би бил нешто помеѓу социјализмот и капитализмот, помеѓу чистиот атлантизам и чистиот континентализам. 
Советскиот марксизам се сметаше за пречка која може да се надмине, преминувајќи кон неговата умерена, социјалдемократска, ревизионистичка верзија, преку откажување од тезите „диктатура на пролетеријатот“, „класна борба“, „национализација на средствата за производство“, „укинување на приватната сопственост“. Од својата страна, капиталистичкиот Запад би бил должен да ја ограничи слободата на пазарот, да воведе делумна државна регулација на економијата итн. Задничко во културната ориентација би можело да биде најдено во традициите на Просветителството и Хуманизмот, кон кои беа наклонети и западните демократски режими и социјалната етика на комунизмот (во неговите смекнати социјал-демократски везрзии). 
Светската Влада, која би можела да се јави врз основа на „теоријата на конвергенцијата“, било осмислено како допуштање на Москва до атлантистичкото управување на планетата, заедно со Вашингтон. Во тој случај, би почнала епоха на сеопшт мир, Студената војна би завршила, народите би можеле да ја отфрлат тежината на геополитичкиот притисок. 
Овде е важно да се направи паралела со преминот на технолошкиот систем од „таласократија“ кон „ефирократија“: мондијалистичките политичари почнале да гледаат на планетата не со очи на жители на западниот континент, опкружен со море (како традиционални атлантисти), туку со очи на „астронаут во космичка орбита“. Во таков случај, пред нивниот поглед навистина претставувал One World, Единствен Свет.
Мондијалистичките центри имале свои кореспонденти и во Москва. Клучна фигура овде бил академик Гвишиани, директор на Институтот за системски истражувања, кој на некој начин се јавувал како филијала на „Трилатералата“ во СССР. Но особено успешно беше нивното дејствување помеѓу крајно левите партии во Западна Европа, кои во мнозинство застанаа на патеката на „еврокомунизмот“, а тоа се сметаше за основна концептуална база за глобална конвергенција.
 

3.3 Планетарна победа на Западот

Теоријата на конвергенција била онаа идеолошка основа врз основа на која се потпреа Михаил Горбачев и неговите советници, остварувајќи ја перестројката. Притоа, неколку години пред почетокот на советската перестројка, почна да се реализира аналогичен проект во Кина, со која претставниците на „Трилатералната комисија“ воспоставија тесни односи кон крајот на 70-те Но, геополитичката судбина на кинеската и советската „перестројка“ беа различни. Кина инсистираше на „праведна“ распределба на улогите и на соодветни поместувања во идеологијата на Западот во насока на социјализамот. СССР отиде многу подалеку по патот на отстапките. 
Следејќи ја логиката на американските мондијалисти, Горбачев започна со структурна промена на советското пространство во насока на „демократизација“ и „либерализација“. Во прв ред, тоа ги засегна државите од Варшавскиот договор, а потоа и советските републики. Започна смалување на стратегиското вооружување и идеолошко зближување со Западот. Но, во дадениов случај треба да се обрне внимание на фактот дека периодот на претседателствување на Горбачев се случува во периодот на претседателствување во САД на екстремните републиканци Реган и Буш. Притоа, Реган беше единствениот од последните американски претседатели кој постојано одбиваше да учествува во сите мондијалистички организации. По убедување, тој беше жесток, доследен и бескомпромисен атлантист, приврзаник на либералниот пазар, ненаколонет кон компромис со „левите“ идеологии, дури ни кон умереното демократско и социјалдемократско чувство. Следствено, чекорите на Москва, направени во насока на конвергенцијата и создавање на Светска Влада, со значително учество во неа на претставници на Источниот блок, на спротивниот пол имаа најнеблагопријатни идеолошки препреки. Атлантистот Реган (а подоцна и Буш) едноставно ги искористија мондијалистичките реформи на Горбачов за сосема утилитарни цели. Доброволните отстапки на heartland-от не наидуваа на соодветни отстапки од страната на Sea Power. Западот не тргна ни кон геополитички ни кон идеолошки компромиси со самоликвидирачката Евроазија. НАТО не се расформира, а неговите сили не ја напуштија ни Европа, ни Азија. Либерално-демократската идеологија уште посилно ги закрепи своите позиции. 
Во дадениот случај, мондијализмот настапи не како самостојна геополитичка доктрина, која се реализира во пракса, туку како прагматично искористен инструмент во „Студената војна“, од чија логика, заснована на тезите на Макиндер и Мехен, САД не се откажаа. 
 

3.4 „Крајот на историјата“ на Френсиса Фукујама

По распадот на СССР и победата на Западот, на атлантизмот, мондиалистичките проекти требаше или да атрофираат или да ја изменат својат логика. 
Новата верзија на мондијализмот во постсоветската епоха стана доктрината на Френсис Фукујама, кој во почетокот на 90-те ја објави својата програмска статија „Крајот на историјата“. Таа може да биде разгледувана како идејна основа на неомондијализмот. 
Фукујама ја предлага следната верзија на историскиот процес. Човештвото, од темната епоха на „законот на силата“, „мракобесието“ и „нерационалното менаџирање на социјалната реалност“ се движи кон најразумниот и логичен строј, воплотен во капитализмот, во современата западна цивилизација, пазарната еконономија и либерално-демократската идеологија. Историјата и нејзиниот развој се одвиваа само на сметка на нерационални фактори, кои малку по малку им отстапуваат место на законот на разумот, општиот паричен еквивалент на сите вредности итн. Падот на СССР со себе го означи и падот на последниот бастион на „ирационализмот“. Со тоа е поврзано завршувањето на Историјата и почетокот на особено планетарно постоење кое ќе поминува под знакот на Пазарот и Демократијата, кои го обединуваат светот во сложена и рационално функционирачка машина. 
Таквиот Нов поредок, иако заснован врз универзализација на чисто атлантскиот систем, излегува од рамките на атлантизмот и сите региони во светот почнуваат да се реорганизираат според новиот модел, околу неговите економски најразвиени центри. 
 

3.5 „Геоекономијата“ на Жак Атали

Аналогии на теоријата на Фукујама има и меѓу европските автори. Така, Жак Атали, поранешен долгогодишен личен советник на претседателот на Франција Франсоа Митеран, а извесно време и директор на Европската банка за обнова и развој, разработи слична теорија во својата книга „Линија на хоризонтот“.
Атали сметал дека во сегашниов момент настапува третата ера, „ерата на парите“, кои се јавуваат како универзален еквивалент на вредноста, бидејќи сите нешта ги подведуваат под материјален цифриран израз, со нив делумно едноставно се управува на најрационален начин. Таков потфат самиот Атали го поврзува со настапувањето на месијанската ера, сфатена во јудео-кабалистички контекст (подетално, тој аспект тој го развива во друга книга, специјално посветена на месијанството, „Тој ќе дојде“). Тоа го разликува од Фукујама, кој останува во рамките на строгиот прагматизам и утилитаризам. 
Жак Атали предлага своја верзија на иднината која „веќе дојде“. Доминацијата врз целата планета на единствена либерално-демократска идеологија и пазарен систем, заедно со развојот на информатичките технологии, води кон тоа светот да стане еден еден и еднороден, геополитичките реалности, доминантни во текот на целата историја, во „третата ера“ отстапуваат во заден план. Геополитичкиот дуализам се напушта. 
Но еднородниот свет ќе добие целосно нова геополитичка структурализација, овојпат заснована врз принципот на „геоекономија“. Прв концепцијата на „геоекономија“ ја предложи историчарот Фритц Рериг, а ја популаризираше Фернан Бродел. 
„Геокономијата“ е особена верзија на мондијалистичката геополитика, која приоритетно не ги третира географските, културните, идеолошките, етничките, религиозните и другите фактори, сочинувајќи ја суштината на  сопствен геополитички пристап, туку чисто економска реалност и нејзиниот однос кон просторот. За „геоекономијата“ совршено не е важно каков народ живее таму или ваму, каква е неговата историја, културните традиции итн. Сè се сведува на тоа каде се наоѓаат центрите на светската берза, корисните руди, информациските центри, големите производства. „Геоекономијата“ кон политичката реалност пристапува така, како Светската Влада и единствената планетарна држава веќе да постојат. 
Геоекономскиот пристап на Атали доведува до поделба на три најважни региони, кои во Единствениот Свет стануваат центри на нови економски пространства.
1) Американски простор - дефинитивно во себе ги обединува двете Америки во единствена финансиско-индустриска зона.
2) Европски простор – кое возникнува по економското обединување на Европа.
3) Тихоокеански регион - зона на „новото процветување“, која има неколку конкурентски центри: Токио, Тајван, Сингапур итн. (Jack Attali "Lignes d'horizon", Paris. 1990)
Помеѓу тие три мондијалистички пространства, според мислењето на Атали, нема да постојат никакви особени разлики или противречности, бидејќи и економскиот и идеолошкиот тип во сите случаи ќе бидат речиси идентични. Единствена разлика ќе биде чисто географската местоположба на најразвиените центри, кои околу себе концентрично ќе ги структуираат помалку развиените региони кои се наоѓаат просторно блиску. Таква концентрична преструктурализација ќе може да се оствари само со „крајот на Историјата“ или, со други термини, со промена на традиционалните реалности, диктирани од геополитиката. 
Цивилизациско-геополитичкиот дуализам се напушта. Отсуството на спротивен на атлантизмот пол води кон кардинално преосмислување на пространството. Настапува ерата на геоекономиката. 
Во моделите на Атали свој конечен израз најдоа идеите кои лежеле во основите на „Трилатералната комисија“, која се јавува како концептуално-политички инструмент, кој разработува и остварува слични проекти.
Значајно е тоа што раководителите на „Трилатералата“ (Дејвид Рокфелер, Жорж Бертуен, тогаш прв човек на Европското одделение, и Хенри Кисинџер) во јануари 1989 година престојуваат во Москва, каде што биле примени од претседателот на СССР Горбачев и од Александар Јаковлев, а исто така на средбата присуствувале и други високопоставени советски раководители: Медведев, Ахромеев, Добринин, Черњаев и Примаков. Самиот Жак Атали одржувал лични контакти со рускиот претседател Борис Елцин. 
Едно е несомнено: преминот кон геоекономска логика и неомондијализам стана можен само по геополитичката самоликвидација на евроазискиот СССР.
Неомондијализмот не е директен продолжеток на историскиот мондијализам кој првично претпоставуваше присуство на конечни модели на леви социјалистички елементи. Тој е привремена варијанта помеѓу мондијализмот и атлантизмот. 
 

3.6 Посткатастрофичкиот мондијализм на професорот Санторо

Постојат и подетални верзии на неомондијализмот. Една од најизразитите е футуролошката геополитичка концепција, разработена од миланскиот Институт за меѓународни политички истражувања (ISPI) под раководство на професорот Карло Санторо. 
Согласно моделот на Санторо, во сегашниов миг човештвото се наоѓа во преоден стадиум од биполарен свет кон мондијалистичка верзија на мултиполарност (сфатена геоекономски, како кај Атали). Меѓународните институции (ООН итн.), кои за оптимистичкиот мондијализам на Фукујама се доволно развиени за да можат да станат јадро на „Светската Влада“, Санторо ги смета, напротив, за неединствени, ја одразуваат застарената логика на биполарната геополитика. Уште повеќе, целиот свет во себе го носи постојаниот отпечаток од „студената војна“, геополитичка логика која останува доминантна. Санторо предвидува дека таквата ситуација не мож,е а да не заврши со период на цивилизациски катастрофи.
Понатаму, тој го излага претпоставеното сценарио на тие катастрофи: 
1) Натамошно слабеење на улогата на меѓународните институции;
2) Пораст на националистичките тенденции во државите кои влегуваа во Варшавскиот договор и во Третиот свет.Тоа води кон хаотични процеси;
3) Дезинтеграција на традиционалните блокови (тоа нема да влијае врз Европа) и прогресивен распад на постојни држави;
4) Почеток на епоха на војни од мал и среден интензитет, што ќе резултира со нови геополитички формации;
5) Опасноста од планетарен хаос ги тера различните блокови да ја признаат неопходноста од создавање на нови меѓународни институции, кои ќе поседуваат огромна власт, што фактички ќе го означи воспоставувањето на Светска Влада;
6) Конечно, создавање на планетарна држава под контрола на новите меѓународни институции (Светската Влада). (Prof. Carlo Santoro "Progetto di ricarca multifunzionale 1994 - 1995 -- I nuovi poli geopolitici", Milano)
Тој е привремен модел помеѓу мондијалистичкиот оптимизам на Френсис Фукујама и атлантистичкиот песимизам на Семјуел Хантингтон. 
 

Глава 4. Применета геополитика

4.1 „Внатрешна геополитика“, школата на Ив Лакост

Геополитичката ренесанса во Европа е поврзана со дејноста на географот Ив Лакост, кој во 1976 година го основал списанието „Херодот“, во кое за првпат во повоена Европа почнале регуларно да се објавуваат геополитички текстови. Особено треба да се нагласи дека на чело стоеше човек близок до левите политички кругови тогаш кога до тој момент во Европа со геополитика се занимаваа само маргинални десни, националистички кругови. 
Во 1983 година, списанието „Херодот“ во поднаслов го воведува „Списание за географија и геополитика“ и од тој миг почнува вториот живот на геополитиката, оттогаш официјално призната како посебна политолошка дисциплина која помага при комплексни анализи на ситуации. 
Ив Лакост стреми да ги адаптира геополитичките принципи во современата ситуација. Самиот Лакост не ги разделува ниту „органистичкиот пристап“, својствен на континенталната школа, ниту чисто прагматскиот и механички геополитички утилитаризам на идеолозите на Sea Power. Од негова гледна точка, геополитичките размислувања служат само за „оправдување на соперничките стремежи на институциите на власта во однос на определени територии и населението во нив“ (Yves Lacoste "Dictionnaire Geopolitique", Paris, 1986). Тоа може да ги засега како меѓународните односи така и тесно регионалните проблеми. 
Кај Лакост, геополитиката останува само инструмент за анализа на конкретна ситуација, а сите глобални теории кои лежат во основата на таа дисциплина се спуштаат до релативни, историски предизвикани концепции. 
На тој начин, Лакост предлага совршено нова определба на геополитиката, фактички како нова дисциплина. Тоа повеќе не е континентален начин на размислување, заснован врз фундаменталниот планетарен цивилизациско-географски дуализам, спрегнат со глобалните идеолошки системи, туку искористување на извесни методолошки модели, кај традиционалните геополитичари присутни во општ контекст, но во дадениот случај земени како нешто самостојно. Тоа е „деглобализација на  геополитиката“, нејзино сведување на тесен аналитички метод. 
Таквата геополитика го добила називот „внатрешна геополитика“ (la geopolitique interne), бидејќи она се занимава само со локалните проблеми. 

 
4.2 Електорална „геополитика“

За разновидноста на таквата внатрешна геополитика има специјална методика, разработена за проучување на врските меѓу политичките симпатии на населението и територијата на која тоа население живее. Предвесник на таквиот пристап бил Французинот Андре Зигфрид (1875-1959), политички деец и географ. Со него се поврзуваат првите обиди да се истражи „внатрешната геополитика“ применета на политичките симпатии на овие или оние региони. Со него се врзуваат и првите формулации на закономерностите кои лежат во основата на „електоралната геополитика“ од новата школа на Ив Лакост. 
Зигфрид напишал: 
"Секоја партија или, поточно, секоја политичка тенденција, има своја привилегирана територија; лесно се забележува дека, слично на тоа дека постојат геолошки или економски региони, исто така постојат и политички региони. Политичката клима може да се проучува исто како и природната. Јас забележав дека, без оглед на лажливата привидност, општественото мнение, во зависност од регионот, чува одредена постојаност. Под постојано менливата слика на политичките избори може да се видат подлабоки и попостојани тенденции, кои го одразуваат регионалниот темперамент." (Andre Siegfried "Tableau politique de la France de l'Ouest sous la Troisieme Republique", Paris, 1913) 

Во школата на Лакост таа теорија се стекнала со ситематски развој и станала примарен социолошки инструмент кој широко се користи во политичката пракса. 
 

4.3 Медиакратијата како „геополитички“ фактор

Ив Лакост си поставил задача во геополитиката да внесе нови критериуми, својствени за информациското општество. Најголемо значење помеѓу информационите системи, директно влијателни врз геополитичките процеси, имаат средствата за масовна комуникација, особено телевизијата. Во современото општество не доминира концептуално-рационалениот пристап туку силата на „сликата“ („имиџот“). Политичките, идеолошките и геополитичките погледи,  кај значителен дел од општеството се формираат исклучиво врз основа на телекомуникациите. Медиумската „слика“ се јавува како расчленета синтеза, во која веднаш се сосредоточени неколку пристапи: етнички, културен, идеолошки, политички. Синтетичкиот квалитет на „имиџот“ него го зближува со оние категории со кои геополитиката традиционално оперира. 
Во информативна репортажа од која било горлива точка, за која ништо не се знае, жителот на главниот град, на пример, треба за најкусо време да си претстави географски, историски, религозен, економски, културен и етнички профил на регионот, а исто така да стави акценти соодветни на тесно зададената политичка цел. На тој начин, професијата новинар (особено телевизиски новинар) се зближува со професијата геополитичар. Мас-медиумите во современото општество веќе играат не чисто помошна улога како порано туку стануваат најмоќен самостоен геополитички фактор, способен да изврши силно влијание врз историската судбина на народите. 
 

4.4 Историја на геополитиката

Постои уште една насока во рамките на општиот процес на „преродба“ на европската геополитика - историја на геополитиката. Таа не се јавува во целосното значење на зборот геополитичка, бидејќи нејзина задача е историска реконструкција на оваа дисциплина, работа со извори, хронологии, систематизација, библиографски податоци итн. Во извесна смисла, се работи за „музејски пристап“ кој не претендира на никакви исходи и генерализација во однос на некоја актуелна ситуација. Таквата историска линија во прв ред е претставена во делата на Пјер-Мари Голуа и автори како Ерве Куто-Бегари, Жерар Шалјан, Ханс-Адолф Јакобсен и други. 
Во рамките на таа иницијатива се објавуваат и реиздаваат текстови на историските геополитичари Макиндер, Мехен, Челен, Хаусхофер итн. 
Таков вид историски истражувања често се објавуваат во француското списание „Херодот“ и во новото италијанско геополитичко списание „Limes“, кое го издава Лучо Карачоло и Мишел Коренман, со учество и на Лакост. 
 

4.5 „Применетата геополитика“ не е геополитика

Применетата или „внатрешна геополитика“ развиена од Ив Лакост, а исто и од другите крупни специјалисти како Мишел Коренман, Пол-Мари де ла Грос итн. е карактеристична за современата европска политологија и свесно ги избегнува концептуалните генерализации и футуролошки разработки. Во тоа се состои принципиелната одлика на целиот овој правец, особено развиен во Франција и Италија, од атлантистички и мондијалистички школи кои се наоѓаат во САД и Англија. 
Применетата геополитика има многу малку врски со историската, довоена геополитика за разлика од атлантизмот и мондијализмот, а не говорејќи за „континенталистичката“ традиција. Тоа е чисто аналитичка, политолошка, социолошка методологија и ништо повеќе од тоа. Затоа, помеѓу неа и планетарните глобални проекти, геополитичарите треба да прават разлика. Во суштина, станува забор за две дисциплини кои ги зближуваат само терминологијата и некои методи. Игнорирајќи го геополитичкиот дуализам, сметајќи го или за надминат, или за несуштествен, или едноставно се пројавува како основен предмет на проучување, „применетата геополитика“ престанува да биде геополитика во самата смисла на тој збор и станува само разновидна статистичко-социолошка методика. 
Реалните геополитички решенија и проекти, поврзани со судбината на Европа и на народите кои ја населуваат, се разработуваат во други институции, поврзани со стратегиските центри на атлантизмот и мондијализмот. Така, проектот за европска интеграција бил изработен исклучиво со напорите на интелектуалците-соработници на „Трилатералната комисија“, т.е. во мондијалистичката наднационална организација, која нема ниту строг правен статус ниту политичка легитимност. Французинот Жак Атали ги разви своите геополитички теории врз основа на податоците имено на таа организација чиј член е и тој, а не врз основа на „применетата“ геополитика од современите европски школи. 
 

Глава 5. Геополитиката на европската „Нова десница“

5.1 Европа на сто знамиња - Ален де Бенуа

Една од немногуте европски геополитички појави кои ја чуваат нераскинливата врска со идеите на довоените германски геополитичари-континенталисти е „Новата десница“. Тој правец се појавил во Франција кон крајот на 60-те години и е поврзан со фигурата на лидерот на тоа движење, философот и публицист Ален де Бенуа. 
„Новата десница“ остро се разликува од традиционалните француски десни монархисти, католици, германофоби, шовинисти, антикомунисти, конзервативци и други практично по сите точки. Во почетокот, „левиот камп“, традиционално крајно влијателен во Франција, го сметаше тоа за „тактички маневар“ на обичната десница, но со времето сериозноста на еволуцијата беше докажана и признаена од сите.
Еден од фундаменталните принципи на идеологијата на „Новата десница“, чиј аналогни движење во поново време се појавија и во други европски држави, е принципот на „континентална геополитика“. За разлика од „старата десница“ и класичните националисти, Де Бенуа сметал дека принципот на центристичка држава-нација (Etat-Nation) е историски исцрпен и дека иднината му припаѓа само на „Големото Пространство“. Притоа, основа на таквите „Големи пространства“ треба да станат не толку обединувањата на разни држави во прагматичен политички блок, туку влегување на етничките групи од различен обем во единствена „Федерална империја“ на еднакви основи. Таквата „Федерална империја“ треба да биде стратегиски единствена, а етнички диференцирана. Притоа, стратегиското единство треба да се поткрепува со единство на првобитната култура. 
„Големото Пространство“, кое повеќе од сè го интересираше Де Бенуа, е Европа. „Новите десничари“ сметаа дека народите на Европа имаат заедничко индоевропско потекло, единствен извор. Тоа е принципот на „заедничко минато“. Но, околностите во современата епоха во која се активни тенденции за стратегиски и економски интеграции, неопходни за поседување автохтон геополитички суверенитет, диктираат неопходност од обединување и во чисто прагматска смисла. На тој начин, народите на Европа се осудени на „заедничка иднина“. Од тоа Де Бенуа поентира во насока дека основен геополитички принцип треба да стане тезата „Единствена Европа на сто знамиња“ (Alain de Benoist "Les idess a l'endroit", Paris, 1979). Во таква перспектива, како и во сите концепции на „новата десница“, јасно се следи стремежот да се спојат „конзервативните“ и „модернистичките“ елементи, т.е. „десното“ и „левото“. Во последните години, „новите десничари“ се откажаа од таквата определба, сметајќи дека тие се „десни“ во исто толкава степен колку што се и „леви“.
Геополитичките тези на Де Бенуа се засноваат врз утврдување на „континенталната судбина на Европа“. Во тоа, тој целосно ја следи концепцијата на школата на Хаусхофер. Од ова произлегува карактеристичното за „новите десничари“ спротивставување на „Европа“ и „Западот“. За нив, „Европа“ е континентална геополитичка формација, заснована на етничка ансамблеа со индоевропско потекло, и има заеднички културни корени. Тоа е традиционален поим. „Западот“, напротив, е геополитички и историски поим, поврзан со современиот свет, кој ги отфрла етничките и духовни традиции, издигнувајќи ги чисто материјалните и квантитативни критериуми на постоењето; тоа е утилитарна и рационалистичка, механицистичка буржоаска цивилизација. Најконечен дострел на западот и неговата цивилизације се САД. 
Од ова произлегува конкретниот проект на „новите десничари“. Европа треба да се интегрира во „Федерална Империја“, противопоставена на Западот и на САД, при што треба да се зајакнат регионалните тенденции, бидејќи регионите и етничките малцинства зачувале повеќе традиционални црти, додека мегаполисите и културните центри се поразени од „духот на Западот“. Франција, притоа, треба да се ориентира кон Германија и Средна Европа. Оттука и интересот на „Новата десница“ и за Де Гол и за Фридрих Нојман. На ниво на практична политика, почнувајќи од 70-те години, „новата десница“ се залага за строг стратегиски неутралитет на Европа, за излегување од НАТО, за развој на самостоен европски атомски потенцијал. 
Во однос на СССР (подоцна Русија), позицијата на „новата десница“ еволуирала. Почнувајќи од класичната теза „Ни Запад, ни Исток, туку Европа“, тие еволуираа кон тезата „Пред сè Европа, но попрво со Истокот отколку со Западот“. На практично ниво, првичниот интерес кон Кина и проектите за организирање стратегиски сојуз на Европа со Кина - заради противдејство „како на американизмот така и на советскиот империјализам“ - го замени умерена „советофилија“ и идејата за сојуз на Европа со Русија.
Геополитиката на „новата десница“ е ориентирана радикално антиатлантистички и антимондијалистички. Тие судбината на Европа ја гледаат како антитеза на атлантистичките и мондијалистичките проекти. Тие се противници на „таласократијата“ и на концепцијата за Еден Свет - One World. 
Треба да се одбележи дека во услови на тотална стратегиска и политичка доминација на атлантизмот во Европа во периодот на Студената војна, геополитичката позиција на Де Бенуа (теоретски и логички беспрекорна) толку многу контрастираше со „нормите на политичко мислење“, така што не можеше никако да добие широка распространетост. Тоа беше своевидно „дисидентство“ и, како и секое „дисидентство“ и „нонконформизам“, имаше маргинален карактер. До сега, интелектуалното ниво на „новите десничари“, високиот квалитет на нивните публикации, па и многубројноста на нивните следбеници среде европските академски кругови, остро контрастираат со ништожното внимание кое им го доделуваат институциите на власта и аналитичките структури кои ја опслужуваат власта со геополитички проекти. 
 

5.2 Европа от Владивосток до Даблин - Жан Тириар

Нешто поразлична верзија на континенталистичка геополитика разви еден друг европски „дисидент“, Белгијанецот Жан Тиријар (1922-1992). Од почетокот на 60-те години, тој бил водач на сеевропското радикално движење „Млада Европа“. 
Тириар ја сметал геополитиката за главна политолошка дисциплина, без која е невозможно да се изгради рационална и далекугледна политичка и државна стратегија. Следбеник на Хаусхофер и Никиш, тој себе си се сметал за „европски национал-болшевик“ и градител на „Европската Империја“. Имено, неговите идеи го поттикнаа поголемиот развој на „новата десница“. 
Жан Тиријар својата политичка теорија ја изгради врз принципот на „автархија на големите пространства“. Развиена во средината на XIX-от век од страна на германскиот економист Фридрих Лист, таа теорија утврди дека целосниот стратегиски и економски развој на државата е можен само во случај ако таа има доволен геополитички обем и големи територијални можности. Тириар тој принцип го применил кон актуелната ситуација и дошол до заклучок дека светското значење на европските држави ќе биде засекогаш загубено доколку тие не се обединат во единствена Империја, противположна на САД. Притоа, Тириар сметал дека таквата „Империја“ не треба да биде „федерална“ и „регионално ориентирана“, туку делумно унифицирана, централистичка, соодветно на јакобинскиот модел. Тоа е должно да стане моќен и единствен континентално Држава-Нација. Во тоа се состои основната разлика помеѓу погледите на Де Бенуа и Тириар. 
Кон крајот на 70-те години, погледите на Тириар пртрпеле извесна промена. Анализата на геополитичката ситуација го довела до констатација дека големината на Европа се уште не е доволна за да се ослободи од американската таласократија. Следствено, како главен услов за „ослободување на Европа“ се јавува нејзиното обединување со СССР. Од геополитичката шема која вклучува три основни зони - Запад, Европа, Русија (СССР) - тој премина кон шема од само две зони - Запад и Евроазискиот континент. Притоа, Тириар дошол до радикалната констатација дека за Европа е подобро да го избере советскиот социјализам отколку англосаксонскиот капитализам. 
Така се појавил проектот за „Евро-советска империја од Владивосток до Даблин“ (Jean Thiriart "L'Empire Eurosovietique de Vladivistok jusque Dublin", Brussell, 1988). Во него речиси пророчки се опишани причините кои ќе го доведат СССР до слом доколку тој во најкусо време не преземе активни геополитички чекори во Европа и на Југ. Тириар сметал дека идеите на Хаусхофер во однос на „континенталниот блок Берлин-Москва-Токио“ се актуелни во највисок степен и до денешни времиња. Важно е дека тие тези Тириар ги изложил 15 години пред распадот на СССР, апсолутно точно претскажувајќи ги неговата логика и причини. Тириар превзел обиди своите погледи да ги достави до советските раководители. Но, тоа не му успеа, иако во 60-те години тој имаше лични средби со Насер, Жоу Енлај и со повисоки југословенски раководители. Значаен е фактот дека Москва го отфрлила неговиот проект за организирање во Европа на илегални „одреди за европско ослободување“ за терористичка борба против „агентите на атлантизмот“. 
Погледите на Жан Тиријар лежат во основата на штотуку активираното нонконформистичко движење на европските национал-болшевици („Европски фронт за Ослободување“). Тие целосно пристапуваат кон проектот за современо руско неоевроазиство.
 

5.3 Да се мисли континентално - Јордис фон Лохаузен

Многу близок до Тириар е австрискиот генерал Јордис фон Лохаузен. За разлика од Тириар или Де Бенуа, тој не учествувал директно во политички дејности и не создавал конкретни социјални проекти. Тој се придржувал до строго научениот пристап и се ограничувал на чиста геополитичка анализа. Неговата појдовна позиција е истата како и кај национал-болшевиците и кај „новите десничари“. Тој е континенталист и следбеник на Хаусхофер. 
Лохаузен смета дека политичката власт има шанси да стане долговечна и истрајна само тогаш кога владетелите не размислуваат во дневнополитички и локални категории, туку во „илјада години и континенти“. Неговата главна книга така и се вика: „Храброста да се владее. Да се размислува за континенти“ (Jordis von Lohausen "Mut zur Macht. Denken in Kontinenten", Berg, 1978). 
Лохаузен смета дека глобалните територијални, цивилизациски, културни и социјални процеси стануваат разбирливи само во случај кога тие се гледаат со „далекувидна“ перспектива која тој ѝ ја спротивставува на историската „кратковидност“. Власта во човековото општество, од која зависи изборот на историскиот пат и на најважните решенија, треба да се раководи само од општи шеми кои на оваа или онаа држава или народ им дозволува да си најдат место во огромната историска перспектива. Затоа, како основна дисциплина, неопходна за определување на стратегија од страна на власта, се јавува геополитиката во традиционалната смисла на оперирање со основните категории, оттргната од аналитичките парцијалности (а не „внатрешната“ применета геополитика на школата на Лакост). Современите идеологии, најновите технолошки и цивилизациски достигнувања безусловно го менуваат релјефот на светот, но не можат да ги сменат неколкуте основни закономерности поврзани со природните и културните циклуси кои се одвиваат со илјадници години. 
Такви глобални категории се просторот, јазикот, етносот, ресурсите итн. 
Лохаузен ја предлага следната формула за владеење: 
„Моќ = Сила х Местоположба“

Тој појаснува: 

„Бидејќи Моќта е сила, помножена со местоположбата, само благопријатна географска положба два можност за целосно развивање на внатрешните сили“. (Ibidem)

На тој начин, власта (политичка, интелектуална итн.) директно се поврзува со просторот. 
Лохаузен ја одвојува судбината на Европа од судбината на Западот, сметајќи ја Европа за континентална формација, привремено потпадната под контрола на таласократијата. Но, за политичко ослободување на Европа ѝ е неопходен просторен (позиционен) минимум. Таков минимум се остварува само преку обединувањето на Германија, интеграциони процеси во Средна Европа, пресоздавање на територијалното единство на Прусија (разделена помеѓу Полска, СССР и ГДР) и натамошно собирање на европските држави во нов самостоен блок, независен од атлантизмот. Важно е да се одбележи улогата на Прусија. Лохаузен (по Никиш и Шпенглер) смета дека Прусија е најконтинентален „евроазиски“ дел од Германија, и дека, кога престолнина на Германија би бил не Берлин туку Кенигсберг, европската историја би тргнала кон друго, поправилно лежиште, ориентирана на сојуз со Русија против англосаксонсата таласократија. 
Лохаузен сметал дека иднината на Европа во стратегиска перспектива е незамислива без Русија и, обратно, на Русија (СССР) Европа ѝ е неопходна, бидејќи без неа таа е геополитички некомплетна и ранлива за Америка чија местоположба е многу подобра и, следствено, чија моќ порано или подоцна ќе го надвладее СССР. Лохаузен нагласуваше дека СССР на Запад би можел да има четири Европи: „Непријателска Европа, Подчинета Европа, Опустошена Европа и Сојузничка Европа“. Првите три варијанти се неизбежни при чување на тој курс на европската политика која СССР ја воведе во текот на „студената војна“. Само стремежот по секоја цена Европа да се направи „сојузничка и пријателска“ може да ја исправи фаталната геополитичка ситуација на СССР и да стане почеток на нова етапа во геополитичката историја - етапата на евроазиството.
Позицијата на Лохаузен свесно се ограничува на чисто геополитички констатации. Идеолошките прашања тој ги одминува. На пример, геополитиката на бојарската Русија, на царската Русија или на СССР претставува за него единствен непрекинлив процес кој не зависи од промената на системот или идеологијата. Геополитички, Русија е heartland-от, а следствено, кога во неа не би имало режим, нејзината судбина би била предодредена од нејзината почва. 
Лохаузен, како и Тириар, одрано го предвидел распаѓањето на СССР, кој би бил неизбежен доколку СССР го следи својот вообичаен курс. Ако кај атлантистичките геополитичари на таквиот резултат се гледаше како на победа, Лохаузен во тоа видел, попрво, пораз на континенталните сили. Но, со таа нијанса што новите можности кои се отвораат по падот на советскиот систем можат да создадат благопријатни претпоставки за идно создавање на нов евроазиски блок, Континентална Империја, бидејќи определените ограничувања, диктирани од марксистичката идеологија, во тој случај би биле отстранети. 
 

5.4 Евроазиската Империја на Крајот - Жан Парвулеску

Романтичарска верзија изложува познатиот француски писател Жан Парвулеско. Првите геополитички теми во литературата се појавуваат веќе кај Џорџ Орвел, кој во антиутописката „1984“ опиша футуролошка поделба на планетата на три огромни континентални блокови „Источна-азија, Евроазија, Океанија“. Слични теми се среќаваат кај Артур Кестлер, Олдос Хаксли, Рајмон Аблеио итн. 
Жан Парвулеско геополитичките теми ги прави централни во сите свои дела, откривајќи со тоа нов жанр - геополитичка белетристика.
Концепцијата на Парвулеску е следната (Jean Parvulesco "Galaxie GRU", Paris, 1991): историјата на човештвото е историја на Моќта, на власта. Кон пристап до централните позиции во цивилизацијата, т.е. до самата Моќ, стремат разни полутајни организации, циклуси на постоење кои наголемо ја надминуваат активноста на обичните политички идеологии, династии, религиозни институции, држави и народи. Тие организации, кои во историјата се појавуваат под разни имиња, Парвулеско ги определува како „орден на атлантистите“ и „орден на евроазијците“. Меѓу нив се одвива многувековна борба во која учествуваат папи, патријарски, кралеви, дипломати, крупни финансиери, револуционери, мистици, генерали, научници, уметници итн. Сите социјално-културни пројави, на тој начин, се сведуваат на првичните, иако извонредно сложени, геополитички архетипови.
Тоа е доведена до логична граница геополитичка линија, чии позадини јасно се проследуваат веќе во целосно рационалните и оддалечени од „мистицизмот“ основачи на геополитиката како таква. 
Централна улога во сижеата на Парвулеско игра генералот Де Гол и основаната од него геополитичка структура, која по крајот на неговото владеење останува во тајност. Парвулеску тоа го нарекува „геополитички голизам“. Таквиот „геополитички голизам“ е француска аналогија на континентализмот на школата на Хаусхофер. 
Основна задача на членовите на таа линија е организирање на европски континентален блок „Париз-Берлин-Москва“. Во тој аспект, теоријата на Парвулеско се поистоветува со тезите на „новата десница“ и на „нацинал-болшевиците“.
Парвулеску смета дека денешната историска етапа е кулминација на многувековното геополитичко спротивставување, кога драматичната историја на континентално-цивилизациските дуели одат кон разврска. Тој предвидува скоро изникнување на гигантска континентална конструкција „Евроазиска Империја на Крајот“, а потоа и конечниот судир со „Империјата на Атлантистите“. Тој есхатолошки дуел, опишан со апокалиптичен тон, тој го нарекува „Endkampf“ („Конечна Битка“). Интересно е дека во текстовите на Парвулеску измислените ликови соодветствуваат со реални историски личности, со многу од кои авторот одржувал пријателски односи. Меѓу нив имало политичари од блиското опкружување на Де Гол, англиски и американски дипломати, поетот Езра Паунд, философот Јулиус Евола, политичарот и писател Рајмон Абелио, скулпторот Арно Бекер, членови на окултни организации итн. 
Без оглед на белетристичката форма на текстовите, Парвулеску има огромна геополитичка вредност, бидејќи во неговите статии, објавени кон крајот на 70-те, зачудувачки точно ја опишува ситуацијата која се одвиваше во светот кон средината на 90-те. 
 

5.5 Индискиот Океан како пат до светско владеење. Роберт Стојкерс

Како целосна спротивност на „геополитичкиот визионер“ Парвулеско се јавува белгискиот геополитичар и публицист Роберт Стојкерс, издавач на две престижни списанија - „Ориентасион“ и „Вулуар“. Стојкерс на геополитиката ѝ пристапил од исклучиво научни, рационалистички позиции, стремејќи се да ја ослободи таа дисциплина од сите „случајни“ слоеви. Но, следејќи ја логиката на „новата десница“ во академска насока, тој дошол до констатации поразително блиски со „пророштвата“ на Парвулеско.
Стојкерс исто така смета дека социјално-политичките и особено дипломатските проекти на различни држави и блокови, во каква било идеолошка форма тие да се облечени, претставуваат своевидно индиректно и привремено засолниште и израз на глобалните геополитички проекти. Во тоа тој го гледа влијанието на факторот „Земја“ врз човечката историја. Човекот е земно суштество (создадено од земја). Следствено, земјата, пространството, го предопределуваат човекот во неговите најзначајни пројави. Тоа е претпоставка за „геоисторија“.
Континентаната ориентација е приоритетна за Стајкерс; тој го смета атлантизмот за непријател на Европа, а судбината на европската благосостојба ја поврзува со Германија и Средна Европа (Robert Steukers "La Russie, L'Europe et L'Occident" dans "Orientation" № 4 nov.-dec. 1983). Стојкерс е приврзаник на активна соработка на Европа со земјите од Третиот свет и особено со арапскиот свет.
Заедно со тоа, тој го подвлекува огромното значење на Индискиот Океан за идната геополитичка структура на планетата. Индискиот Океан тој го определува како „Средишен Океан“, поставен меѓу Атлантскиот и Тихиот. Индискиот Океан се наоѓа точно на средината помеѓу источното крајбрежје на Африка и тихоокеанската зона, во која се наоѓаат Нов Зеланд, Австралија, Нова Гвинеја, Малезија, Индонезија, Филипините и Индокина. Морската контрола над Индискиот Океан е клучна позиција за геополитичко влијание истовремено над три најважни „големи пространства“ - Африка, јужно-евроазискиот rimland и тихоокеанскиот регион. Оттука произлегува стратегискиот приоритет на неколку мали острови во Индискиот Океан, особено Диего Гарсија кој е еднакво оддалечен од сите крајбрежни зони. 
Индискиот Океан е онаа територија на која треба да се сосредоточи евроазиската стратегија, бидејќи преку таа зона Европа може да влијае и врз САД, и врз Евроазија, и врз Јапонија, заклучува Стојкерс. Од негова гледна точка, решавачкото геополитичко спротивставување, кое треба да ја определи сликата за иднината во XXI-от век, ќе се  одвива имено на тоа пространство.
Стојкерс активно се занимава со историја на геополитиката и автор е на статиите за основачите на таа наука во новото издание на „Бриселската енциклопедија“.

5.6 Русија + Ислам = спас за Европа: Карло Терачано

Активен геополитички центар со континентална ориентација постои и во Италија. Во Италија, по Втората светска војна, повеќе отколку во другите европски земји се распространија идеите на Карл Шмит и, благодарение на тоа, геополитичкиот начин на мислење таму стана моше распространет. Освен тоа, имено во Италија повеќе од секаде беше развиено движењето „Млада Европа“ на Жан Тириар и, соодветно, идеите на континенталниот национал-болшевизам. 
Помеѓу многубројните политолошки и социолошки „новодесничарски“ списанија и центри кои се занимаваат со геополитика, особен интерес предизвикува миланското „Орион“, во кое во текот на последните десет години редовно се објавуваат геополитичките анализи на доктор Карло Терачано. Терачано ја изразува најкрајната позиција на европскиот континентализам, која целосно се граничи со евроазиството.
Терачано целосно ја применува сликата на Макиндер и Мехен и се согласува со  поделениот строг цивилизациски и географски дуализам. Притоа, тој еднозначно застанува на страната на heartland-от, сметајќи дека судбината на Европа целосно и наполно зависи од судбината на Русија и Евроазија, од Истокот. Континенталниот Исток е позитив, атлантистичкиот Запад негатив. Таков радикален пристап од страна на европејците се јавува дури и помеѓу геополитичарите со континентална ориентација, бидејќи Терачано не го акцентира специјалниот статус на Европа, сметајќи дека тоа е второстепен момент пред лицето на планетарната спротивставеност меѓу таласократијата и телурократијата. 
Тој целосно ја прифаќа идејата за единствена Евроазиска Држава, „Евро-советска Империја од Владивосток до Даблин“, што го зближува со Тириар, но притоа тој не ги прифаќа својствените за Тириар „јакобинството“ и „универзализамот“, залагајќи се за етно-културна разноликост и регионализам, што на свој начин го зближува со Ален де Бенуа. 
Потцртувањето на централноста на рускиот фактор кај Терачано соодветствува со друг интересен момент: тој смета дека најважниот момент во борбата со атлантизмот му припаѓа на исламскиот свет, особено на отворено антиамериканските режими: иранскиот, либискиот, ирачкиот итн. Тоа го води до заклучок дека исламскиот свет има повисок степен на изразени геополитички интереси. Притоа, тој како позитивна ја разгледува имено „фундаменталистичката“ верзија на Исламот. 
Конечната формула, која ги резимира геополитичките погледи на доктор Терачано е следнава: 
  Русија (heartland) + Ислам против САД (атлантизам, мондиализам) (Carlo Terracciano "Nel Fiume della Storia" in "Orion", Milano, №№ 22 -- 30, 1986 -- 1987)

Европа, Терачано ја гледа како плацдарм на руско-исламскиот антимондијалистички блок. Од негова гледна точка, само таква радикална поставеност на прашањето може објективно да доведе до изворна европска преродба. 
Блиски на погледите на Терачано се другите соработници на „Орион“ и интелектуалниот центар кој работи врз негова основа (проф. Клаудио Мути, Маурицио Мурели, социологот Алесандра Кола, Марко Батара итн.) Кон овој национал-болшевистички правец гравитираат и некои леви, социјал-демократски, комунистички и анархистички кругови во Италија, весникот „Уманита“, списанието „Нуови Ангулациони“ итн. 
 

Глава 6. Неоевроазиство

6.1 Евроазиската пасионарност: Лев Гумиљов

Најистакнат ученик на евроазиецот Савицки бил познатиот руски научник-историчар Лев Николаевич Гумиљов. Всушност геополитички теми во своите дела тој не зафаќал, но неговата теорија за етногенезата и етничките циклуси отворено ја продолжуваат линијата на „органистичкиот“ пристап и делумно на „географскиот детерминизам“, кои ја сочинуваат суштината на геополитиката уште од Ратцел, Челен, Хаусхофер итн.. 
Особено важни се истражувањата на Гумиљов во однос на древните периоди на етничката карта на Евроазија, на степските, номадски народи и нивните цивилизации. Од неговите дела се составува совршено ново видување на политичката историја, во која евроазискиот Исток истапува не просто како вараварска земја на периферијата на цивилизацијата (присоединета кон западната цивилизација) туку како самостоен и динамичен центар на етногенеза, култура, политичка историја, државен и технички развој. Западот и неговата историја се релативизираат, евроазиската култура и соѕвездието од евроазиски етноси се покажуваат како многудимензионален и совршено неистражен свет со свои школи на вредност, религиозни проблеми, историски закономерности итн.
Гумиљов ја развива и ја доведува до логичен заклучок општоевроазиската идеја за тоа дека етничките Великоруси, Русите, не се просто гранка од источните словени, туку посебен етнос, создаден врз основа на турско-словенските спојувања. Оттука индиректно произлегува основаноста на руската контрола над оние евроазиски земји кои се населени со турански етноси. Великоруската цивилизација се создала врз основа на туранско-словенската етногенеза, која на географски план се остварила како историски сојуз помеѓу Шумата и Степата. Имено, геополитичкото спојување на Шумата и Степата ја создава историската суштина на Русија, определувајќи го карактерот на нејзината култура, цивилизација, идеологија, политичка судбина. 
Гумиљов, заедно со Шпенглер и Тојнби, изделува циклуси на цивилизациите и културите, а исто така и на соодветните етноси. Од негова гледна точка, етнокултурните образувања на нациите, државите и религиозните заедници во сè се слични на живите организми. Тие минуваат период на раѓање, младост, зрелост и стареење, а потоа исчезнуваат или се претвораат во т.н. „реликти“. Во ова повторно отворено е забележливо влијанието на „орагнистичката философија“, заедничка за сите континентални геополитички школи. 
На повисок степен интересни се теориите на Гумиљов во однос на причините за етногенезата, т.е. раѓањето на народите или државите. За опишување на тој процес, тој го воведува терминот „пасионираност“ или „пасионаран судир“ (Л.Гумилев "Этногенез и биосфера земли ", Ленинград, 1990). Тоа е необјаснив спој на биолошка и духовна енергија кој одненадеж го придвижува слабото историско постоење на „старите“ народи и култури, зафаќајќи на различен начин создадени во динамичен порив етнички и религиозни групи за просторна, духовна и техничка експанзија, што доведува до завојување и фузија на разнородни останати етноси во нови активни и животоспособни облици. Високата и целосна пасионираност и динамичкиот процес на етногенезата во нормален случај водат кон возникнување на посебен суперетнос кој соодветствува не толку на национално-државотворен облик на политичка организација колку на империја. 
Пасионираноста постепено згаснува. Како замена на „пасионизмот“ (за Гумиљов тоа е позитивна категорија, која тој ја изедначува со „хероизмот“, со етичкиот стремеж кон непристрасно создавње во име на верноста кон националната традиција) доаѓа „актуализмот“, т.е. загриженост само за сегашниот момент на одделувањето од традицијата, без оглед на судбината на идните поколенија. Во таа фаза се појавува „пасионарната пукнатина“ и етногенезата влегува во негативен стадиум на конзервација и почеток на распадот. Натаму следува „футуристичката“ фаза во која доминира типот на бессилни „мечтатели“, „фантазери“, „религиозни ескаписти (анг. Escape – индивидуи кои се стремат од реалноста да пребегнат во ифолошки свет – знп)“, кои ја губат верата во околното битие и се стремат да влезат во „екстраземското“. Гумиљов тоа го смета за предзнак на конечниот пад. Етносот деградира, суперетносот се распаѓа на составни делови, империјата се урива. 
Таквата ситуација продолжува сè до новиот „пасиониран судир“, кога се појавува нов, свеж етнос и провоцира нова етногенеза, во која се претопуваат остатоците од старите конструкции. Притоа, некои етноси се зачувуваат во „реликтна“ состојба (Гумиљов нив ги нарекува „химери“), а другите исчезнуваат во динамиката на новиот етногенетички процес. 
Особено важна е констатацијата на Гумиљов во однос на тоа дека Великорусите се релативно „свеж“ и „млад“ етнос кој во себе го сплотува „суперетносот“ на Русија-Евроазија или на евроазиската Империја. 
Од евроазиството на Гумиљов се изведуваат следниве геополитички исходи (кои тој самиот не ги објавил од политички причини, претпочитајќи да остане строго во рамките на историската наука).
1) Евроазија претставува своевидна полнозначно „место-развој“, плодородна најбогата почва за етногенеза и културогенеза.
Следствено, треба да се научи светската историја да се гледа не само со едностраната оптика „Западот и сите останати“ (како што тоа е својствено за атлантистичката историографија) туку мултиполарно, при што северна и источна Евроазија претставуваат своевиден посебен интерес, бидејќи се јавуваат како алтернатива на Западот, извори на најважните планетарни цивилизациски процеси. Во своите дела, Гумиљов дава разгранета слика на тезите на Макиндер за „географската оска на историјата“ и ја исполнува таа оска со конкретни историски и етнички содржини. 
2) Геополитичката синтеза меѓу Шумата и Степата, која лежи во основата на великоруската државотворност, претставува клучна реалност за културно-стратегиска контрола над Азија и Источна Европа. Притоа, таквата контрола би го помогнала хармоничниот баланс меѓу Истокот и Западот, тогаш кога културната ограниченост на западната цивилизација (Шумата) при нејзиниот стремеж за доминација се спроведува со целосно неразбирање на културата на Истокот (Степата), водејќи само кон конфликти и потреси. 
3) Западната цивилизација се наоѓа во последниот опаѓачки стадиум на етногенезата, пројавувајќи се како конгломерат од „химериски“ етноси. Следствено, центарот на гравитацијата несомнено ќе се премести кај помладите народи. 
4) Возможно е исто така дека во блиска иднина ќе дојде до некој непретскажлив и непредвидлив „пасиониран судир“, кој остро ќе ја измени политичката и културната карта на планетата, бидејќи доминацијата на „реликтните“ етноси не може долго да се одржува. 
 

6.2 Новите руски евроазијци

Самиот Гумиљев не формулира геополитички исходи врз основа на својата слика на светот. Тоа го направиле неговите следбеници во периодот на слабеењето на (а потоа и на откажувањето од) марксистичката идеолошка цензура. Таквиот правец во целост го доби називот „неоевразиство“, кое има неколку разновидности. Не сите од нив ги наследуваат идеите на Гумиљов, туку во целина неговото влијание врз таа геополитичка идеологија е колосално. 
Неоевроазиството има неколку разновидности. 
Првата (најосновна и најразвиена) представува завршена и многудимензионална идеологија која ја формулирале извесни политички кругови од националната опозиција, спротивставени на либералните реформи во периодот 1990-1994 година. Станува збор за група интелектуалци, обединети околу весникот „Ден“ и списанието „Елементи“ (Francoise Thome "Eurasisme et Neo-Eurasisme" dans "Commentaire", ete 1994, № 66). 
Тоа неоевроазиство се заснова врз идеите на П. Савицки. Г. Вернадски, кнезот Н. Трубецкој, а исто така и на идеологот на рускиот национал-болшевизам Николај Устрјалов. Анализата на историските евроазијци се покажува во повисока степен актуелна и целосно применлива кон сегашната ситуација. Тезите за национална идеократија со империјален континентален обем истовремено им се спротивставуваат и на либералното западништво и на тесно-етничкиот национализам. На Русија се гледа како на оска на геополитичкото „големо пространство“, нејзината етичка мисија еднозначно се поистоветува со градењето империја. 
На социјално-политичко ниво, тој правец еднозначно гравитира кон евроазиски социјализам, сметајќи ја либералната економија за карактеристичен симбол на атлантскиот камп. Советскиот период на руската империја се разгледува во сменовеховската перспектива како модернистички облик на традиционалниот руски национален стремеж кон планетарна експанзија и кон „евроазиски антиатлантистички универзализам“. Оттука и „прокомунистичките“ тенденции на таа верзија на неоевроазиството. 
Наследството на Лев Гумиљев се прифаќа, но притоа теоријата на пасионираноста се судира со учењето за „кружење на елитите“ на италијанскиот социолог Вилфред Парето, а религиозните погледи на Гумиљов се кореигираат врз основа на школата на европските традиционалисти (Генон, Евола итн.). 
Идеите на традиционалистите за „криза на современиот свет“, „деградација на Западот“, „десакрализација на цивилизацијата“ итн. се важна компонента на неоевроазиството, дополнувајќи ги и развивајќи ги оние моменти кои од руските автори беа претставени само интуитивно и фрагментирано. 
Освен тоа, темелно се истражуваат европските континенталистички проекти (Хаусхофер, Шмит, Никиш, „новата десница“ итн.), за сметка на што хоризонтите на евроазиската доктрина се распространуваат и во Европа, сфатена како потенцијална континентална сила. Тој мотив е совршено туѓ за историските евроазијци-емигранти, кои основните дела ги пишуваа кога САД се уште немаа самостојно геополитичко значење, а тезата за разликување на Европа од Западот се уште не го беше добила должното развивање. Неоевразиството, преку европските континенталисти, ја признава стратегиската важност на Европа за геополитичкото заокружување и целосност на евроазиското Големо пространство, особено имајќи го предвид факторот на неодржливата поделба на геополитичката карта на Европа доведе до пораз на СССР во Студената војна. 
Друга особеност на неоевроазиството е изборот на исламските држави (особено на континенталниот Иран) во својство на најважен стратегиски сојузник. Идејата за континентален руско-исламски сојуз лежи во основата на антиатлантистичката стратегија на југозападниот брег на евроазискиот континент. На доктринално ниво, тој сојуз се засновува врз традиционалниот карактер на руската и исламската цивилизација, што ги обединува во спротивставеност кон антитрадиционалистичкиот, светско-прагматичен Запад. 
Во таа насока на неоевроазиство, сликата на сите геополитички проекти применливи на актуелната ситуација се остваруваат во целост, бидејќи и идеолошки, и стратегиски, и политички, и позиционо, неоевроазиското движење претставува своевидна најцелосна, непротивречна, заокружена и историски оправдана спротивставеност на сите разновидни западни геополитички проекти (како атлантистички така и мондијалистички). 
Мондијализмот и атлантизмот изразуваат две разновидности на геополитичката идеологија на крајниот Запад. Европеизмот и умерениот континентализам на европските геополитичари претставува своевидна моментална минлива реалност. И конечно, неоевроазиството на „Ден“ и особено на „Елементи“ изразува радикално антизападна точка на гледање, зближувајќи се со сите останати алтернативни геополитички проекти, од европскиот национал-болшевизам до исламскиот фундаментализам (или исламскиот „социјализам“) сè до национално-ослободителните движења во сите краеви на Третиот свет. 
Другите разновидности на неоевроазиството се понезначајни и претставуваат своевидна адаптација на целиот комплекс од повеќенаменски идеи кон променливата политичка реалност: или станува збор за прагматично еконономско „евроазиство“, со цел да се возобноват економските односи меѓу поранешните републики на СССР (проектот на претседателот на Казахстан Н.Назарбаев), или за основа за експанзионистички тези („великодржавниот“ проект на В. Жириновски), или за чисто реторичко повикување на „евроазиско единство“ за зачувување на единството на руските и националните малцинства (во најголем дел етнички Турани и муслимани) во составот на РФ (проект на некои дејци од владата на Б. Елцин), или за чисто историски интерес кон наследството на кружокот Савицки, Трубецкој, Сувчински, Кершавин и други во емиграцијата. Но, сите тие верзии се неизоставно вештачки, фрагментарни, недоследни и не можат да претендираат на самостојна и сериозна геополитичка идеологија и методологија. Затоа, подетално осврнување кон нив нема особена смисла. 
Да забележиме само дека разновидните апели за евроазиство и Евроазија кои тие ги користат, директно или индиректно упатуваат на тој неоевроазиски проект, кој е изработен во круговите на опозицијата и оформен со работата на авторите на „Ден“ и „Елементи“, бидејќи само во тој контекст употребата на зборот „евроазиство“ е оправдано и доследно на руската геополитичка школа и прифатливо за следбениците на геополитичките проекти од планетарен обем кои постојат во Русија. 

 
6.3 Кон нова биполарност

Неоевразиството, покрај своето интелектуално наследство и општите принципи на континенталната геополитика, стои пред лицето на нови проблеми, поставени во облик на последните геополитички проекти на Западот. И уште повеќе, тој геополитички правец придобива значење имено во толкава мерка во колкава што тој не само што е способен да ја објасни геополитичката логика на претходните историски настани, туку и да изработи поврзан футуролошки проект, способен да се спротивстави на проектите на Западот. 
Победата на Западот во „студената војна“ концептуално го означува крајот на биполарниот и почетокот на еднополарниот свет. Притоа, доколку чистите атлантисти (Хантингтон) претпоставуваат дека таа еднополарност во однос на победничкиот Запад (The West) ќе го принудува постојано ги решава растечките меѓуцивилизациски конфликти со „сиот останат свет“ (The Rest), тогаш мондијалистите (Фукујама, Атали) ја гледаат непречената доминација на Западот над целата планета како нешто веќе постоечко и завршен факт. Дури и самата конфликтна варијанта на професорот Санторо претпоставува, на крајот од краиштата, воспоставување на Светска влада. 
Тоа се проектите на геополитичките победници кои денес располагаат со неспорна предност и стратегиска иницијатива, со кои неопходно треба да се земаат во превид во највисок степен. Сите тие се сведуваат на едно: на планетата порано или подоцна треба да победи универзализмот од западен тип, т.е. атлантистичкиот, таласократски систем на вредности треба да доминира насекаде. Биполарниот свет од времето на студената војна се смета за целосно надминат. За Евроазија и евроазиството во таквата слика едноставно нема место. Сето тоа е логично и произлегува директно од работата на првите англосаксонски геополитичари кои се стремеа сеопфатно да ги ослабнат силите на Копното, подривајќи ја неговата моќ и задржувајќи го неговиот развој со разноразни стратегиски методи, особено со стратегијата на „анакондата“, т.е. со жестока контрола врз сè поголеми и поголеми сектори на rimland-от. 
Неоевроазиството не може, останувајќи самото со себе, да ја признае правосилноста на таквата положбата и е осудено на тоа да бара можности сите тие процеси да ги преобрати. И тоа почнува од најцентралното прашање, со прашањето на еднополарноста. Еднополарноста (доминација на атлантизмот во разни облици, како во чист вид, така и преку мондијализмот) ја осудува Евроазија како heartland на историското небитие. Неоевразиството настојува на тоа дека на таа еднополарност треба да ѝ се спротивстави. 
Да се оствари тоа можно е само преку нова биполарност.
Ова има потреба од појаснувања. Постои точка на гледање дека по крајот на спротивставеноста меѓу САД и СССР светот сам по себе ќе премине кон мултиполарност што ќе ја воздигне Кина, демографските процеси ќе ги воведат исламските држави во редот на геополитички центри, тихоокеанскиот регион ќе ја најави својата конкурентност во однос на Европа и Америка итн. Сето тоа е можно, но овде се зема во предвид дека таквата нова мултиполарност ќе биде под знакот на „атлантистичкиот систем на вредности“, т.е. ќе претставува само територијална разновидност на таласократски системи, а никако не и изворна геополитичка алтернатива. Предизвикот на Западот, на пазарот и на либералната демократија е универзален. По победата над heartland-от, сите обиди на народите да следат некаков друг пат, освен западниот, останаа без основните потпори. И просоветските режими, и сите „неврзани (се мисли на движењето на Неврзаните, создадено од Џавахарлал Нехру, Јосип Броз Тито и Гамал Насер“ држави кои настојуваа за „третиот пат“, постоеја само за сметка на биполарноста, за сметка на претпазливоста која постоеше меѓу Западот и Истокот во нивната позициона геополитичка борба. Современиот победнички Запад оддалеку ќе им диктира идеолошки и економски услови на сите кои ќе претендираат на улога на развиен регион. Затоа, различната мултиполарност при зачувувањето на статусот кво ќе биде фиктивна и мондијалистичка.
Ова добро го осознаваат западните стратези, прекрасно сфаќајќи дека главна геополитичка задача на Западот во оваа етапа е недопуштање на каква било можност од формирање на голем геополитички блок од континентален обем, кој според било кои параметри би можел да им биде спротивставенен на силите на атлантизмот. Тоа е главниот принцип на воено-политичката доктрина на САД, која е формулирана во извештајот на Пол Волфовиц. Со други зборови, Западот повеќе од сите не сака да се врати биполарноста. За него тоа би било смртно опасно. 
Неоевроазиството, произлезено од интересите на „географската оска на историјата“, се утврдува директно спротивставено на Западот. Единствен исход од сложната ситуација може да биде само нов биполаризам, бидејќи само во таа насока Евроазија би можела да се стекне со перспектива за изворна геополитичка сувереност. Само нова биполарност може последователно да отвори пат кон нова мултиполарност, која би излегла од рамките на таласократските либерално-демократски системи, т.е. кон вистинска светска мултиполарност во која секој народ и секој геополитички блок би можеле да избираат сопствен систем на вредности, а која (мултиполарност) може да се оствари само по ослободување од глобалната атлантистичка доминација преку ново планетарно противдејство.
Притоа е важно дека евроазискиот континентален блок не може да биде едноставно пресоздавање на Варшавскиот пакт. Распадот на претходната геополитичка континентална конструкција е неповратен и се темели во самата негова структура. Новиот континентален сојуз треба или во себе да ја вклучи целата Европа до Атлантикот и неколку најважни сектори на јужниот брег на Евроазија - Индија, Иран, Индокина итн. - или да обезбеди пријателски неутралитет на тие пространства, т.е. да ги извади од контролата на атлантизмот. Враќањето кон стариот биполаризам е невозможно од многу причини, а во таа смисла и од идеолошки. Новиот евроазиски биполаризам треба да произлезе од совршено различни идеолошки претпоставки и да се заснова врз совршено различни методологии.
Таа теорија на „новиот биполаризам“, која е доволно развиена во неоевроазиските проекти, претставува теоретска основа за сите нонконформистички геополитички теории во Европа и Третиот свет. Како тшо heartland-от објективно е единствената точка способна да биде плацдарм на планетарната алтернатива на таласократијата, така и неоевроазиството претставува своевидна единствена теоретска платформа врз основа на која може да бидат разработени цела низа планетарни стратегии кои ја отфрлаат светската доминација на атлантизмот и неговите цивилизациски системи на вредност: пазарот, либералната демократија, светската култура, философијата на индивидуализмот итн.