Геополитики Фондации - 1

ВОВЕД

Дефиниција на „геополитиката“

Трудовите на многубројните претставници на геополитичките школи, без оглед на сите нивни разлики и чести противречности, се вцртуваат во една општа слика која дозволува за самиот предмет да се говори како за нешто завршено и определено. Едни или други автори и речници се разминуваат во меѓусебното определување на основниот предмет на изучување на оваа наука и на главните методолошки принципи. Таквото разминување произлегува од историските околности, а исто така и од најтесните врски на геополитиката со светската политика, проблемите на власта и доминантните идеологии. Синтетичкиот карактер на оваа дисциплина претпостава вклучување на многу дополнителни предмети во неа: географија, историја, демографија, стратегија, етнографија, религија, екологија, воена наука, историја на идеологиите, социологија, политикологија итн. Бидејќи сите тие воени, природни и хуманитарни науки сами по себе имаат мноштво школи и насоки, тоа говори за тоа дека во геополитиката не се пристапува со строгост и еднозначност. Но каква определба да и се даде на таа дисциплина, толку неодредена и истовремено изразита и впечатлива?
Геополитика - тоа е светоглед, и во тоа својство најдобро е таа да се споредува не со науките туку со системи од науки. Таа се наоѓа на исто ниво како и марксизмот, либерализмот итн., т.е. со системи кои ги толкуваат општествата и историјата, изделувајќи во својство на основен принцип некој најважен критериум и сведувајќи ги кон него сите останати безбројни аспекти на човекот и природата.
Марксизмот1 и либерализмот, еднакво, во основата на економската страна на човековото постоење го ставаат принципот „економијата како судбина“. Не е важно што тие две идеологии имаат спротивставени заклучоци. Маркс доаѓа до неизбежноста на антикапиталистичката револуција, а следбениците на Адам Смит го сметаат капитализмот за најсовршен модел на општество. И во првиот и во вториот случај се претпоставува развиен метод на интерпретација на историскиот процес, посебна социологија, антропологија и политикологија.
1) На јавната аналогија меѓу геополитиката и марксизмот во 1943 година укажуваше Карл Корш во својата книга „Историските погледи на геополитичарите“: „(...) новиот материјализам на геополитичарите поседува ист таков критички, активистички и идеалистички (во традиционалната смисла на зборот) карактер, каков што поседуваше, во раните периоди, т.н. историски материјализам на Маркс. ... Како што марксизмот денес стреми кон свесна контрола над економскиот живот на општеството, така и денешниот „хаусхоферизам“ може да биде определен како обид за политичка контрола над просторот.“ - New Essays, 6 т., 1943, стр. 8 17. 
Без оглед на постојаната критика на тие облици на „економски редукционизам“, од страна на алтернативни (и маргинални) научни кругови тие остануваат доминантни општествени модели, врз основа на кои луѓето не само што го осмислуваат минатото туку и ја градат иднината, т.е. планираат, проектираат, замислуваат и остваруваат крупни по обем дејствија кои директно го засегнуваат целото човештво.
Точно така стои работата со геополитиката. Но за разлика од „економските идеологии“, таа е заснована врз тезата: „географскиот простор како судбина“. Географијата и просторот во геополитиката настапуваат во истата онаа функција како и парите и производните односи во марксизмот и либерализмот, кон нив се сведуваат сите основоположни аспекти на човековото постоење, тие служат како основни методи за интерпретација на минатото, тие истапуваат како главни фактори на човековото битие, ги организираат околу себе останатите страни на постоењето. Како и во случајот на економските идеологии, геополитиката е заснована врз приближноста, врз редукционизмот, сведувањето на многуобразните пројави на животот на неколку параметри, но без оглед на извесна недопрецизираност, секогаш присутна кај таквите теории, таа впечатливо ја докажува својата издржаност по прашањата за објаснување на минатото и определена ефективност во организацијата на сегашноста и проектирањето на иднината.
Ако се продолжат паралелите со марксизмот и класичната буржоаска политекономија, може да се каже дека, слично на економските идеологии кои ја утврдуваат посебната категорија „економски човек“ (homo economicus), геополитиката говори за „просторен човек“, предодреден од просторот, оформен и обусловен од него со специфичните својства на рељефот, пејзажот. Таа обусловеност особено силно се пројавува во големите општествени пројави на човекот во државите, етносите, културите, цивилизациите итн. Зависноста на секоја индивидуа од економијата е очигледна и во малите и во големите пропорции. Затоа, економскиот детерминизам е разбирлив и за обичните луѓе и за институциите на власта кои оперираат со големи социјални категории. Од таа причина, можеби, економските идеологии станаа толку популарни и исполнуваа мобилизациска функција, сè до револуции засновани на лична ангажираност на мноштво одделни луѓе во некоја идеологија. Зависноста на човекот од просторот, основната теза на геополитиката, се гледа само при извесна дистанцираност од одделната индивидуа. И затоа геополитиката, без оглед на претпоставките, не стана посебна идеологија или, поточно, „масовна идеологија“. Нејзините постановки и методи, предметите на изучување и основните тези се јасни само во оние општествени инстанци кои се занимават со крупни проблеми на стратегиско планирање, осмислување на глобалните општествени и историски закономерности итн. Просторот се пројавува себе си во големи величини и затоа геополитиката е предназначена за општествени групи кои имаат работа со обопштените реалности на државите, народите итн.
Геополитиката е светоглед на власта, наука за власта, кон власта. Само по мера на приближување на човекот кон општествената врхушка, геополитиката почнува да го пројавува своето значење за него, својата смисла и својата полза, а сè дотогаш таа се восприма како апстракција. Геополитиката е дициплина на политичките елити (како актуелни така и алтернативни) и сета нејзина историја убедливо докажува дека со неа се занимавале исклучиво луѓе кои активно учествувале во процесот на управување со државите и нациите, или пак луѓе кои се подготвувале за таа улога (доколку станувало збор за алтернативни, опозициски идеолошки лагери, отстранети од власта по сила на историските услови).
Не претендирајќи на научна строгост, геополитиката на своето ниво сама определува што според неа содржи вредност, а што не. Хуманитарните и природнонаучните дисциплини се привлекуваат само тогаш кога тие не противречат на основните принципи на геополитичкиот метод. Геополитиката, во извесна мера, сама ги одбира оние науки и оние насоки во науката кои се полезни за неа, оставајќи ги без внимание сите останати. Во современиот свет таа претставува своевиден „кус прирачник на властодржецот“, учебник за власта во кој се дава резиме на она што треба да се земе предвид при донесувањето на глобални (судбоносни) решенија, како што се склучувањата на сојузи, почетоци на војни, остварување на реформи, структурно преуредување на општеството, воведување на обемни економски и политички санкции итн.
Геополитиката, тоа е наука за како да се управува.

Телурократија и таласократија

Главен закон на политиката е утврдувањето на фундаменталниот дуализам, одразен во географскиот поредок на планетата и во историската типологија на цивилизациите. Тој дуализам се изразува во спротивставувањето на „телурократијата“ (копнената моќ) и „таласократијата“ (морската моќ). Карактерот на таквата спротивставеност се сведува на спротивставување на трговската цивилизација (Картагена, Атина) и воено-авторитарната цивилизација (Рим, Спарта). Со други термини, дуализам меѓу „демократијата“ и „идеократијата“.
Веќе од почеток, дадениот дуализам има својство на непријателство, алтернативност на двата негови составни полови, иако степенот може да варира од случај до случај. Целата историја на човечките општества, на тој начин, се разгледува како состав од два елементи – „водениот“ („течен“, „проточен“) и „копнениот“ („тврд“, „постојан“).
„Телурократијата“, „копнената моќ“, е поврзана со фиксираноста на просторот и стабилноста на неговите квалитативни ориентации и карактеристики. На цивилизациско ниво, тоа се отелотворува во староседелството, во конзервативизмот, во строгите правни норми на кои им се потчинуваат крупните обединувања на човечкиот род, племињата, народите, државите, империите. Тврдоста на Копното културолошки се отелотворува во тврдоста на етиката и стабилноста на социјалните традиции. На копнените (особено староседелски) народи им се туѓи индивидуализмот, претприемачкиот дух. Ним им се својствени колективизмот и хиерархијата.
„Таласократијата“, „морската моќ“ претставува особен тип цивилизација, заснована на спротивни поставки. Тој тип е динамичен, подвижен, наклонет кон технички развој. Негови приоритети се номадството (особено морепловството), трговијата, духот на индивидуалното претприемништво. Индивидуата, како најподвижен дел од колективот, се издига во повисока вредност, притоа етичките и правните норми се подриваат, стануваат релативни и подвижни. Таквиот тип цивилизација се развива брзо, активно еволуира, лесно ги менува надворешните културни признаци, чувајќи го неизменет само внатрешниот идентитет на општата насока.
Поголемиот дел од човековата историја се одвива во ситуација на ограничен обем на двете ориентации, при глобална доминација на „телурократијата“. Елементот Земја (Копно) доминира над целиот ансамбл на цивилизацијата, а елементот „Вода“ (море, океан) настапува само фрагментарно и спорадично. Дуализмот до определен момент останува географски локализиран на морските брегови, устијата и басените на реките итн. Спротивставувањето во различни зони на планетата се развива со различен интензитет и во различни облици.
Политичката историја на народите на земјата демонстрира постепен раст на политичките форми кои стануваат се пообемни. Така изникнуваат држави и империи. Тој процес на геополитичко ниво означува засилување на факторот на просторот во човечката историја. Карактерот на крупните политички формации од држави и империи ја изразува дуалноста на стихиите повпечатливо, доаѓајќи на ниво на сè поуниверзални цивилизациски типови.
Во определен момент (античкиот свет) се оформува доволно стабилна слика, изразена во „картата на Макиндер“. Зоната на телурократијата стабилно се поистоветува со внатрешноконтиненталните простори на Североисточна Евроазија (во општи црти совпаѓајќи се со териториите на царска Русија или на СССР). Таласократијата сè појасно се означува на крајбрежните зони на евроазискиот континент, Средоземноморскиот ареал, Атлантскиот Океан и морињата кои ја заплиснуваат Евроазија од Југ и од Запад.
Така, картата на светот придобива геополитичка специфика:
1) Внатреконтиненталните пространства стануваат „неподвижна платформа“, heartland, („земја-срцевина“), „географска оска на историјата“ која стабилно ја чува телурократската цивилизациската карактеристика. 
2) „Внатрешната или континентална полумесечина“, „крајбрежна зона“, rimland, претставуваат своевиден простор на интензивен културен развој. Овде се очигледни цртите на „таласократијата“. Макар што тие се урамнотежени со многу „телурократски“ тенденции. 
3) „Надворешната или островска полумесечина“ ја претставуваат „неистражените земји“, со кои се можни само морски комуникации. На почетокот, таа дава до знаење за себе преку Картагена и трговската фениќиска цивилизација која дејствува на „внатрешната полумесечина“ на Европа однадвор. 
Таа геополитичка слика за соодносот помеѓу таласократијата и телурократијата се појавува потенцијално кон почетокот на христијанската ера, по епохата на Пунските војни. Но конечната смисла ја стекнува во периодот на прераснувањето на Англија во голема морска држава во XVII-XIX векови. Епохата на големите географски откритија, почната кон крајот на XV век, повлече со себе конечно воспоставување на таласократијата како самостојна планетарна формација која се одвојува од Евроазија и нејзините брегови и целосно се концентрира во англосаксонскиот свет (Англија, Америка) и колониите. „Новата Картагена“ на англосаксонскиот капитализам и индустријализам се оформил во нешто единствено и целосно и од тоа време геополитичкиот дуализам добил веќе јасно видливи идеолошки и политички облици.

Позиционата борба на Англија со континенталните држави на Австро-Унгарската империја, Германија и Русија беше геополитичка содржина на XVIII и XIX век (плус втората половина на XX век), а од средината на нашето столетие главен столб на таласократијата станаа САД.

Во Студената војна (1946-1991 г.) вечниот геополитички дуализам достигна максимални пропорции, таласократијата се поистовети со САД, а телурократијата со СССР.

Двата глобални типа на цивилизации, култури, метаидеологии, се влејаа во заокружени геополитички шеми кои ја резимираа целата геополитичка историја на спротивставеноста на стихиите. Притоа, поразително е тоа што на тие облици на заокружен геополитички дуализам на идеолошко ниво соодветствуваа две толку синтетички реалности – идеологијата на марксизмот (социјализмот) и идеологијата на либерал-капитализмот.

Во дадениот случај може да се зборува за реализација во пракса на два типа „редукционизам“: економскиот редукционизам се сведе на спротивставувањето на идеите на Смит и Маркс, а геополитичкиот на разделување на сите сектори на планетата на зони под контрола на таласократијата (Новата Картагена = САД) и телурократијата (Новиот Рим = СССР).

Геополитичкото видување на историјата претставува своевиден модел на развој на планетарниот дуализам до максимални пропорции. Копното и Морето го распространуваат своето првично спротивставување врз целиот свет.

Човечката историја не е ништо друго освен израз на таа борба и пат кон нејзина апсолутизација.
Таков е најопштиот израз на главниот закон на геополитиката, законот на дуализмот на елементите (Копното против Морето). 

Геополитичка телеологија

До моментот на конечната победа на САД во студената војна геополитичкиот дуализам се развиваше во првично зададените рамки. Стануваше збор за стекнување на таласократијата и телурократијата со максимален просторен, стратегиски и воен обем. Со оглед на нараснувањето од двете држави (СССР-САД знп) на обемот на атомскиот потенцијал, на некои геополитичари-песимисти исходот од сиот тој процес им изгледаше катастрофичен, бидејќи целосно освојувајќи ја планетата, двете сили требашe или да ја пренесат спротивставеноста зад земјините предели (теоријата на ѕвездени војни) или меѓусебно да се уништат (атомска апокалипса).
Ако карактерот на основниот геополитички процес на историјата за максималното просторно раширување на таласократијата и телурократијата е очигледен, тогаш неговиот исход останува под прашање. Во тој однос нема никаков детерминизам.
Следствено, геополитичката телеологија, т.е. осмислувањето на целите на историјата во геополитички термини, доведува само до моментот на глобализација на дуализмот и овде застанува.
Но не помалку, на чисто теоретско ниво можат да се расчленат неколку претпоставени верзии на развојот на настаните по моментот кога ќе биде можно да се констатира победа на едниот од двата системи на таласократијата.
Прва варијанта. Победата на таласократијата ја поништува цивилизацијата на телурократијата. На планетата се воспоставува еднороден либерално-демократски поредок. Таласократијата го апсолутизира својот архетип и станува единствен систем на организација на човековиот живот. Таа варијанта има две предности: прво, таа е логички непротивречна, бидејќи во неа може да се увиди закономерен завршеток на еднонасочниот (во целост) тек на геополитичката историја од целосна доминација на Копното (традиционалниот свет) кон целосна доминација на Морето (современиот свет); а второ, имено тоа се случува во реалноста.
Втора варијанта. Победата на таласократијата го завршува циклусот на спротивставеност на двете цивилизации, но не го распространува својот модел врз целиот свет туку едноставно ја завршува геополитичката историја, поништувајќи ја нејзината проблематика. Слично како што теоријата на постиндустриското општество го покажува укинувањето во тоа општество на основните противречности на класичната политекономија (и марксизмот), така и некои мондијалистички теории утврдуваат дека во идниот свет спротивставеноста меѓу Копното и Морето ќе биде надмината. Тоа е исто „крај на историјата“, но само што натамошниот развој на настаните не се подава за таква строга анализа како во првата варијанта.
Обете анализи го разгледуваат поразот на телурократијата како неодминлив и завршен факт. Двете други варијанти се однесуваат поинаку кон тоа.
Трета варијанта. Поразот на телурократијата е привремена појава. Евроазија ќе се врати на својата континентална мисија во нов облик. Притоа, ќе бидат земени предвид геополитичките фактори кои доведоа до катастрофа на континенталната сила (новиот континентален блок ќе има морски граници на Југ и на Запад, т.е. ќе се оствари „Доктрината Монро за Евроазија“). Во таков случај, светот ќе се врати кон биполарност. Но веќе со друг квалитет и на друго ниво.
Четврта варијанта (која е продолжение на претходната). Во тоа ново спротивставување победува телурократијата. Таа се стреми да го пренесе својот сопствен цивилизациски модел врз целата планета и „да ја затвори историјата“ според сопствен модел. Целиот свет типолошки се претвора во Копно и насекаде зацарува „идеократијата“. Претходница на таквиот исход беа идеите за „Светска револуција“ и за планетарно владеење на Третиот Рајх.
Бидејќи во нашето време улогата на субјективниот и рационалниот фактор во развојот на историските процеси е како никогаш голема, тогаш тие четири варијанти треба да се разгледуваат не просто како апстрактна констатација на веројатниот развој на геополитичкиот процес туку и како активни геополитички позиции кои можат да станат раководство кон дејствија од глобален маштаб.
Но, во дадениот случај геополитиката не може да предложи никаква детерминистичка верзија. Овде сè се сведува само на набројување на можностите, чија реализација зависи од мноштво фактори кои повеќе не влегуваат во рамките на чисто геополитичката анализа.

Rimland и „зоните-граници“

Сета методологија на геополитичкото истражување е заснована врз примената на принципите на глобалниот геополитички дуализам на Копното и Морето во полокални категории. При анализа на секоја ситуација имено планетарниот модел останува главен и основоположен. Оние соодноси кои се карактеристични за општата слика се повторуваат и на поопределено ниво.
По изделувањето на двата основни принципи на таласократија и телурократија, следен важен принцип е rimland, „крајбрежната зона“. Таа е клучна категорија која лежи во основата на геополитичкото иследување.
Rimland (крајбрежната зона) претставува своевидно составно пространство кое потенцијално во себе носи можност да биде фрагмент или на таласократијата или на телурократијата. Тоа е најсложен и најисполнет со култура регион. Влијанието на морскиот елемент, Водата, во „крајбрежната зона“ провоцира активен и динамичен развој. Континенталната маса притиска, почнувајќи да ја структурализира енергијата. Од една страна, крајбрежната зона преминува во Островот и Бродот. Од друга страна во Империјата и Домот.
Крајбрежната зона не се сведува само на меѓупросторна и преодна средина во која протекуваат противдејствата на двата импулси. Тоа е мошне сложена реалност која има самостојна логика и која во огромна мерка влијае и на таласократијата и на телурократијата. Тоа не е објект на историјата туку нејзин активен субјект. Борбата за крајбрежната зона помеѓу таласократијата и телурократијата не е просто соперништво за освојување на стратегиска позиција. Крајбрежната зона поседува сопствена судбина и сопствена историска волја кои, сепак не можат да се разрешат надвор од основниот геополитички дуализам. Крајбрежната зона во значителен степен е слободен во изборот, но не е слободен во структурата на изборот, бидејќи освен таласократскиот или телурократскиот, трет пат за него не постои.
Во врска со таквиот квалитет „Внатрешната полумесечина“ често се поистоветува со ареалот на распространување на човечката цивилизација. Во длабочината на континентот царува конзервативизам, надвор од неговите предели е предизвикот на подвижниот хаос.
„Крабрежните зони“ со самата своја позиција се поставени пред неопходноста да даваат одговор на проблемот, предложен од географијата.
Крајбрежната зона е погранична зона, појас. Заедно со тоа, таа е и граница. Таквиот спој води кон геополитичко определување на границите.
За разлика од границите меѓу државите, геополитиката тој термин го разбира поинаку, тргнувајќи од почетниот модел, во кој првичната граница или архетипот на сите граници претставува историско-географскиот и културниот разбирање на Крајбрежната зона (Rimland).
Просторниот обем на крајбрежните зони претставува последица на погледот врз континентот однадвор, „со очите на морските дојденци“. Имено, за „силите на морето“ брегот претставува појас кој се простира во длабочината на копното. За самиот континент, пак, брегот, напротив, претставува предел, линија. 
Границата како линија (а имено таа така се подразбира во меѓународното право) е рудимент на „копнената јуриспруденција“, наследен во современото право од најдревните традиции. Тој поглед е чисто копнен.
Но, морскиот поглед, надворешен во однос на континентот, ги гледа крајбрежните територии како потенцијални колонии, како парчиња земја кои можат да се издвојат од останатата континентална маса, да се претворат во база, во стратегиски простор. Притоа, крајбрежната зона никогаш не останува до крај „своја“; ако е неопходно, може да се влезе во брод и да се заплови кон татковината, на „островот“. Брегот станува зона, појас, за сметка на тоа што дојденците од морето, не безопасно, навлегуваат внатре во континентот само до определено растојание.
Бидејќи геополитиката ги опфаќа двата погледи на просторот, морскиот и копнениот, во неа Крајбрежната зона се сфаќа како посебна реалност, како граница-зона, при што нејзиниот квалитетен обем зависи од тоа каков импулс доминира во дадениот сектор, копнениот или морскиот. Гигантските и целосно пловни океански крајбрежја на Индија и Кина се линии, зони со минимален обем. Соодветните култури имаат копнена ориентација и обемот на крајбрежните полови, тежнеат кон нула/ништо, за да станат едноставно крај на континентот. Во Европа и особено во Средоземното море, крајбрежните зони се широки полови кои навлегуваат далеку во длабочината на континентот. Нивниот обем е максимален. Но и во двата случаи станува збор за геополитичка граница. Следствено, таа категорија е променлива, варирачка, во зависност од околностите, од линии до полови.
Таквиот пристап кон геополитиката во анализата проектира повеќе одделни проблеми, поврзани со границите. Таа ги разгледува границите меѓу државите како „зони со променлив обем“. Тој обем, неговото намалување или зголемување, зависи од општата континентална динамика. Во зависност од неа, тие зони го менуваат обликот и траекторијата во дадени предели. Во поимот „геополитички граници“ можат да влезат цели држави. На пример, англиската идеја за „санитарен кордон“ меѓу Русија и Германија претпоставуваше создавање на „ничија“ (полуколонијална и ориентирана кон Англија) зона, која се состои од прибалтичките и источноевропските држави. Континенталната политика на Русија и Германија, напротив, теженееше кон тоа таа зона да се претвори во линија (Брест-Литовск, Рапало, пактот Рибентроп-Молотов). Таласократите-атлантисти стремеа максимално да ја рашират, создавајќи вештачки „тампон-држави“ (etats-tampons).
Притоа, заокружената и совршена таласократија (Англија, САД) во дадениот случај применува двоен стандард: границите на сопствените Острови таласократите се стремат да ги сведат на линии, а крајбрежните зони на Евроазија максимално да ги прошират. За континенталната геополитика логично е да користи точно ист таков принцип во обратна насока: границите на Евроазија линии, границите на Америка полови.
Аналогијата со историската Крајбрежна зона (rimland) како „колевка на цивилизацијата“ го покажува најважното значење на „зоните-граници“ и во поконкретни сличаи. Слободни од неопходноста врз себе да ја носат тежината на географскиот набој на историјата, „пограничните зони“ целосно и непосредно ја насочуваат својата енергија во културно-интелектуалната сфера. Умешното искористување на тој „лесен“ геополитички потенцијал ја сочинува умешноста на геополитичката стратегија на спротивставените страни.
Притоа, имено „морските сили“ до совршенство владеат со тоа, бидејќи секогаш се раководеа од принципот на максимално и најбрзо извлекување полза од колонизираните територии. Тоа ги разликуваше од копнените освојувачи, кои по зафаќањето на територијата веднаш почнуваа да ја сметаат за своја и, следствено, не брзаа многу да исцрпат од неа сè што е можно. 

Геополитиката како судбина

Законите на геополитиката се извонредно погодни за анализа на политичката историја, историјата на дипломатијата и стратегиското планирање. Таа наука има мноштво пресекувања со социологијата, политикологијата, етнологијата, воената стратегија, дипломатијата, историјата на религиите итн. Индиректно, но денес мошне видливо, таа е поврзана и со економијата, до таму што некои геополитичари предлагаат да се основа нова наука, геоекономија. Во секој случај, во некои аспекти на геополитичкиот метод, обраќањето кон економската реалност е неопходно.
Во сегашниот момент на тежнеење на сите видови наука кон синтеза, кон слевање, кон создавање на нови меѓунаучни макродисциплини и многудимензионални модели, геополитиката го добива своето значење како за чисто теоретски истражувања така и за практични чекори во управувањето со сложените цивилизациски процеси од планетарен обем, или во обем на држави, или на блокови од држави. Тоа е наука на иднината чии основи во најблиско време ќе се предаваат не само на специјалните повисоки образовни институции  и академии, туку и во обичните школи. Со помош на геополитичката анализа лесно може да се осмислат цели епохи на историскиот развој на државите и народите. Во својственото за нашево време раширување на информационите зони, појавата на така едноставни и нагледни редукционистички методологии е неизбежно, бидејќи во спротивен случај човекот ризикува конечно да ги изгуби сите ориентири во многуобразниот и многудиманзионален хаос на потокот од разнородни знаења.
Геополитиката е бесценета потпора за прашањата на образованието. Нејзината структура е таква што, имено, таа би можела да стане осовинска дисциплина во новата етапа на развојот на училиштата.
Заедно со тоа, сè поочигледна е улогата на геополитиката во широката социјална сфера. Нивото на развојот на информациите, активната вклученост на обичниот човек во настаните кои се одвиваат на целиот континент, „мондијализацијата“ на медиумите, сето тоа во преден план го става просторното мислење во геополитички термини, кои помагаат да се „сортираат“ народи, држави, режими, религии според една упростена скала, со цел смислата дури и на најосновните телевизиски или радио-новости да биде макар приближно разбирлива. Ако наједноставниот геополитички збир - heartland, rimland, World Island - се примени кон секоја објава во однос на меѓународните настани, веднаш ќе се оформи извесен јасен интерпретационен модел кој нема потреба од дополнителни тесноспецијалистички знаења. „Раширувањето на НАТО на Исток“ при таквиот пристап ќе значи „зголемување на обемот на Крајбрежната зона во полза на таласократијата“; „договорот помеѓу Франција и Германија во однос на создавањето на европски вооружени сили“ ќе биде „чекор во насока на создавање на континентална телурократска конструкција“; „конфликтот меѓу Ирак и Кувајт е стремеж на континенталната држава (Ирак) да ја уништи вештачката таласократска формација (Кувајт), која ја попречува директната контрола над крајбрежната зона“ итн.
И, на крајот, за влијанието на геополитичката методологија врз внатрешната и надворешната политика. Ако геополитичката смисла на определени чекори на политичките партии и движења, а исто така и на владеачки структури биде очигледна, лесно ќе се стават во сооднос со системот на глобални интереси, а следствено ќе се дешифрираат и далекусежни цели. На пример, интеграцијата на Русија со европски држави (особено со Германија) е чекор на телурократските сили (евроазијците), па оттука е можно автоматски да се прогнозира засилувањето на „идеократските“ („социјалистички“) тенденции во државата. Напротив, зближувањето на Москва со Вашингтон означува потчинување кон таласократската линија и неизбежно со себе ќе повлече позиционо засилување на „слободниот пазар (се мисли на економската пракса „Отворен пазар“ што активно ја пропагираат САД за нивни интереси - знп)“ итн. Исто така, во светот на закономерноста на внатрешната политика може лесно да се интерпретираат и внатрешно-политичките процеси на сепаратизам на народите внатре во Русија, двостраните или повеќестраните согласувања на различни административни формации и области меѓу себе. Секој настан во светот на геополитиката придобива јасна смисла. Таа геополитичка смисла не може да се разгледува како ultimo ratio на настаните, но во секој случај таа секогаш на повисока степен се пројавува како изразита и полезна за анализа и прогнозирање.
Отсуството на каков било учебник на оваа тема денес не подвижи кон пишување и составување на оваа книга, која претставува своевиден вовед во геополитиката како наука.


 

ПРВ ДЕЛ: ТАТКОВЦИ-ОСНОВАЧИ НА ГЕОПОЛИТИКАТА

Глава1. Фридрих Ратцел: Државите како територијални организми

1.1 Формирање: германската „органистичка школа“

Фридрих Ратцел (1844-1904) може да се смета за „татко“ на геополитиката, иако самиот не го користел тој термин во своите дела. Тој го користел терминот „политичка географија“. Неговото главно дело, кое се појави во 1897 година, се вика токму „Politische Geographie“.

Ратцел дипломирал на Политехничкиот универзитет во Карлсруе, каде што слушал курсеви по геологија, палеонтологија и зоологија. Своето образование го комплетирал во Хајделберг, каде што станaл ученик на професорот Ернст Гекел (кој прв го употреби терминот „екологија“). Светогледот на Рацел е заснован врз еволуционизмот и дарвинизмот, обоен со силно изразен интерес кон биологијата.
Ратцел учествувал во војната од 1870 година, во која се пријавил како доброволец и бил одликуван со Железен крст за храброст. Во политиката, тој постепено станува убеден националист, а во 1890 година стапува во „Пангерманската лига“ на Карл Петерс. Многу патува по Европа и Америка и кон своите научни интереси ги придодава и истражувањата по екологија. Станува професор по географија на Техничкиот институт во Минхен, а во 1886 преминува на аналогичната катедра во Лајпциг.
Во 1876 година ја брани дисертацијата за „Емиграцијата во Кина“, а во 1882 во Штутгарт излегува неговото фундаментално дело „Антропогеографија“ („Antropogeographie“), во кое ги формулира своите основни идеи: врската на еволуцијата на народите и на демографијата со географските услови, влијанието на рељефот на околината врз културното и политичко однесување на народите итн.
Сепак, најзначајна од неговите книги е „Политичка географија“.

1.2 Државите како живи организми

Во ова дело Ратцел покажува дека почвата се јавува како основна, незаменлива даденост во чии рамки се движат интересите на народите. Движењето на историјата е предодредено од почвата и територијата. Понатаму, следува еволуционистички вовед за тоа дека „државата е жив организам“, но организам кој е „вкоренет во почвата“. Државата се развива од територијалниот релјеф и големина и нивното сфаќање од страна на народот. На тој начин, во државата се одразува објективната географска состојба и субјективното општонационално осмислување на таа состојба, изразена во политиката. За „нормална“ држава Рацел ја смета онаа која најдобро органски ги спојува географските, демографските и етнокултурните параметри на нацијата.
Тој пишува: 
„Државите во сите стадиуми од својот развој се разгледуваат како организми кои неопходно ја чуваат врската со почвата и затоа треба да се проучуваат од географска гледна точка. Како што покажуваат етнографијата и историјата, државите се развиваат на територијална основа, сè повеќе и повеќе спрегнувајќи се и слевајќи се со неа, извлекувајќи од неа сè поголеми и поголеми енергии. На тој начин, државите се пројавуваат како територијални појави, управувани и оживеани од тој простор; должна да ги опишува, споредува и измерува е географијата. Државите влегуваат во серијата пројави на експанзија на Животот, како повисока точка на тие појави“ (“Политичка географија“). (Friedrich Ratzel, "Politische Geographie", 1887, "Einleitung")

Од таквиот „органистички“ пристап јасно се гледа дека територијалната експанзија на државата Ратцел ја подразбира како природен, жив процес, сличен на растењето на живите организми.

„Органистичкиот“ пристап на Ратцел се покажува и во односот кон самата територија (Raum). Таа „територија“, од количинска материјална категорија преминува во нов квалитет, станувајќи „животна сфера“, „животен простор“ (Lebensraum), некаква „геобиосредина“. Оттука произлегуваат други два важни термини на Ратцел - „територијално чувство“ (Raumsinn) и „животна енергија“ (Lebensenergie). Тие термини се блиски еден на друг и означуваат еден особен квалитет, присутен во географските системи, предопределувајќи го нивното политичко оформување во историјата на народите и државите.

Сите овие тези се јавуваат како основополжни принципи на геополитиката во облик во кој таа нешто покасно ќе се развие кај следбениците на Ратцел. И повеќе, односот кон државата како кон „жив територијален организам, вкоренет во почвата“ претставува главна мисла и оска на геополитичката методика. Таквиот пристап е ориентиран кон синтетичко проучување на сите комплекси на пројавување, независно од тоа дали тие припаѓаат на човековата или нечовековата сфера. Територијата како конкретен израз на природата и околните средини се разгледува како нераскинливо животно тело на етносот кој ја населува таа територија. Структурата на материјалот сама ги диктира пропорциите на крајниот производ.
Во таа смисла, Ратцел се јавува како директен наследник на сите школи на германската „органистичка“ социологија, чиј најизразит претставник бил Фердинанд Тенис.

1.3. Raum: политичка организација на почвата

За тоа како Ратцел ги гледал соодносите помеѓу етносот и територијата може да се види од следниот фрагмент од „Политичка географија“:
„Државата се развива како организам приврзан кон определен дел од површината на земјата, а нејзините карактеристики се развиваат од карактеристиките на народот и почвата. Како најважни карактеристики се јавуваат размерите, местоположбата и границите. Натаму следува типот на почвата заедно со растителноста, наводнувањето и, конечно, со остнатите конгломерати на земјината површина, а во прв ред со придружните мориња и ненаселени земји кои, на прв поглед, не претставуваат особен политички интерес. Целокупноста на сите тие карактеристики ја сочинуваат земјата (das Land). Но кога се говори за „наша земја“, кон тоа се придодава и сето она што човекот го создал и сите врски со спомените за земјата. Така, првичното чисто географско однесување се претвора во духовна и емоционална врска на жителите на земјата и нивната историја.
Државата се пројавува како оргазнизам не само поради тоа што таа го артикулира животот на народот на неподвижната почва туку и поради тоа што таа врска заемно се зацврстува, станувајќи така единствена, незамислива без еден од двата составни елементи. Ненаселените територии се неспособни да направат држава, тоа е историско поле надвор од дејство. Населената територија, напротив, е способна да развие држава доколку таа територија е опкружена со природни граници. Доколку народот на својата територија се чувствува природно, тој постојанно ќе произведува едни и исти карактеристики кои, произлегувајќи од почвата, ќе бидат впишани во него.“(Ibidem)

1.4 Закон на експанзијата

Односот кон државата како кон жив организам претпоставува откажување од концепцијата за „непроменливост на границите“. Државата се раѓа, расте и умира, слично на живо суштество. Следствено, нејзината територијална раширеност или стеснетост се јавуваат како природни процеси, поврзани со нејзиниот внатрешен животен циклус. Ратцел, во својата книга „За законите на територијалното растење на државите“ издвои седум закони на експанзијата:
1) Протегањето на Државите се зголемува по мерка на развојот на нивната култура;
2) Територијалниот раст на Државите е проследен со различни појави во нејзиниот развој: во сферите на идеологијата, производството, комерцијалната дејност, моќното „привлекувачко зрачење“, прозелитизмот.
3) Државата се раширува голтајќи ги и апсорбирајќи ги политичките единици со помало значење.
4) Границата е орган, поставен на периферијата на државата (која се  однесува како организам).
5) Остварувајќи ја својата територијална експанзија, Државата се стреми кон опфаќање на, за неа најважните, развиени региони: крајбрежја, басени на реки, долини и, воопшто, сите богати територии.
6) Првичниот импулс на експанзијата доаѓа однадвор, бидејќи Државата се поттикнува на проширување од друга држава (или територија) со  очигледно пониска цивилизација.
7) Општата тенденција за асимилација или абсорбција на послаби нации поттикнува на уште поголемо зголемување на територијата со движења кои се потхрануваат самите себе си.
(Friedrich Ratzel "Ueber die Gesetze des raeumlicher Wachstum der Staaten", 1901.)
Не зачудува тоа што многу критичари го обвинувале Ратцел дека тој напишал „Катехизис за империјалистите“. Притоа, самиот Ратцел никако не се стремел кон тоа на секој можен начин да го оправда германскиот империјализам, иако не криел дека се придржувал кон националистички убедувања. За него било важно да создаде концептуален инструмент за соодветно спознавање на историјата на државите и народите во нивните односи со територијата.  Во пракса, тој се стремел да разбуди „Raumsinn“ („чувство за простор“) кај водачите на Германија, за кои најчесто географските податоци на сувата академска наука претставувале чиста апстракција.

1.5 Wеltmaht и море 

На Ратцел во значителен степен влијаело запознавањето со Северна Америка која тој добро ја проучил и на која и посветил две книги: „Мапи на северноамериканските градови и цивилизации“ (1874) и „Соединети Држави на Северна Америка“ (1878-1880). Тој забележал дека „чувството за простор“ кај Aмериканците е развиено на повисок степен, бидејќи тие биле соочени со задача за освојување на „пусти“ територии, имајќи го зад грб значителеното „политичко-географско“ искуство од европската историја. Следствено, Aмериканците промислено го остварувале она кон што Стариот свет се однесувал интуитивно и постепено. Така, кај Ратцел се судираме со првите формули на другата важна геополитичка концепција, концепцијата за „светска држава“ (Weltmacht). Ратцел забележал дека во развојот на големите држави постои тенденција за максимална географска експанзија, постепено излегувајќи на планетарно ниво.

Следствено, раниот или подоцнежниот географски развој треба да се приближи кон својата континентална фаза.

Применувајќи го врз Германија принципот изведен од американското искуство на политичко и стратегиско обединување на континенталните пространства, Ратцел нејзе ѝ предвидел судбина на континентална држава.
Тој ја предвестил и другата поважна тема на геополитиката - значењето на морето за развојот на цивилизацијата. Во својата книга „Морето, извор на моќта на народите“ (1900) тој укажал на неопходноста секоја моќна држава особено да ги развива своите воено-поморски сили, затоа што тоа го бара планетарниот обем на целосната експанзија. Тоа што некои народи и држави (Англија, Шпанија, Холандија итн.) го остварија спонтано, копнените држави (Ратцел, нормално, во предвид ја имал Германија) требало да делуваат осмислено: развојот на флотата се јавува како неопходен услов за приближување кон статусот на „светска држава“ (Weltmacht). Friedrich Ratzel "Das Meer als Quelle der Voelkergroesse", 1900.
Морето и „светската држава“ кај Ратцел се веќе поврзани, иако дури кај подоцнежните геополитичари (Мехен, Макиндер, Хаусхофер, особено Шмит) таа тема добива конечно и централно место.
Делата на Рацел се неопходна основа за сите геополитички истражувања. Во видоизменет облик, во неговите трудови се содржани практично сите основни тези кои лежат во основата на таа наука. Врз книгите на Рацел, своите концепции ги засноваа Швеѓанецот Челен и Германецот Хаусхофер. Неговите идеи во предвид ги зедоа и Французинот Видал де ла Бланш, и Англичанецот Макиндер, и Американецот Мехен, како и руските евроазијци (П. Савицки, Л. Гумиљов итн.).
Мора да се забележи дека политичките симпатии на Ратцел не се случајни. Практично сите геополитичари беа одбележани со силно изразено национално чувство, независно од тоа дали тоа било облечено во демократски (англосаксонските геополитичари Макиндер, Мехен) или во „идеократски“ (Хаусхофер, Шмит, евроазијците) облици.   

Глава 2. Рудолф Челен и Фридрих Нојман: "Средна Европа"

2.1 Дефиниција на новата наука

Швеѓанецот Рудолф Челен (1864-1922) е првиот кој го употреби терминот „геополитика“.
Челен бил професор по историја и политички науки на универзитетите Упсала и Гетеборг. Освен тоа, тој активно участвувал во политиката, бил член на парламентот, се одликувал со нагласена германофилска ориентација. Челен не бил професионален географ и геополитиката, чии основи тој ги разви потпирајќи се на работата на Ратцел (тој го сметал за свој учител), ја третирал како дел од политикологијата.
Челен геополитиката ја дефинира на следниов начин:
„Тоа е наука за државата како географски организам, отелотворен во просторот“ Rudolf Kjellen "Die Staat als Lebensform", 1916.
Покрај „геополитика“, Челен предложил уште 4 неологизми кои, според неговото мислење, требало да ги состават основните оддели на политичката наука:

- екополитика („изучување на Државата како економска сила“);
- демополитика („истражување на динамичките импулси кои народот ѝ ги дава на Државата“; аналогија на „Антропогеографијата“ на Рацел);
- социополитика („изучување на социјалниот аспект на Државата“);
- кратополитика („изучување на формите на управување и власт во сооднос со проблемите на правото и социјално-економските фактори“). Ibidem
Но сите овие дисциплини кои Челен ги развивал паралелно со геополитиката не добиле широко признание, додека терминот "геополитика" упорно се утврдуваше во најразлични кругови. 
 
2.2 Државата како облик на живот и интересите на Германија

Во својот основен труд „Државата како облик на живот“ (1916), Челен разви постулати засновани врз делата на Ратцел. Челен, како и Ратцел, се сметаше за следбеник на германскиот "органицизам" кој го отфрла механичкиот пристап кон државата и општеството. Одбивањето на строгата поделба на предметите на изучување на „неживи објекти" (заднина) и „човечки субјекти" (фигури) се јавува како карактеристичен белег на мнозинството геополитичари. Во таа смисла, показателен е самиот наслов на основниот труд на Челен.
Челен геополитичките принципи на Ратцел ги развил применето на конкретната историска ситуација во Европа во неговото време.
Идеите на Ратцел за „континентална држава“ во однос на Германија тој ги доведе до логичен завршеток. И докажа дека, во контекст на Европа, Германија е онаа територија која поседува динамизам на оска и на која ѝ е назначено околу себе да ги структурира останатите европски држави. Првата светска војна Челен ја толкувал како природен геополитички конфликт, изроден помеѓу динамичната експанзија на Германија („држави на оската“) и кон неа противдејствувачките периферни европски (и неевропски) држави (Антантата). Разликата во геополитичкиот раст -  надолен за Франција и Англија и нагорен за Германија - го предодредија основниот распоред на силите. Притоа, од негова гледна точка, идентификувањето на Германија со Европа е неизбежно и неповратно, без оглед на привремениот пораз во Првата светска војна.
Челен ја зацврстил Ратцеловата геополитичка максима „интересите на Германија“, додавајќи „ = интереси на Европа“, кои се спротивни на интересите на западноевропските држави (особено на Франција и Англија). Но, германската држава е „млада“, а Германците се „млад народ“ (Таа идеја за „млади народи“, за какви што се сметаат Русите и Германците, води кон Ф. М. Достоевски, кој не еднаш е цитиран од Челен). „Младите“ Германци, восхитени од „средноевропскиот простор“, треба да се движат кон континентална држава од планетарен маштаб, за сметка на териториите контролирани од „старите народи“ - Французите и Англичаните. Притоа, идеолошкиот аспект на геополитичките спротивставености за Челен бил второстепен.

2.3 Кон концепцијата на Средна Европа

Иако Челен самиот бил Швеѓанец и се залагаше за зближување на шведската политика со германската, неговите геополитички претстави за самостојното интегрирачко значење на германскиот простор точно се совпаѓаат со теоријата за „Средна Европа“ (Mitтeleuropa), развиена од Фридрих Нојман.
Во својата книга „Mitteleuropa“ (Friedrich Naumann "Mitteleuropa", 1915) Нојман даде геополитичка дијагноза за истоветната концепција на Рудолф Челен. Од негова гледна точка, со цел да се издржи конкуренцијата на такви геополитички  формации како Англија (и нејзините колониии), САД и Русија, народите кои ја населуваат Централна Европа треба да се обединат и да организираат нов интегриран политички простор. Оска на тој простор би биле, природно, Германците. 
Mitteleuropa, за разлика од чисто „пангерманските“ проекти, веќе не била само национална туку чисто геополитичка идеја во која основно значење му се давало не на етничкото единството туку на заедништвото во географската судбина. Проектот на Нојман подразбираше интеграција на Германија, Австрија, подунавските држави и, во далечна перспектива, на Франција. 
Геополитичкиот проект се потврдувал и со културни паралели. Самата Германија, како органска формација, се идентификуваше со духовниот поим „Mittellage", „централна положба“. Тоа уште во 1818 година го формулираше Арндт: „Бог не поставил во центарот на Европа; ние (Германците) сме срце на нашиот дел од светот“.
Преку Челен и Нојман „континенталните“ идеи на Ратцел постепено придобија осовински карактеристики. 

Глава 3. Хелфорд Макиндер „Географската оска на историјата“

3.1 Научник и политичар

Сер Хелфорд Џ. Макиндер (1861-1947) е најизразитата фигура меѓу геополитичарите.
Откако стекнал географско образование, тој предавал на Оксфорд, почнувајќи од 1887 година, сé додека не бил назначен за директор на Лондонската школа за економија. Од 1910 до 1922 бил член на Долниот дом на парламентот, а во меѓувреме (1919-1920) и британски амбасадор во Јужна Русија.
Макиндер е познат со својата висока положба во светот на англиската политика, на чија меѓународна ориентација тој мошне значително влијаеше, а исто и затоа што е автор на најсмелата и најреволуционерна шема за интерпретација на политичката историја на светот. 
Врз примерот на Макиндер, посилно од сите, се пројавува типичниот парадокс, својствен за геополитиката како дисциплина. Идеите на Макиндер не беа признати од научните кругови, и покрај неговата висока положба не само во политиката туку и во самата научна средина. Дури ни фактот дека тој речиси половина век активно и успешно учествуваше во создавањето на англиската стратегија во меѓународните прашања врз основа на свои интерпретации на политичката и географската историја на светот, не можеше да ги натера скептиците да ја признаат вредноста и ефективноста на геополитиката како дисциплина.

 
3.2 Географската оска на историјата

Прв и најсилен настап на Макиндер бил неговиот труд „Географската оска на историјата“(Halford Mackinder "Geographical Pivot of History" in "Geograghical Journal"), објавен во 1904 година во „Географски весник“. Во него, тој ја изложил основата на своето видување на историјата и географијата, видување кое го развил во наредните дела. Тој текст на Макиндер може да се смета за главен геополитички текст во историјата на оваа дисциплина, бидејќи во него не само што се опишувале сите претходни линии на развој на „политичката географија“ туку се формулирал и основниот закон на дадената наука.
Макиндер тврдел дека најдобра географска положба за една држава би била централната, средишна положба. Централноста е релативен поим и во секој конкретен географски контекст таа може да варира. Но од планетарна гледна точка, во центарот на светот лежи Евроазискиот континент , а во неговиот центар е „срцето на светот/срцевината“ или „heartland“. Heartland-от е сосредоточеност на континенталните маси на Евроазија. Тој е најблагопријатен географски „плацдарм“ за контрола над целиот свет. 
Hearthlend-от, во поопшт контекст, како клучна територија се јавува во пределите на Светскиот остров (World Island). Во Светскиот остров Макиндер вклучува три континенти: Азија, Африка и Европа.
Во таа слика Макиндер го хиерархизира планетарниот простор низ систем на концентрични кругови. Во самиот центар се наоѓа „географската оска на историјата“ или „стожервната област“ (pivot area). Тој геополитички поим географски е идентичен на Русија. Таа иста „осовинска“ реалност се нарекува heartland, „срцевина на земјата“. 
Натаму доаѓа „внатрешната или перифериска полумесечина (inner or marginal crescent)“. Тоа е појас кој се совпаѓа со крајбрежните пространства на евроазискиот континент. Според Макиндер, „внатрешната полумесечина“ представува зона на најинтензивен развој на цивилизацијата. Тоа соодветствува на историската хипотеза дека цивилизацијата првично се појавила на бреговите на реките или морињата, т.н. "потамическа теорија". Треба да се забележи дека последнава теорија се јавува како суштински момент во сите геополитички конструкции. Пресекувањето на водените и копнените пространства е клучен фактор во историјата на народите и држвите. Таа тема подоцна специјално ќе биде развиена кај Шмит и Спикмен, но прв таа геополитичка формула ја заклучил имено Макиндер.
Понатаму доаѓа пооодалечениот круг: „надворешната или островска полумесечина“ (outer or insular crescent). Таа зона во целина е надворешна (географски и културно) во однос на континенталната маса на Светскиот остров (World Island).
Макиндер смета дека целиот тек на историјата е определен од следните процеси. Од центарот на Heartland-от кон нејзината територија се појавува постојан притисок на т.н. „копнени разбојници“. Особено силно и јасно тоа се изрази при монголските освојувања. Но, пред нив војувале и Скитите, Хуните, Аланите итн. Цивилизациите произлезени од „географската оска на историјата“, од највнатрешните пространства на heartland-от имаат, според мислењето на Макиндер, „авторитарен“, „хиерархиски“, „недемократски“ и „нетрговски карактер“. Во стариот свет, тој модел бил отелотворен во општества како доринската Спарта или Древниот Рим. 
Однадвор, од регионите на „островската полумесечина“, врз Светскиот Остров се остварува притисокот на т.н. „морски разбојници“ или „островски жители“. Тоа се колонијални експедиции, произлезени од надворешниот евроазиски центар, стремејќи се да ги врамнотежат копнените импулси, произлезени од внатрешните предели на континентот. За цивилизацијата на „надворешната полумесечина“ карактеристичен е „трговскиот“ карактер и „демократските облици“ на политиката. Во древноста, со таков карактер се одликувале Атинската држава и Картагена.
Меѓу тие два поларни цивилизациско-географски импулси се наоѓа зоната на „внатрешната полумесечина“ која, бидувајќи двојствена и постојано трпејќи ги врз себе спротивставените културни влијанија, била најподвижна и, благодарение на тоа, станала место на приоритетен развој на цивилизацијата.
Историјата, според Макиндер, географски се врти околу континенталната оска. Таа историја посилно од сé се остварува имено во просторот на „внатрешната полумесечина“, тогаш кога во heartland царува „замрзнат“ архаизам, а во „надворешната полумесечина“ извесен цивилизациски хаос.

 

3.3 Клучната позиција на Русија

Самиот Макиндер ги поистоветуваше своите интереси со интересите на англосаксонскиот островски свет, т.е. од позиција на „надворешната полумесечина“. Во таква ситуација, основата на геополитичката ориентација на „островскиот свет“ тој ја гледаше во максимално ослабување на heartland-oт и во можно раширување на влијанието на „надворешната полумесечина“ врз „внатрешната полумесечина“. Макиндер го нагласуваше стратегискиот приоритет на „географската оска на историјата“ во целата светска политика и така го формулира најважниот геополитички закон: 
„Оној кој ја контролира Источна Европа, доминира над Heartland-от; оној кој доминира над Heartland-от, доминира над Светскиот Остров; оној кој доминира над Светскиот Остров, доминира над светот“. („H.Mackinder "Democratic ideals and reality", New York, 1919“)
На политичко ниво, тоа значеше признавање на водечката улога на Русија во стратегиска смисла. Макиндер напишал: 

„Русија во однос на целиот свет ја држи централната стратегиска позиција, како Германија во однос на Европа. Таа може да оствари напади на сите страни и да е подложна на напади од сите страни, освен од север. Целосниот развој на нејзините железнички можности е прашање на време“. 
Врз основа на тоа, Макиндер сметал дека главна задача на англосаксонската геополитика претставува недопуштањето на формирање на стратегиски континентален сојуз околу „географската оска на историјата“ (Русија). Следствено, стратегијата на силите на „надворешната полумесечина“ се состои во тоа да се откине максимална количина копнени пространства од Heartland-от и да се постават под влијание на „островската цивилизација“. 
 
„Поместувањето на рамнотежата на силите на страната на „осовинската држава“ (Русија - А. Д.) која ја придружува нејзината експанзија во периферните пространства на Евроазија, ќе овозможи да се искористат огромните континентални ресурси за создавање на моќна поморска флота: не така далеку и светска империја. Тоа ќе стане можно доколку Русија се обедини со Германија. Заканите од таквиот развој ќе ја натераат Франција да влезе во сојуз со поморските држави и Франција, Италија, Египет, Индија и Кореја ќе станат крајбрежни бази во кои ќе се вкотвуваат флотите на надворешните држави, со цел да ги развијат силите на „осовинскиот ареал“ во сите насоки и да ги спречат да ги концентрираат сите свои напори за создавање моќна воена флота.“ („Географска оска на историјата“) 
Најинтересно е тоа што Макиндер не се занимавал само со градењтое теоретски хипотези туку тој активно учествувал во организирање на меѓународна поддршка од страна на Антантата на „белото движење (за време на граѓанската војна во Русија, противници на бољшевиците – знп)“, кое тој го сметаше за атлантска тенденција, создадена врз основа на ослабување на силата на прогермански настроените евроазијци-бољшевици. Тој лично ги консултирал водачите на „белото дело“, трудејќи се да добие максимална поддршка од владата на Англија. Би се рекло, тој пророчки го предвиде не само Брест-Литовскиот мир туку и пактот Рибентроп-Молотов... 
В 1919 година, во книгата „Демократските идеали и реалноста“ тој напишал: 
„Што ќе се случи со морските сили доколку одеднаш големиот континент политички се обедини, што би било основа за непобедива армада?“
Не е тешко да се сфати дека Макиндер, во англосаксонската геополитика, која по половина век стана геополитика на САД и на Северноатлантскиот Сојуз, ја постави основната тенденција: на секаков начин да се спречи каква било можност за создавање евроазиски блок, за создавање на стратегиски сојуз помеѓу Русија и Германија, за геополитичко засилување на Heartland и негова експанзија. Забетонираната русофобија на Западот во XX век имаше не толку идеолошки колку геополитички карактер. Иако земајќи го предвид видливото Макиндерово поврзување на цивилизацискиот тип и геополитичкиот карактер на едни или други сили може да се добие формула според која геополитичките термини лесно се претвораат во идеолошки.
„Надворешната полумесечина“ е либералната демократија; „географската оска на историјата“ е недемократски авторитаризам; „внатрешната полумесечина“ е меѓумодел, спој на двата идеолошки системи. 
Макиндер учествуваlе во подготовката на Версајскиот договор, основна геополитичка идеја која ја одразува суштината на погледите на Макиндер. Тој договор беше составен така што да се зајакне карактерот на Западна Европа како крајбрежна база на морските сили (англосаксонски свет). Заедно со тоа, тој предвиде создавање на лимотрофни држави кои би ги разделиле Германците и словените, на секој начин спречувајќи го склучувањето на континентален стратегиски сојуз меѓу нив, најопасен за „островските држави“ и, според тоа, за „демократијата“.
Многу е важно да се разгледа еволуцијата на географските предели на Heartland-от во делата на Макиндер. Ако во 1904 и 1919 година (соодветно, во статијата „Географската оска на историјата“ и во книгата „Демократските идеали и реалноста“) изгледот на Heartland-от во општи црти се совпаѓа со границите на Руската Империја, а подоцна и на СССР, па така во 1943 година, во текстот „Тркалезната планета и освојувањето на светот“ тој ги преразгледа своите претходни погледи и од Heartland –от ги одезеде советските територии во Источен Сибир, распространети зад реката Енисеј. Таа слабо населена советска територија тој ја нарече „Руската Lenaland“ според името на реката Лена.
„Руската Lenaland имa 9 милиони жители, од кои 5 живеат вдолж трансконтиненталната железничка линија од Иркутск до Владивосток. На останатите територии живеат помалку од еден човек на 8 квадрати километри. Природните богатства на таа земја се дрвото, минералите и.т.н,. практично негибнати“ („The Round Planet and the winning of the Peace", 1943“).
Вадењето на т.н. Lenaland од географските граници на Heartland-от значеше можност за разгледување на таа територија како територија на „внатрешната полумесечина“, т.е. како крајбрежно пространство, со можност да биде искористена од страна на „островските“ држави за борба против „географската оска на историјата“. Макиндер, кој активно учествуваше во организацијата на интервенцијата на Антантата и „белото движење“, видливо го пресмета историскиот преседан на Колчак, кој се спротивставуваше на евроазискиот центар, доволна основа за разгледување на неговите подконтролни територии во својство на потенцијални „крајбрежни зони“. 

 

3.4 Три геополитички периоди

Целата геополитичка историја на светот Макиндер ја дели во три етапи: 
1) Доколумбова епоха. Во неа, народите кои се наоѓале на перферијата на Светскиот Остров, на пример Римјаните, живееле под постојана загроза од завојување од страна на силите на „средишната земја“. За Римјаните, тоа биле Германците, Хуните, Аланите, Парфијците итн. За средновековната екумена, Златната орда. 
2) Колумбова епоха. Во овој период претставниците на „внатрешната полумесешна“ (крајбрежните зони) се впуштаат во освојување на непознатите територии на планетата, никаде не соочувајќи се со сериозен отпор. 
3) Постколумбова епоха. Повеќе не постојат неосвоени земји. Динамичното пулсирање на цивилизацијата осудува на судири, вовлекувајќи ги народите на земјата во вселенска граѓанска војна.
Оваа периодизација на Макиндер, со соодветните геополитички трансформации, нè води кон нови тенденции во геополитиката кои ќе ги разгледаме во другиот дел од книгава. 

 

 

Глава 4. Алфред Мехен: „Морската Сила“

4.1 Sea Power

Американецот Алфред Мехен (1840-1914), за разлика од Рацел, Челен и Макиндер не бил научник туку војник. Тој не го употребувал терминот „геополитика“, но методологијата на неговата анализа и основните изводи соодветствуваат на чист геополитички пристап. 
Офицер во американскиот Union Navy, тој од 1885 година предавал Историја на воената флота во „Naval War College“ во Њупорт (Роуд Ајленд). Во 1890 година ја објавил својата прва книга, која речиси веднаш станала  класичен текст по воената стратегија. „Морски сили во историјата (1660-1783)“ (The influence of Sea Power in history). Натаму, со помал одзив, следат другите трудови: „Влијанието на морските сили во Француската револуција и Империја (1793-1812)“ (The influence of sea power upon the French revolution and empire (1793 -- 1812)), „Интересот на Америка како Морска Сила во сегашноста и во иднината“ (The Interest of America in Sea Power", 1897), „Проблемот на Азија и нејзиното влијание врз меѓународната политика“ (Problem of Asia and its effects upon international politics",1900) и „Морската Сила и нејзиниот однос кон војната“ (The Sea Power in its relations to the war", Boston, 1905). 
Практично, сите книги се посветени на една и единствена тема - темата „Морска Сила“, „Sea Power“. Името на Механ стана синоним за тој термин.
Мехен не бил само теоретичар на воената стратегија туку активно учествувал и во политиката. Поединечно, тој извршил силно влијание врз политичари како Хенри Кебот Лоџ и Теодор Рузвелт. Уште повеќе, ако ретроспективно се разгледа американската воена стратегија во текот на целиот XX век, ќе увидиме дека таа се гради директно во содејство со идеите на Мехен. Притоа, ако во Првата светска војна таа стратегија не ги доведе САД до успех, тогаш во Втората светска војна ефектот беше значителен, а победата во Студената војна со СССР дефинитивно го зацврсти успехот на стратегијата на „Морската Сила“.

 

4.2 Морска цивилизација = трговска цивилизација

За Мехен, главен инструмент на политиката е трговијата. Воените дејства треба само да обезбедат најблагопријатни услви за создавање на планетарна трговска организација. Мехен економските циклуси ги разгледува во три моменти:

1) Производство (размена на стоки и услуги по воден пат) 
2) Навигација (која ја реализира таа размена) 
3) Колонии (кои ја произведуваат циркулацијата на размената на светско ниво).
Мехен смета дека анализата на позицијата и геополитичкиот статус на Државата треба да се заснова врз 6 критериуми: 
1. Географската положба на Државата, нејзината отвореност кон мориња, можност за морска комуникација со други држави. Протегање на копнените граници, способност за контрола на стратегиски важни региони. Способност со своја флота да се загрози територијата на противникот.
2. „Физичката конфигурација“ на Државата, т.е. конфигурација на морските крајбрежја и бројот на пристаништа расположени на нив. Од тоа зависи процветот на трговијата и стратегиската безбедност.
3. Протегањето на територијата. Таа е еднаква на протегањето на крајбрежната линија.
4. Статистичкиот број на населението. Тоа е важно за оценка на способноста на Државата да гради бродови и да ги опслужува.
5. Националениот карактер. Способност на народите за усвојување на трговијата, бидејќи морската моќ се заснова врз мирна и широкоопфатна трговија.
6. Политичкиот карактер на управувањето. Од тоа зависи преориентацијата на најдобрите природни и човечки ресурси во создавањето на морската сила.
Веќе со ова набројување се гледа дека својата геополитичка територија Механ ја гради така што да произлегува исклучиво од Морската Сила и нејзините интереси. За Мехен, образец за Морска Сила била древната Картагена, а во поново време Англија од XVII и XIX век.
Поимот „Морска Сила“, според него, се заснова врз слободата на „морската трговија“, а воено-поморската флота служи само за да ja гарантира безбедност на таа трговија . Мехен оди уште подалеку, сметајќи ја Морската Сила за посебен тип цивилизација (претходејќи на идејата на Карл Шмит), најизразита и најефективна и затоа предодредена за владеење со светот.
4.3 Освојување на светот од страна на САД и Мanifest destiny
Идеите на Мехен биле распространети низ цел свет и влијаеле врз многу европски стратези. Дури и копнената и континенталната Германија, во лицето на адмирал Тирлиц, ги применила тезите на Механ и почнала активно да ја развива својата флота. Во 1940 и во 1941 година книгите на Механ биле објавени и во СССР. 
Сепак, тие во прв ред беа наменети за Америка и за Американците. Мехен беше најгорлив приврзаник на доктрината на претседателот Монро (1758-1831), кој во 1823 година декларираше принцип за заемно немешање во внатрешните работи меѓу државите на Америка и Европа, а исто така го втемели и порастот на моќта на САД, во зависност од територијалната експанзија на најблиските територии. Мехен сметал дека Америка има морска судбина и дека нејзиниот Манифест на Судбината (Albert K.Weinberg "Manifest Destiny", Baltimore, 1935) во првата етапа завршува со стратегиска интеграција на целиот американски континент, а потоа и со воспоставување на светско владеење.
Треба да и се оддаде должна почит на пророчката визија на Мехен. Во негово време, САД се уште не беа во рангот на водечките светски држави  и, уште повеќе, не бил видлив дури ниту нивниот „морски цивилизациски тип“. Уште во 1805 година, Макиндер, во статијата „Географската оска на историјата“ се однесувал кон САД како кон „копнена држава“, во состав на „надворешната полумесечина“, само како полуколонијално стратегиско продолжување на Англија. Макиндер пишувал: 
„Само што источна држава станаа и САД. Врз балансот на силите тие влијаат не непосредно туку преку Русија“. 
Но, дури 10 години пред појавувањето на текстот на Макиндер, адмиралот Мехен на Америка ѝ претскажа планетарна судбина, станување водечка морска држава, со директно влијание врз судбината на светот. 
Во книгата „Заинтересированоста на Америка во Морската Сила“ Мехен утврдил доколку Америка сака да стане светска држава, таа е должна да ги исполни следните услови: 
1) активно да се соработува со британската морска држава;
2) да се спречуваат германските морски претензии;
3) будно да се следи експанзијата на Јапонија во Тихиот Океан и да ѝ се противдејствува;
4) заедно со европејците да се координираат дејства против азиските народи. 
Мехен судбината на САД ја видел во тоа да не бидат пасивни соучесници во општиот контекст на периферните држави на „надворешната полумесечина" туку во тоа да се оствари водечка позиција во економските, стратегиските и во идеолошките односи. 
Независно од Макиндер, Мехен дојде до истиот заклучок во однос на главната опасност за „морската цивилизација“. Како таква опасност се јавуваат континенталните држави на Евроазија, во прв ред Русија и Кина, а во втор ред Германија. Борбата со Русија, со таа „безпречена копнена маса на Руската империја, протегната од западната Мала Азија па до јапонскиот меридијан на исток“, за Морската Сила била главна долгорочна стратегиска задача. 
Мехен на планетарно ниво го пренесе принципот „Анаконда“, применет од американскиот генерал Мак-Клелан в североамериканската граѓанска војна од 1861-1865 година. Тој принцип се состои во блокирање на непријателските територии од море и по крајбрежните линии, што постепено доведува до стратегиско истоштување на противникот. Бидејќи Мехен сметал дека моќта на државата се определува од нејзините потенцијали за станување Морска Сила, тогаш, во случај на спротивставување, како стратегиската задача број еден се јавува недопуштањето на таквата состојба во кампот на противникот. Следствено, услов за историско спротивставување на Америка е засилувањето на своите позиции на 6-те основни пунктови (набројани погоре) и ослабување на противникот по истите тие пунктови. Сопствените крајбрежни простори мораат да бидат под контрола, а соодветните зони на противникот нужно, на кој било начин, да се оттргнат од континенталната маса. И натаму: бидејќи доктрината на Монро (во делот за територијалната интеграција) ја засилува моќта на државата, тогаш не смее да се допушти создавање на аналогни интеграциони формации кај противникот. Напротив, противникот или соперникот, во случајот на Мехен тоа се евроазиските држави (Русија, Кина, Германија), континенталната маса треба да биди задушена во обрачите на „Анакондата“, со ставањето под нејзина контрола на крајбрежните зони и, по можност, со затворање на излезите кон морското пространство. 
Во Првата светска војна таа стратегија се реализирала со поддршка од страна на Антантата по периферијата на Евроазија (како одговор на склучувањето мировен договор на бољшевиците со Германија); во Втората светска војна таа исто така билс свртена против Средна Европа и, делумно, со воено-поморски операции, против силите на оската и Јапонија. Но таа е особено јасно видлива во епохата на Студената војна, кога спротивставувањето помеѓу САД и СССР достигна планетарни димензии со кои на теоретско ниво геополитичарите оперираа уште од крајот на XIX век. 
Фактички, основните линии на стратегијата на НАТО, а исто така и на други блокови, создадени за задржување на СССР (концепцијата на „задржување“ е истоветна на стратегиската и геополитичка концепција „Анаконда“), а ASEAN, ANZUS, CENTO се јавуваат како директен развој на основните тези на адмирал Мехен, кој врз основа на тоа слободно може да се нарече интелектуален татко на целиот современ атлантизам.

Глава 5. Видал де ла Блаш: „Франција против Германија“

5.1 Географска слика на Франција

Видал де ла Блаш (1845-1918) се смета за основач на француската географска школа. Како професионален географ, тој бил привлечен од „политичката географија“ на Ратцел и создал свои теории засновани врз тој извор, иако многу аспекти на германската геополитичка школа тој жестоко ги критикувал. 
Во својата книга „Географската слика на Франција“ (1903), тој се свртува кон теоријата за почвата, најважна за германските геополитичари: 

„Односите помеѓу почвата и човекот во Франција се одбележани со изворен карактер на древност, непрекинатост (...). Во нашата држава често може да се види дека луѓето живеат на едни исти места од памтивек. Изворите, калциумовите карпи, првично ги привлекувале луѓето како удобни места за живеење и заштита. Нашиот човек е верен ученик на почвата. Проучувањето на почвата ќе помогне да се појасни карактерот, менталитетот и тежнеењата на населението“ (Vidal de la Blache "Tableau de la Geographie de la France", Paris, 1903). 
Но и покрај таквиот целосно германски однос кон географскиот фактор и неговото влијание врз културата, Видал де ла Блаш сметал дека Ратцел и неговите следбеници го преценуваат чисто природниот фактор, сметајќи го за пресуден.
Човекот, според Де ла Блаш, е исто така најважен географски фактор, но притоа тој уште е и „надарен со иницијатива“. Тој не е само декоративен фрагмент туку и главен актер во претставата.

5.2 Посибилизам

Таа критика на прекумерното величење на просторниот фактор од страна на Ратцел го довела Видал де ла Блаш до изработка на посебна геополитичка концепција посибилизам (од зборот possible =возможно). Согласно таа концепција, политичката историја има два аспекти: просторен (географски) и временски (историски). Географскиот фактор се одразува во околната средина, а историскиот во самиот човек („носител на иницијативата“) (Vidal de la Blache "Principes de geographie humaine", Paris, 1921). Видал де ла Блаш сметал дека грешката на германските „политички географи“ е во тоа што тие го сметаат релјефот за определувачки фактор на политичката историја на државите. Со самото тоа, според мислењето на Де ла Блаш, се намалува факторот на човечката слобода и историчност. Тој самиот предлага географската просторна состојба да се разгледува како „потенцијалност“, „возможност“ која може да се актуелизира и да стане реален политички фактор, а може и да не се актуелизира. Тоа во многу зависи од субјективниот фактор на човекот кој го населува дадениот простор.
Таквиот пристап бил близок до германските геополитичари од школата на Хаусхофер, кои критиката на Де ла Блаш ја сметале за целосно заснована и важна. Во таквиот случај, очигледно растела улогата на етничкиот или расниот карактер при разгледувањето на политичката историја на државата, а тоа соодветствувало на сеопштиот изблик на расната проблематика во Германија во 20-тите години. 
„Посибилизмот“ на Де ла Блаш бил прифатен од мнозинството геополитички школи како корекција на цврстиот географски детерминизам на претходните геополитички автори. 
 

5.3 Франција за „Морската Сила“

Особено внимание Видал де ла Блаш и посветил на Германија, која била главниот политички опонент на Франција во тоа време. Тој сметал дека Германија е единствена моќна европска држава чија геополитичка експанзија осмислено се блокирала од другите европски развиени држави. Ако Англија и Франција имале свои широки колонии во Африка и во целиот свет, ако САД можат речиси слободно да се движат кон југот и северот, ако Русија ја има Азија, тогаш Германија е задушена од сите страни и нема излез за својата енергија. Де ла Блаш во тоа ја видел главната опасност за мирот во Европа и сметал за дека е неопходно на секаков начин да се ослаби развојот на тој опасен сосед. 

Таков однос кон Германија логички со себе ја повлекувал и геополитичката определба на Франција во составот на заедничкиот фронт на „Морската Сила“, ориентирана против континенталните држави. Позицијата на Де ла Блаш не била единствена меѓу француските геополитичари, бидејќи паралелно постоела и спротивставена германофилска формација, претставена од адмиралот Левале и генералот Де Гол. 
Во 1917 година Видал де ла Блаш ја објавува книгата „Источна Франција“, во која ја докажува исконската припадност на провинцијата Елзас-Лорен кон Франција и неоправданоста на германските претензии кон таа област. Притоа, тој се повикува на Француската револуција, сметајки го нејзиниот јакобински израз за впечатлива геополитичка тенденција на Францускиот народ, кој се стремел кон унификација и централизација на својата Држава преку географска интеграција. Политичкиот либерализам тој исто така го објаснува и со приврзаноста на луѓето кон почвата и природната желба да ја имаат во приватна сопственост. Со таква слика, Видал де ла Блаш на свој начин ги поврзал геополитичките со идеолошките реалности: просторната политика на Западна Европа (Франција) нераскинливо е поврзана со „демократијата“ и „либерализмот“. Со такво изедначување лесно е да се доближат геополитичките погледи на Де ла Блаш со оние на Макиндер и Мехен.
Изборот на Де ла Блаш на „морската ориентација“ прекрасно се вклопува во таа шема. 

 

Глава 6. Николас Спикмен „Ревизија на Макиндер,  централност –„ rimland“

6.1 Во служба на Америка

 
Американецoт од холандско потекло Николас Спикмен (1893-1943) се јавува како продолжувач на линијата на адмирал Мехен. Спикмен бил професор по меѓународни односи, а подоцна и директор на Институтот за меѓународни односи на Универзитетот Јејл. За него, за разлика од првите геополитичари, самата географија не претставувала голем интерес, а уште помалку го интересираа проблемите на врската на народот со почвата, влијанието на рељефот врз националниот карактер итн. Спикмен ја разгледувал геополитиката како најважен инструмент на конкретната меѓународна политика, како аналитички метод и систем од формули кои овозможуваат да се изработи најефективната стратегија. Во таа смисла, тој жестоко ја критикуваше германската геополитичка школа (особено во книгата „Географија на светот“ (Nicholas Spykman "Geography of peace", 1942), сметајќи ја за претставник на „праведните или неправедните граници на метафизичката глупост“. 
Како и за Мехен, и за Спикмен е карактеристичен утилитарниот пристап, јасната желба да се изведе најефективната геополитичка формула со чија помош САД ќе можат на најбрз начин да се стекнат со „светско владеење“. Со тој прагматизам се определува градбата на сите негови истражувања. 

 
6.2 Корекција на Макиндер

Спикмен, откако внимателно го проучил Макиндер, предложил своја варијанта на основната геополитичка шема, нешто поразлична од моделот на Макиндер. Основната идеја на Спикмен според него била дека Макиндер, го преценил геополитичкото значење на heartland-от. Таа преценетост влијаела не само на актуелниот распоред на силите на картата на светот, но и делумно на моќта на СССР, туку и на првичната историска шема. Спикмен сметал дека географската историја на „внатрешната полумесечина“, rimland-от, т.е. „крајбрежните зони“, се остварувала сама по себе, а не под притисок на „копнените номади“, како што сметал Макиндер. Од неговата гледна точка, heartland-от се јавува само како потенцијално пространство, кое се здобива со сите културни импулси од крајбрежните региони и само по себе не содржи никаква самостојна геополитичка мисија или историски импулс. Rimland-от, а не heartland-от, според неговото мислење, се јавува како клуч за владеење со светот. 
Геополитичката формула на Макиндер: „Оној кој ја контролира Источна Европа, доминира над heartland-от; оној кој доминира над heartland-от, доминира над Светскиот Остров; оној кој доминира над Светскиот Остров, доминира над светот“, Спикмен предложил да се замени со неговата теза: „Оној кој доминира над rimland-от доминира над Евроазија; оној кој доминира над Евроазија ја држи судбината на светот во свои раце“ (Nicholas Spykman "Geography of peace", 1942).
Во принцип, Спикмен со ова не кажал ништо ново. И за самиот Макиндер „крајбрежната зона“, „надворешната полумесечина" или rimland-от биле клучна стратегиска позиција за контрола над континентот. Но, Макиндер таа зона ја разбирал не како самостојна и самодоволна геополитичка формација туку како простор на спротивставување на два импулси – „морскиот“ и „копнениот“. Притоа, тој никогаш не ја разбираше контролата над heartland-от во смисла на владеење над Русија и нејзините придружни континентални маси. Источна Европа е меѓупространство помеѓу „географската оска на историјата“ и rimland-от и следствено, во однос на силите на периферијата на heartland-от се наоѓа клучот за проблемот на владеењето со светот. Но, Спикмен мешањето на приоритетите во својата геополитичка доктрина во однос на погледите на Макиндер го претставил како нешто радикално ново. Во суштина, станува збор само за извесно нијансирање на поимите. 

6.3 Скала за определување на моќта

Вo своите книги „Американската стратегија во светската политика“ (N. Spykman "America's Strategy in World Politics"(1942)) и „Географија на светот“ Спикмен издвоил десет критеруми врз чија основа треба да се определи геополитичката моќ на една држава. Тоа е развивање на критериуми, првично предложени од Мехен. Тие се: 
1) Територијална површина;
2) Природа на границите;
3) Број на население;
4) Присуство или отсуство на минерали;
5) Eкономски и технолошки развој;
6) Финансиска моќ;
7) Етничка еднородност;
8) Ниво на социјална интеграција;
9) Политичка стабилност;
10) Национален дух.
Доколку збирниот резултат на оценката за геополитичките можности на државата според тие критериуми се покаже доволно низок, тоа речиси автоматски значи дека дадената држава е принудена да влезе во заеднички стратегиски сојуз, отстапувајќи дел од својот суверенитет заради глобална стратегиска заштита. 

 
6.4 Средишниот Океан

Покрај преоценувањето на значењето на rimland-от, Спикмен внел уште едно важно дополнување во геополитичката слика на светот, видена од позиција на „морската сила“. Тој го вовел извонредно значајниот поим Средишен Океан („Midland Ocean“). Во основата на тој геополитички поим лежи нагласена аналогија помеѓу Средоземното Море во историјата на Европа, Блискиот Исток и Северна Африка во минатото, и Атлантскиот Океан во најновата историја на западната цивилизација. Бидејќи Спикмен ја сметаше „крајбрежната зона“ (rimland-от) имено за основна историска територија на цивилизацијата, тогаш средноземноморскиот ареал за него претставувал образец за културата која се распространила внатре во континентот (култивирање на варварите од Копното) и на далечни територии, достижни само по морски пат (култивирање на варварите на Морето). Слично на тој средноземноморски модел, во најново време, со зголемувањето на планетарниот размер, тоа исто се случува со Атлантскиот Океан, чии два брега, американскиот и европскиот, се јавуваат како најразвиен ареал на западната цивилизација во технолошка и економска смисла. 
„Средишниот океан“ (Midland Ocean) станува, во таква перспектива, не разединувачки ами обединувачки фактор, внатрешно море (mare internum). Со таква слика, преку Спикмен, се наметнува особена геополитичка реалност која условно може да се нарече „атлантски континент“, во чиј центар, како езеро во копнен регион се простира Атлантскиот Океан. Тој теоретски „континент“, „новата Атлантида“, е поврзан со заедничка култура од западноевропско потекло, со идеологијата на либерал-капитализмот и демократијата, со единство на политичката, етичката и технолошката судбина. 
Спикмен особено инсистирал на улогата на интелектуалниот фактор во тој атлантски континент. Западна Европа и појасот на Источното крајбрежје на Северна Америка (особено Њујорк) стануваат мозок на новото атлантско општество. Како нервен центар и движечки механизам се јавуваат САД и нивниот трговски и воено-индустриски комплекс. Европа се јавува како мислечки додаток на САД, чии геополитички интереси и стратегиска линија се јавуваат како единствени и главнокомандувачки за сите држави на Западот. Постепено, воедно и должно е да се намали политичкиот суверенитет на европските држави, а власта преминува во посебни инстанци, во кој се собрани претставници на сите „атлантски“ простори, потчинети на приоритетното водство на САД. 
Спикмен ги предвиде најважните политички процеси, создавањето на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), мешањето во внатрешните работи на европските држави во повоениот свет, планетарна хегемонија на САД итн. 

 
6.5 Архитект на американската победа

Основата на својата доктрина Спикмен ја направи не толку врз геополитичко осмислување на местото на САД како „Морска Сила“ во целиот свет (како Мехен), можеби затоа што тоа веќе станало факт, колку врз неопходноста за контрола на крајбрежните региони на Евроазија: Европа, арапските држави, Индија, Кина итн., за конечна победа во двобојот помеѓу континенталните и морските сили. Додека во сликата на Макиндер планетарниот дуализам се разгледувал како нешто „вечно“, „непроменливо“, тогаш Спикмен сметал дека целосната контрола над rimland-от од страна на „морските држави“ ќе доведе до конечна и бесповратна победа над копнените држави, кои понатаму ќе бидат целосно под контрола. 
Фактички, тоа било крајното развивање на „тактиката на анакондата“, која веќе ја основал Мехен. Спикмен на целата концепција и дал конечен облик. 
Победата на САД како „Морска Сила“ во Студената војна ја покажа апсолутната геополитичка вистина на Спикмен, кого можеме да го наречеме „архитект на светската победа на либерал-демократските држави“ над Евроазија. 
Во одреден момент се покажува дека тезите на Спикмен во однос на стратегиската врховност на rimland-от и за важноста на „Средишниот Океан“ се докажани од самата историја. Но, теоријата на Макиндер за постојаниот стремеж на центарот на Евроазија кон политичко возраѓање и кон континентална експанзија е исто така рано во целост да се отфрли. 
Но, од друга страна, некои идеи на Спикмен (особено на неговиот следбеник Кирк, кој развил уште подетална теорија за rimland-от) биле поддржани од некои европски геополитичари, увидувајќи во неговата висока стратегиска оценка на „крајбрежните територии“ можност за повторно внесување на Европа во редот на оние држави кои решаваат за судбината на светот. Но, за тоа е потребно било да се отфрли концепцијата за „Средишниот Океан“. 
И покрај ваквиот теоретски чекор на некои европски геополитичари (кои, впрочем, остануваат сосема двосмислени), Спикмен, без никакви сомнежи, принадлежи кон најизразените и доследни „атлантисти“. Покрај тоа, тој заедно со адмиралот Мехен, може да се нарече „татко на атлантизмот“ и „идеен инспиратор на НАТО“. 

 

Глава 7. Карл Хаусхофер – „Континенталниот блок“

7.1 Војна и мисла

Имено, на Карл Хаусхофер (1869-1946) геополитиката во многу му е должна за тоа што таа долго време се сметаше не само како „псевдонаука“, туку и како човекомразечка, „фашистичка“, „човекојадна“ теорија. 
Карл Хаусхофер е роден во Минхен, во професорско семејство. Тој решил да стане професионален војник и во армијата служел како офицер повеќе од 20 години. Во 1908-1910 година, тој служел во Јапонија и Манџурија во својство на германски воено аташе. Таму, тој се запознал со семејството на јапонскиот император и со повисоката аристократија. 
Слабото здравје го спречува Хаусхофер да ја продолжи доволно успешната воена кариера и тој се вратил во Германија во 1911 година, каде што и живееше до крајот на животот. Тој се посветил на науката, стекнувајќи се со титулата „доктор“ на Минхенскиот универзитет. Од тоа време, Хаусхофер редовно објавува книги посветени на геополитиката како целина или, посебно, на геополитиката на Тихоокенскиот регион. Прва негова книга била „Даи Нихон“ (Karl Haushofer "Dai Nihon", Munich,1913), посветена на геополитиката на Јапонија.
Преку својот ученик Рудолф Хес, Хаусхофер се запознал со Хитлер веднаш по неговото затворање како последица на неуспешниот пуч. Се уште, од историчарите е непотврдено мислењето дека Хаусхофер имал учество во пишувањето на „Мајн Кампф“, на местата кои се посветени на некои геополитички категории. Но, концептуалната анализа покажува суштинска разлика помеѓу геополитичките согледувања на Хаусхофер и упростените расистичко-пропагандистички пасуси на Хитлер. 
Во текот на 20 години, почнувајќи од 1924, Хаусхофер го издавал најважниот геополитички журнал, кој имал огромно меѓународно значење, „Geopolitik“, подоцна преименуван во „Zeitschrift fur Geopolitik“. 
Повеќето свои текстови тој ги објавувал имено во тоа издание. Односите на Хаусхофер со нацизмот биле сложени. Во некои пунктови, неговите погледи биле блиски со погледите на национал-социјалистите, а во некои радикално се разидувале. Во зависност од периодите на нацистичкото однесување и од личните односи, се менувала и позицијата на Хаусхофер во Третиот Рајх. 
До 1936 година кон него беа благонаклонети (особено се истакнуваше протекцијата на неговиот помлад пријател Хес), потоа започнало заладувањето. По летот на Хес во Англија, Хаусхофер западнал во немилост, а по казната на неговиот син Албрехт, обвинет за учество во атентатот врз Хитлер во 1944, Хаусхофер бил сметан речиси за „народен непријател“. 
Без оглед на двосмисленоста на неговата позиција, тој од сојузниците бил посочен како „истакнат нацист“. Не издржувајќи ги многуте удари на судбината и уривањето на надежите, Карл Хаусхофер, заедно со својата жена Марта, во 1946 година извршуваат самоубиство. 

 

7.2 Новиот Евроазиски Поредок

Хаусхофер внимателно ги проучил делата на Ратцел, Челен, Макиндер, Видал де ла Блаш, Мехен и другите геополитичари. Сликата на планетарниот дуализам „морските сили“ против „континенталните сили“, или таласократија („власт со посредство на морeто“) против телурократија („власт со посредство на земјата“) за него беше оној клуч кој ги откривал сите тајни на меѓународната политика, во којашто тој бил вклучен на најдиректен начин. (Во Јапонија, на пример, тој имал работа со оние сили кои ги преземале најодговорните решенија во однос на територијалната карта). Значајно е што терминот „Нов поредок“, кој активно го ползувале нацистите, а во наше време Американците во обликот „Нов светски поредок“, најпрвин бил употребен имено во Јапонија, соодветно на таа геополитичка шема на прераспределба на влијанијата во Тихоокеанскиот регион, а која во живот планирале да ја спроведат јапонските геополитичари. 
Планетарниот дуализам „Морски сили“ - „Копнени Сили“ ја поставил Германија пред проблемот на геополитичка самоидентификација. Приврзаниците на националната идеја - а Хаусхофер без сомнение припаѓал во нивните редови – се стремеле кон засилување на политичката моќ на германската држава, што подразбирало индустриски развој, културен подем и геополитичка експанзија. Но, самата местоположба на Германија во центарот на Европа, просторната и културна Mittellage, правела од неа природен противник на западните, морски држави како Англија, Франција, а во перспектива и на САД. Самите „таласократски“ геополитичари исто така не го криеле својот одбивен однос кон Германија и ја сметле (заедно со Русија) за еден од главните геополитички противници на морскиот Запад. 
В таква ситуација, на Германија не ѝ било лесно да смета на кревката алијанса со државите на „внатрешната полумесечина“, уште повеќе затоа што Англија и Франција имале историски територијални претензии кон Германија. Следствено, иднината на националната Голема Германија лежело во геополитичко спротивставување на Западот и, особено, на англосаксонскиот свет со кој Sea Power фактички се поистоветува. 
Врз таа анализа се заснова и геополитичката доктрина на Карл Хаусхофер и неговите следбеници. Таа доктрина се комплетира преку неопходноста од создавање на „континентален блок“ или оската Берлин-Москва-Токио. Во таков блок ништо не би било случајно, тоа бил единствениот целосен и адекватен одговор на стратегијата на спротивниот камп, кој не криел дека најголемата опасност за него би било создавањето на сличен евроазиски сојуз. Во статијата „Континенталниот блок“ Хаусхофер напиша: 
„Невозможно е да се задуши Евроазија се додека двата најголеми народи, Германците и Русите, на секаков начин се стремат да избегнат меѓусебен конфликт, слично на Кримската војна или на 1914 година: тоа е аксиома на европската политика“ (Karl Haushofer "Kontinentalblocke: Mitteleuropa - Eurasia - Japon" in "Ausgewaehlte Texte zur Geopolitik", Boppard am Rhein, 1979). 
Тука тој исто така го цитирал Американецот Хомер Ли: „Последниот час на англосаксонската политика ќе отчука тогаш кога Германците, Русите и Јапонците ќе се обединат.“
Таа мисла Хаусхофер на разни начини ја спроведувал во своите статии и книги. Таа линија го доби називот Ostorientierung, т.е. „Ориентација кон Исток“,  и претпоставуваше самоидентификација на Германија, нејзиниот народ и култура како западен продолжеток на евроазиската, азиска традиција. Не случајно, Англичаните во времето на Втората светска војна, со цел да ги понижат, ги нарекувале Германците „Хуни“. За геополитичарите од школата на Хаусхофер, тоа било целосно прифатливо. 
Во таа врска треба да се подвлече дека концепцијата „Отвореност кон Истокот“ за Хаусхофер воопшто не значела „окупација на словенските земји“. Станувал збор за заеднички цивилизациски напори на две континентални држави, Русија и Германија, кои би требало да го воспостават Новиот евроазиски поредок и  да го преструктуираат континенталниот простор на „Светскиот Остров“ така што во целост би го извлекле од под контролата на „Морската Сила“. Раширувањето на германскиот „Lebensraum“ Хаусхофер го планирал не за сметка на колонизација на руските земји, туку за сметка на освојување на гигантските, ненаселени азиски простори и реорганизација на земјите од Источна Европа. 

 
7.3 Компромис со таласократијата

Како и да е, во пракса не изгледало сè така еднозначно. Чисто научната геополитичка логика на Хаусхофер, која логички доведе до неопходноста од создавање „континентален блок“ со Москва, се судираше со многубројните тенденции од различни својства, исто така присутни во германското национално спознание. Станува збор за чисто расистичкиот пристап кон историјата од кој бил заразен самиот Хитлер. Тој пристап за најважен фактор ја сметал расната блискост, а не географската или геополитичката специфика. На англосаксонските народи, Англија и САД, во таков случај се гледало како на природни сојузници на Германците, бидејќи им биле етнички најблиски. Словените и особено небелите евроазиски народи станувале расни противници. Кон тоа се додава и идеолошкиот антикомунизам, затоа што според расниот принцип Маркс и многу комунисти биле Евреи, а оттука, во очите на антисемитите, комунизмот сам по себе се доживувал како антигерманска идеологија. 
Национал-социалистичкиот расизам влегол во директна противречност со геополитиката или, поточно, скришно ги поттикнувал Германците кон спротивната, антиевроазиска, таласократска стратегија. Од гледна точка на последователниот расизам, Германија првично би требало да склучи сојуз со Англија и САД, за со заеднички сили да му се спротивстават на СССР. Но, од друга страна, понижувачкото искуство од Версај било се уште премногу свежо. Од тоа двојство произлегува целата двосмисленост на меѓународната политика на Третиот Рајх. Таа политика постојано балансирала помеѓу таласократската линија, надворешно оправдана со расизмот и антикомунизмот (антисловенска настроеност, напад врз СССР, проширување на католичка Хрватска на Балканот итн.) и евроазиската телурократија, заснована врз чисто геополитички принципи (војна со Англија и Франција, договорот Рибентроп-Молотов итн.). 
Затоа што Хаусхофер бил ангажиран, во одреден степен, во решавањето на конкретните политички проблеми, тој бил принуден да ги прилагоди своите теории под политичката специфика (од тоа време - знп). Оттука се и неговите контакти со високите кругови во Англија. Освен тоа, основањето на Антикоминтерната, т.е. создавањето на оската Берлин-Рим-Токио, Хаусхофер го поздравил, сметајќи го за претходница на патот кон создавање на целосен евроазиски блок. Тој не можел, а да не сфати дека антикомунистичкиот карактер на тој сојуз и појавување на местото на центарот на heartland (Москва) второстепена полуостровска држава, која му припаѓа на rimland-от, претставува карикатура на изворниот континентален блок. 
Но, сите тие етапи, диктирани од политичкиот конформизам, не се показатели на целокупноста на геополитиката на Хаусхофер. Неговото име и идеите целосно се воплотија имено во концепциите за источната судбина на Германија, заснована врз цврст и долгорочен евроазиски сојуз. 

Глава 8. Карл Шмит – „Бегемот vs Левијатан“

8.1 Конзервативен револуционер
Германецот Карл Шмит (1888-1985) е познат како исклучителен правник, политолог, философ, историчар. Но, сите негови идеи се нераскинливо сврзани со геополитичките концепции и неговите основни трудови „Номосот на земјата“ (Сarl Schmitt "Der Nomos der Erde" , Koeln, 1950), „Земја и море“ (Сarl Schmitt "Land und Meer", Leipzig, 1942) итн., посветени имено на осмислување на геополитичките фактори и нивните влијанија врз цивилизацијата и политичката историја. 
Карл Шмит бил близок со германските претставници на Конзервативната револуција, парадоксално движење кое во себе мешаше национално-конзервативни и социјално-револуционерни елементи. Судбината на Шмит е судбина на неговите книги, неговата правно-философска школа. Како и кај многу други конзервативни револуционери, неговиот однос со национал-социјалистичкиот режим бил двосмислен. Од една страна, неговите теории безусловно влијаеа врз нацистичката идеологија. Со особен успех ги користеа неговите книги „Политичка теологија“ (Сarl Schmitt "Politische Theologie", Munchen-Leipzig, 1922) и „Поимот на политичкото“ (Сarl Schmitt "Das Begriff des Politischen", Berlin-Grunewald, 1928), во кои Шмит дава широка критика на либералното право и на „правната држава". Во тие текстови се дадени скиците на целото подоцнежно интелектуално творештво на Шмит, во нив се забележува ограничен политички реализам, стремеж за ослободување на политолошките проблеми од хуманистичка реторика, сентиментален патос и социјална демагогија. Тоа целосно соодветствувало со национал-социјалистичкиот дух. 
Заедно со тоа, целата концепција на Шмит била заснована врз фундаменталната идеја за права на народите (Volksrechte), која тој ја спротивставил на либералната теорија за „права на човекот“. Во неговите сфаќања, секој народ има право на културна сувереност, на негување на својот духовен, историски и политички идентитет. Таков ист пристап бил карактеристичен за некои национал-социјалисти кои ја сметаа таа идеја за универзална и применлива за сите народи во светот. Но, доминантна линија на режимот станал токму пангерманизмот, заснован врз шовинизам и тесен националистички пристап. Затоа, Шмит, со неговата теорија за „права на народите“ бил подложен на остра критика, особено од страна на идеолозите на СС (во 1936, во органот на СС „Schwarze Korps“ била објавена агресивна заканувачка статија на негова адреса). 
Идејното оформување на Шмит помина во истата атмосфера на идејата за „органистичка социологији“ како и кај Ратцел и Челен, но врз него исто така влијаеше и романтичарската теорија „Светлина на Северот“ (Nordlicht), согласно чии социјално-политички облици државните формации се вкоренуваат не врз механичката функција на атомизирани личности, соединети не во математички конгломерати туку во митологија, во сакрален свет на „стихии и духови“ (Сarl Schmitt "Theodor Daueblers "Nordlicht". Drei Studien ueber die Elemente, den Geiste und die Aktualitaet des Werkes", Muenchen, 1916). Во теориите на Шмит насекаде се појавува парадоксален спој на „политички романтизам“ и „строг рационализам“. Изострениот ментален апарат служи за изразување на духовни митологии. 
На Нирнбершкиот процес бил направен обид Карл Шмит да им се придодаде на „воените злосторници“ врз основа на неговата соработка со режимот на Хитлер. Конкретно, нему му ја инкриминираа „теоретската основа за легитимноста на воената агресија“. По деталното запознавање на судиите со главните поенти на неговото дело, обвинанието било отфрлено. Но со тоа не беше спречено Шмит, како и Хајдегер, Јунгер и други „конзервативни революционери“ да станат персона нон грата во светското научно општество, а неговите дела да бидат целосно игнорирани. 
Дури во 70-тите години, благодарение на колосалното влијание на правната мисла на некои леви, социјалистички мислители, делата на Шмит почнале постепено да се рехабилитираат. 
Во денешно време, тој е признат како класик на политологијата и јуриспруденцијата. 
 
8.2 Номосот на земјата
Шмит, целосно во духот на геополитичкиот пристап, ја утврдувал првичната врска на политичката култура со просторот. Не само Државата, туку и целата социјална реалност и личното право произлегуваат од квалитетот на организацијата на просторот. 
Оттука, Шмит ја воведе концепцијата за „номос“. Тој грчки термин „номос“ означува „нешто земено, оформено, подредено, организирано“ во смисла на простор. Тој термин е близок на поимот „релјеф“ кај Ратцел и „место-развој“ кај руските евроазијци (Савицки). Шмит покажува дека „номосот“ е таков облик на организација на битието, која востановува најхармонични односи, како во социјалниот ансамбл така и меѓу други ансамбли. „Номосот“ е израз на посебна синтетичка комбинација на субјективни и објективни фактори кои органски се појавуваат во создадениот политички и правен систем. Во „номосот“ се пројавуваат природните и културните особености на човечкиот колектив во спој со околната средина. 
Во книгата „Номосот на земјата“ Шмит покажува на каков начин специфичноста на едно или на друго земно пространство влијаела врз културата и државата кои се развивале во него. Тој меѓу себе ги сопоставува различните историски „номоси“, особено потцртувајќи го фундаменталниот дуализам помеѓу односот кон номадските и староседелските народи. 
Но, најважниот заклучок од анализата во „Номосот на земјата“ се состои во тоа што Шмит блиско дојде до разбирањето на глобалното историско и цивилизациско спротивставување помеѓу цивилизациите на Копното и на Морето. Истражувајќи го „номосот“ на Земјата, тој се судрил со неговата квалитетна и суштинска спротивставеност, „номосот“ на Морето. Тоа го довело до создавање на посебна геополитичка методологија за осмислување на политичката историја на светот. 

8.3 Земја и Море

Во 1942 година Шмит го објавил своето најзначајно дело „Земја и Море“ (Сarl Schmitt "Der Nomos der Erde"). Заедно со подоцнежниот текст „Планетарната напрегнатост помеѓу Истокот и Западот и спротивставеноста на Копното и Морето" (Сarl Schmitt "Die planetarische Spannung zwischen Ost und West", 1959), го претставуваат најважниот документ на геополитичката наука. 
Смислата на спротивставувањето на Копното и Морето кај Шмит се сведува на тоа што станува збор за две совршено различни, една со друга неспоиви непријателски цивилизации, а не за варијанти на единствен цивилизациски комплекс. Таа поделба речиси точно се совпаѓа со сликата насликана од Макиндер, но Шмит на нејзините основни елементи, таласократија (Морска Сила) и телурократија (Копнена Сила), им дава продлабочено философско толкување, поврзано со основните правни и етички системи. Интересно е што Шмит за „силите  на Копното“ го користи името Бегемот, а за „силите на Морето“ Левијатан, како потсетување на две старозаветни митски чудовишта, од кои едното во себе ги воплотува сите копнени каратеристики, а другото сите водени, морски. 
„Номосот“ на Земјата безалтернативно постои во текот на најголемиот дел од човековата историја. Сите разновидности на тој „номос“ се карактеризираат со присуство на строга и устојчива легислативна (и етичка) форма во која се одразува неподвижноста и фиксираноста на Копното, Земјата. Таа врска со Земјата, чиј простор лесно може да се структуира (фиксираност на границите, постојаност на комуникациските патишта, непроменливост на географските и рељефните особености), раѓа суштински конзервативизам во социјалната, културна и техничката сфера. Севкупноста на верзиите на „номосот“ на Земјата го сочинуваат она што применето се нарекува историја на „традиционалното општество“. 
Во таква ситуација, Морето и Водата се само периферни цивилизациски појави, не влегувајќи во сферата на „етичкото“ (или влегувајќи само епизодно). Само со откритието на Светскиот Океан кон крајот на XVI-oт век, ситуацијата се менува на радикален начин. Човештвото (и најпрвин островот Англија) почнува да се навикнува на „морското постоење“, почнува да се осознава себе си како Остров среде вода, Брод. 
Но, воденото пространство остро се разликува од копненото. Тоа е непостојано, непријателско, отуѓено, подложно на постојани промени. Во него не постојат фиксирани патишта, нема очевидни различни патокази. Номосот на морето со себе повлекува глобална трансформација на сознанието. Социјалните, правните и етичките нормативи стануваат течни. Се раѓа нова цивилизација. Шмит сметал дека Новото време и техничкиот напредок, отворајќи ја ерата на индустријализација, своето постоење му го должат на геополитичкиот феномен на преминот на човештвото кон номосот на морето. 
Таквото геополитичко спротивставување на англосаксонскиот свет во „внатрешната полумесечина“ се здобива кај Шмит со социјално-политичката дефиниција. „Номосот“ на морето е реалност, непријателска кон традиционалното општество. Геополитичкото спротивставување на копнените држави со морските ги опфаќа најважните историски, идеолошки и философски поимања. 
 

8.4 Grossraum

Шмит разработил уште една важна геополитичка теорија, „Теоријата за Големотою пространство“ (Grossraum). Таа концепција го разгледува процесот на развој на државите како стремеж кон опфаќање на најголем територијален обем. Принципот на империска интеграција се јавува со изразување на логичниот и природен човечки стремеж кон синтеза. Етапите на територијално раширување на државата, на тој начин, соодветствуваат на етапите на движењето на човековиот дух кон универзализмот. 
Тој геополитички закон се протега и на техничката и на економската сфера. Шмит покажува дека, почнувајќи од извесен момент, техничкиот и економскиот развој на државата имаат потреба од квантитативно и квалитативно зголемување на нејзината територија. Притоа, не станува задолжително збор за колонизации, анексии, воени судири. Воспоставувањето на Grossraum може да се случи и според други закони, врз основа на припадноста на неколку држави или народи на иста религиска или културна форма. 
Според Шмит, развојот на „номосот“ на Земјата треба да доведе до појава на Држава-континент. Етапите на патот кон Држава-континент се движат од град-држава преку запоседнување на територии. Појавата на копнената Држава-континент како матичен grossraum се јавува како историска и геополитичка неопходност. 
Во текстот од 1940 година „Пространството и Големото Пространство во правото на народите“ (Сarl Schmitt "Raum und Grossraum im Volkerrecht", 1940), Шмит го определил „Големото Пространство“ на следниов начин: „Сферата на планерите на просторот, организација и човечка активност се вкоренуваат во актуелната и обемна тендиција за иден развој“ (Ibidem). Појаснувајќи ја таа донекаде нејасна формулација, Шмит како пример на своеволно создавање на „Големо Пространство“ го зел спроведувањето во живот на американската Монрова доктрина. 
Иако во определена смисла можно е Grossraum да се поистовети со Држава, поточно со Империја (das Reich), таа концепција излегува од рамките на обичната држава. Таа е нов облик на наднационално обединување, засновано врз стратегиски, геополитички и идеолошки фактори. 
За разлика од унифицираниот пангермански модел на Хитлер и на советскиот интернационализам, шмитовиот Grossraum се заснова на културен и етнички плурализам, на широка автономија ограничена само со стратегиски централизам и тотална лојалност кон највисоката инстанца на власта. Притоа, Шмит истакнува дека создавањето на ново „Големо Пространство“ не зависи ниту од научната вредност на самата доктрина, ниту од културната надлежност, ниту од економскиот развој на составните делови, па дури и на територијалниот и етнички центар, кој дава импулс за интеграција. Сè зависи само од политичката волја која ја препознава историската неопходност на таквиот геополитички чекор. 
Шмит во таа доктрина ги предвидел основните линии на современата интеграциона политика. 
 

8.5 Тотална војна и фигурата на „партизанот“

Геополитичките мотиви на Шмит се различни практично кај сите теми кои тој ги разгледува. Конкретно, тој ја истражувал врската помеѓу трите концепции „"тотален непријател, тотална војна, тотална држава“. Од негова гледна точка, „тоталната држава“ е најсовршен облик на држава од традиционален тип, т.е. врв на развојот на копнениот „номос“. Без оглед на можноста од историска еволуција на таквата држава сè до маштаб на Grossraum, во неа се задржува неизменлив суштинскиот квалитет. „Тоталната држава“ го исклучува принципот на „тотален непријател“ и „тотална војна“, бидејќи претставата за противникот, „непријателот“ (а Шмит му придавал огромно значење на формулирањето на поимот пријател/непријател, (amicus/hostis) истрајува врз основа на самата себе, а следствено ја продвижува концепцијата за „воена форма“ во која дејствуваат Jus bellum и участвува само ограничен контингент професионални војници. Мирното население и приватната сопственост се наоѓаат под заштита на законот и се изземени (во помала мерка, теоретски) од доменот на воените дејства.
Либералната доктрина која Шмит еднозначно ја поврзал со Новото време и, соодветно, со „морската цивилизација“, со „номосот“ на морето, отфрлајќи ја „тоталната држава“ го отфрла и  патот за „тотална војна“ и концепцијата на „тотален непријател“. Во 1941 година, во статијата „Државниот суверенитет и отвореното море“ тој напишал: 
„Копнената војна била потчинета на правните норми, бидејќи тоа беше војна меѓу држави, т.е. меѓу вооружените сили на непријателските држави. Нејзината рационализација се пројавува во нејзините ограничувања и стремежи во нејзините дејства да се изземат мирното население и приватната сопственост. Војната на море, напротив, не е војна меѓу строго определени и подчинувачки правни нормативи на противниците, бидејќи се заснова врз концепцијата на тотален непријател“. (Сarl Schmitt "Staatliche Souveraenitaet und freies Meer" in "Das Reich und Europa", Leipzig, 1941) 
Општата геополитичка слика, опишана од Шмит, се сведува на напрегнат цивилизациски дуализам, на спротивставување на два Grossraum-и, англосаксонскиот (Англија + Америка) и континентално-европскиот, евроазискиот. Тие две „Големи Пространства“, таласократското и телурократското, водат меѓусебена планетарна битка, за да се направи последниот чекор кон универзализација и да се премине од континентално вледеење кон светско. Притоа, Шмит со песимизам се однесувал кон можноста тој конфликт да се сведе на каква било правна основа, бидејќи цивилизациските макроконцепции и на двете „Големи Пространства“ се засноваат врз заемно-исклучиви „номоси“, „номосот на Земјата“ и „номосот на Морето“. Последниот разурнувачки елемент се однесува на развојот на воздухопловството, бидејќи „воздушното пространство“ уште помалку од морското се подава на етичко-правна структурализација. 
Кон крајот на животот, Шмит го насочил своето внимание врз фигурата на „партизанот“. Таа фигура, според Шмит, се појавува како последен претставник на „номосот“ на Земјата, останувајќи верен на својот првичен позив и покрај „разгорените цивилизации“ и растворувањето на нивните правно-културни основи. „Партизанот“ со својата земја е поврзан со неформални врски и историскиот карактер на таа врска, нему му ги диктира основните на воената етика, остро разликувајќи се од поопштите и апстрактни нормативи. По мерка на универзализацијата на „морските модели“ и „трговската етика“ кои природно ја зафаќаат и сферата на воените дејства, фигурата на „партизанот“ придобива, според Шмит, сè поголемо цивилизациско значење, бидејќи „партизанот“ останува последното активно лице на историјата, кое (со сите средства) го заштитува „копнениот поредок“ пред лицето на тоталната офанзива на таласократијата. Оттука потекнува неговата речиси „сотериолошка“ (гр. - σωτηρία „спасение“ - знп) историска функција.

 

Глава 9. Пјотр Николаевич Савицки „Евроазија како Средишна Земја“

9.1 Судбината на евроазиецот

Пјотр Николаевич Савицки (1895-1968) е, за жал, првиот (и единствен) руски автор кого, во целосно значење на зборот, можеме да го наречеме геополитичар. Според образованието бил економист, ученик на В. Вернадскиј и П. Струве. До војната бил близок до кадетите. По револуцијата емигрирал во Бугарија, а потоа преминал во Чехословачка. Во 1921 година, заедно со кнезот Н.С. Трубецкој го предводеле евроазиското движење во кое геополитичките фактори играа централна улога. Имено, Савицки, во најголем степен од сите евроазијци се интересираше за геополитиката. 
Светогледот на Савицки, како и на мнозинството други евроазијци, се формирало под влијание на делата на словенофилите Данилевски и особено Леонтјев. Тоа била разноликост од револуционерно словенофилство, поврзано со централната идеја за посебноста на историскиот идентитет на „великорусите“ (во Руската империја, денешната Украина се нарекувала Мала Русија, Белорусија – Бела Русија, а Русија - Велика Русија – знп), несведлив ни на религиозната, ни на етничката словенска суштина. Во тој аспект, тие најмногу од сите биле блиски до Константин Леонтјев, кој ја формулирал најважната теза: „словенство да, славизам не“, т.е. „етничката и лингвистичката блискост на словенските народи не е доволна основа за да се говори за нивно културно и карактерно единство“. Евроазиското движење, според опфатот на омилените теми и концепции, било зачудувачки блиско до германските конзервативни револуционери. Исто како и конзервативните револуционери, евроазијците се стремеле да ја спојат верноста кон изворите и творечкиот порив за иднината, вкореност на руската национална традиција со социјалниот модернизам, техничкиот развој и политика со нетрадиционални облици. Врз основа на тоа е заснован и внимателниот позитивен однос на евроазијците кон советската држава и Октомвриската револуција. 
Без оглед на симпатиите кон Советите кои биле карактеристични не само за отвореното просоветско крило на евроазијците (парискиот кружок, кој го издавал весникот „Евроазија“), со кои Савицки официјално ги прекинал односите, туку и за најумерените и „најконзервативните“ елементи. По завземањето на Прага од советските војски во 1945 година, Савицки бил уапсен и осуден на десет години логор. Во логорот, тој се запознал со синот на поетот Николај Гумиљов, Лев, кој станал негов ученик, а подоцна и еден од најдобрите современи руски етнографи и историчари. 
Во 1956 година Савицки бил рехабилитиран и се вратил во Прага, каде што и умрел по 12 години. 
 

9.2 Русија - Евроазија

Основната идеја на Савицки се состои во тоа дека Русија сама по себе претставува посебна цивилизациска формација, која може да се одреди со квалитет на „средишноста“. Една од неговите статии „Географски и геополитички основи на евроазиството“ почнува со зборовите: „Русија има многу поголема основа да се нарече „Средишна Држава“ отколку Кина“ (Петр Савицкий "Географические и геополитические основы евразийства" в "Элементы" № 3, стр. 51-54).
Ако „средишноста“ на Германија, Mittellage, се ограничува на европскиот контекст, а самата Европа е само западен брег на Евроазија, тогаш Русија ја зафаќа централната позиција во рамките на целиот континент. „Средишноста“ на Русија, за Савицки, е основа на нејзиниот историски идентитет, таа не е дел од Европа и не е продолжение на Азија. Таа е самостоен свет, самостојна и посебна духовно-историска геополитичка реалност, која Савицки ја нарекува Евроазија. 
Тој поим не ја означува матицата и не континентот, туку идејата одразена во рускиот простор и руската култура, историската парадигма, особената цивилизација. Савицки, од руска страна ја претставува концепцијата, строго истоветна на геополитичката слика на Макиндер, само апстрактните „разбојници од копното“ или „центро-насочените импулси, произлезени од географската оска на историјата“ кај него добиваат јасен облик на руска култура, руска историја, руска државотворност, руска територија. Русија-Евроазија кај Савицки во тој свет стои како Raum кај Ратцел и, уште поточно, Grossraum кај Шмит. 
Ако Макиндер смета дека од пустината на heartland-от произлегува механички притисок, кој ги спречува крајбрежните зони („внатрешната полумесечина“) да создаваат култура и историја, тогаш Савицки утврдува дека Русија-Евроазија (= heartland-от на Макиндер) претставува синтеза на светската култура и светската историја, развиени во просторот и времето. Притоа, природата на Русија соучествува во нејзината култура. 
Геополитички, Савицки ја подразбира Русија не како национална држава, туку како посебен тип на цивилизација, составена врз основа на неколку составни ариевско-словенски култури, туркменскиот номадизам, православната традиција. Сите заедно создавааат една „средишна“ формација, која по себе претставува синтеза на светската историја. 
Великорусите Савицки ги смета не само за отелотворување на источните словени туку за посебна империјална етничка формација во која се спојуваат словенски и туркменски супстрати. Тој момент него го води кон важната тема на Тураните.

9.3 Турани

Oбраќањето кон Тураните во својство на позитивна ориентација биле скандалозни за многу руски националисти. Со тоа, Савицки индиректно го оправдувал монголо-татарското ропство, благодарение на кое „Русија ја пронашла својата геополитичка самостојност и ја зачува својата духовна независност од агресивниот романо-германски свет“. Таквиот однос кон туранскиот свет бил предодреден остро да ја оддели Русија-Евроазија од Европа и нејзината судбина, основајќи ја етничката уникатност на Русите. 

„Без татарштината не би имало Русија“ - таа теза од статијата на Савицки „Степата и населението“ (П.Н. Савицкий "Степь и Оседлость" в "На Путях: Утверждение евразийцев", Берлин, 1922, стр. 341-356) била клучна формула на евроазиството. Оттука и директниот премин кон чисто геополитичко тврдење: 

„Да говориме отворено: на просторот на светската историја на западноевропското чувствување на морето како рамноправно, дури и поларното, му се спротивставува монголското чувствување на континентот; меѓутоа, кај руските „извидници“, во опсегот на руските војувања и освојувања стои тој ист дух, тоа исто чувствување на континентот“ (Ibidem)
И понатаму: 

„Русија е наследничка на Великите Ханови, продолжителка на делата на Џингис и Тимур, таа е обединителка на Азија. (...) Во неа едновремено се спојуваат историското „седло“ и „степскиот“ елемент. (Ibidem) 
Фундаменталното двојство на рускиот пејзаж, неговата поделба на Шума и Степи ја забележале уште словенофилите. Кај Савицки, геополитичката смисла на Русија-Евроазија доаѓа како синтеза на тие две реалности на европската Шума и азијската Степа. Притоа, таа синтеза не е просто надврзување на два геополитички системи еден врз друг, туку нешто целостно, изворно, подложно на оценување според сопствена мерка и методологија. 
Русија-Евроазија не се сведува во целост на Тураните. Таа е нешто поголемо. Но во однос на Европа, која сè што излегува од рамките на нејзиното „крајбрежно“ сознание го смета за „варварство“, самоквалификацијата на Русите како „носители на монголскиот дух“ е провокација, која го открива историското и духовното потекло на евроазијците. 

 

9.4 Месторазвој 

Во теоријата на Савицки најважна улога има концепцијата за „месторазвој“. Тој термин по себе претставува точна аналогија на поимот Raum, така како што тој се третира во „политичката географија“ на Ратцел и во германската политика (+ Челен) во целина. Во тој поим се одразува „органицизмот“ на евроазијците, сосема подеднаков на германската „органистичка“ школа и остро спротивставен со прагматизмот на англосаксонските геополитичари. Доколку Спикмен беше запознаен со делата на Савицки, тогаш неговото негодување во однос на „метафизичкиот нонсенс“ ќе беше уште посилно отколку во случајот со Хаусхофер. Така, Савицки, во текстот „Географски поглед на Русија-Евроазија“ пишува:

„Социјално-политичката околина и нејзината територија„ треба да се слеат за нас во единствена целина, во географски индивидуум или пејзаж“. (П.Н.Савицкий "Географический обзор России-Евра зии" в сборнике "Мир России -- Евразия", 1926, стр. 219 -- 232) 
Тоа е и суштина на „месторазвојот“, во кој објективното и субјективното се слеваат во нераскинливо единство, во нешто цело. Тоа е концептуалната синтеза. Во тој текст Савицки продолжува: 

„Неопходна е синтеза. Неопходна е способност веднаш да се гледа на социјално-историската средина и на зафаќање на нејзината територија“. (Ibidem) 
Во тоа, Савицки е близок до Видал де ла Блаш. Слично на францускиот геополитичар, основачот на неделивоста на Франција поради единството на културниот тип независно од етничката припадност на жителите на Елзас-Лорен, Савицки сметал дека: 

"Русија-Евроазија е „место-развој“, „единствена целина“, „географски индивидуум“, истовремено географски, етнички, владетелски, историски итн. „пејзаж“. (Ibidem)
Русија-Евроазија е таково „место-развој“ кој се јавува како интегрална форма за постоење на многу помали „месторазвои“. Тоа е Grossraum-от на Шмит, кој се состои од цела хиерархија на помали Raum-и. 
Преку воведувањето на поимот „месторазвој“, евроазијците ја напуштија позитивистичката неопходност аналитички да ги расчленуваат историските феномени, разместувајќи ги во механички системи, применливи не само за природните, туку и за културните појави. Апелот за „месторазвој“, за „географскиот индивидуум“ им дозволувало на евроазијците да ги избегнат премногу конкретните рецепти во однос на националните, расните, религиозните, културните, јазичните и идеолошките проблеми. Интуитивно почувствуваното геополитичко единство на сите жители на „географската оска на историјата“, со самото тоа стекнувало нов јазик, „синтетички“, несводлив на неадекватните, фрагментарни, аналитички концепции на западниот реализам. 
Со тоа исто така се пројавила припадноста на Савицки кон руската интелектуална традиција, секогаш желна за осмислување на „целосност“, „соборност“, „сеединство“ итн. 

9.5 Идеократија

Многу важен аспект во теоријата на Савицки е принципот на „идеократија“. Савицки сметал дека евроазиската државва треба да се гради, тргнувајќи од првичниот духовен импулс, одозгора надолу. Следствено, сета најзина структура треба да се согласи со приоритетната Идеја, а на чело на таа структура треба да стои посебна класа на „духовни водачи“. Таа позиција е многу блиска до теоријата на Шмит за „своеволен“, „духовен“ импулс кој се наоѓа на изворот на возникнувањето на Grossraum-от. 
Идеократијата го предполага водството на непрагматичното, нематериалното и немокерцискиот пристап кон државното уредување. Достоинството на „географската личност“, според Савицки, се состои во способноста за издигање на материјалната неопходност, органски вклучувајќи го физичкиот свет во единствен духовно-создавачки импулс на глобално историско дејствување. 
Идеократијата е термин кој ги обединува сите облици на недемократско, нелиберално владеење, засновано врз нематеријалистички и неутилитаристички мотивации. Притоа, Савицки свесно избегнува прецизирање на тој поим кој може да се воплоти и во теократска соборност, и во народна монархија, и во национална диктатура, и во партиска држава од советски тип. Таквата широчина на терминот соодветстува на чисто геополитичкиот хоризонт на евроазиството кое опфаќа огромни историски и географски обеми. Тој обид најдобро ја изразува интуитивната волја на континентот. 
Очевидно е дека идеократијата е директно спротивставена на прагматско-комерцијалниот пристап кој доминира во доктрините на Макиндер, Мехен, и Спикмен. На тој начин, руските евроазијци ги довеле до крајна јасност идеолошките термини во кои се пројавува историската спротивставеност на Морето и Копното. Морето е либерална демократија, „трговски систем“, прагматизам. Копното е идеократија (од најразличен вид), „хиерархиско владеење“, доминација на религиозниот идеал. 
Погледите на Савицки за идеократијата резонираат со идеите на германскиот социолог и економист Вернер Зомбарт, кој сите социјални модели и типови ги делел на две општи класи - „херои“ и „трговци“. Во геополитичка смисла, терминот „херој“, „хероизам“ претпоставува метафоричен, патетичен смисол и станува технички термин за означување на правните и етички специфики на идеократското владеење. 

9.6 СССР и еврозаиството

Улогата на Пјотр Савицки и, пошироко, на руското евроазиство во развитокот на геополитиката како наука е огромна. И чудно е колку малку внимание му се одделува на тоа дело во западните учебници. Во Савицки ние имаме совршено осознаен, одговорен и компетентен геополитичар, кој полноважно и основано ја изразува позицијата на heartland-от, при што тргнува од за него најдлабоките руски области. Геополитичката доктрина на Савицки е директна антитеза на погледите на Мехен, Макиндер, Спикмен, Видал де ла Блаш и другите „таласократи“. Притоа, само во дадениот случај, станува збор за завршено и проширено претставување на алтернативна доктрина, кое детално ги разбира идеолошките, економските, културните и етничките фактори. Ако ја употребиме терминологијата на Карл Шмит, тогаш Савицки и евроазијците се изразувачи на „номосот на Земјата“ во неговата актуелна состојба, последователни идеолози на „телурократијата“, мислители на Grossraum-от кој е алтернативен на англосаксонскиот Grossraum.
Споредувањето на идеите на руските евроазијци со идеите на германските геополитичари-континенталисти (Хаусхофер, Шмит итн.), кои исто така се обидувале да создадат сопствена геополитичка теорија како антитеза на стратегијата на „Морската Сила“, покажува дека кај Германците во таа насока е поминат само половина пат, а кај Русите (во прв ред кај Савицки) ние имаме дело со конечна и непротивречна, полнозначна слика на светот. Во таа смисла, може да се изведе некаков закон: „Колку повеќе погледите на германските континенталисти се поблиску до руското евроазиство, колку повеќе го применуваат Ostorientierung-от, толку попоследователни, логични и ефективни ќе бидат нивните проекти, создадени врз геополитичка основа. 
Во таа смисла, поблиску од сите до Савицки се доближија германските национал-болшевици, конкретно Ернст Никиш, кои прекрасно ја спознаа двојственоста на геополитичката положба на Германија, чија „средишност“ е релативна и второстепена во споредба со апсолутната културна и континентална  „средишност“ на Русите. Оттука, тие констатирале дека Германија не може да претендира на улогата на геополитичка синтеза која таа треба да ја направи помеѓу југозападната, словенофобична, католичка и, во одредени аспекти, „таласократска“ (буржоаска) Германија (заедно со Австрија) и североисточната, германо-славјанска, социјалистичка, русофилска, протестантска и спартанска Прусија. На Никиш му припаѓа познатата геополитичка теза „Европа од Владивосток до Флесинг“, и само таквиот пристап на Германците хармонично се впишува во последователното континентално евроазиство. Природно е што линијата на австрискиот католик, антикомунист и словенофоб Хитлер, која се обидоа да ја коригираат некои историски многу поодговорни конзервативни револуционери и геополитичари, не можеше да не доведе до тоа Германија долгорочно да го изгуби своето историско битие како резултат на кошмарниот пораз, нанесен имено од тие сили, во „вечен сојуз“ со кои и Германците единствено можат да обезбедат учество во светското владеење на телурократијата.
Советската реалност во геополитичка смисла многу  се совпаѓала со концепциите на Савицки и другите евроазијци, иако за нивно директно влијание врз советското раководство нема веродостојни податоци. Во многу, блиските до евроазијците, сменовеховцы (припадници на првата руска емиграција, кои во 1921 година го искажуваат својот став дека треба да соработуваат со Советска Русија, бидејќи бољшевиците се препородиле и почнале да работат за интересите на Русија) и национал-болшевиците, особено Николај Устралов, јавно влијаел врз бољшевиците и особено врз Сталин, иако никогаш не раководеле со високи функции и често ги завршувале своите животи во логорите. Дел од евроазијците, Ефрон, Кершавин и други отворено соработувале со СССР, но исто така не добиле благодарност. Исто така, анализата на советската надворешна политика, сè до почетокот на перестројката, води до заклучок дека таа постојано го следела имено евроазискиот курс, никогаш не зборувајќи отворено за тоа.
И овде може само да се прават претпоставки: или внатре во советскиот режим постоела некоја непозната организација која се раководела од идеите на Савицки, адаптирајќи ги на актуелната политичка реалност и облекувајќи ги во официјалната „марксистичка“ лексика, или објективната положба на heartland-от по инерција го принудувал СССР да прави такви чекори кои би требало да ги прави една геополитички осознаена континентална држава, Евроазија.

 

Глава 10. Геополитиката како инструмент на националната политика

10.1 Планетарниот дуализам - основен закон на геополитиката

Ноесејќи го заклучокот по запознавањето со идеите на основачите на геополитичката наука, може да се направат неколку општи заклучоци.
Без оглед на разнообразноста од точки на гледање, ние имаме работа со една иста слика на светот која може да се нарече геополитичка. Таа слика на светот се стреми во анализата на историските процеси, меѓународните и меѓудржавните односи, веднаш да ги вклучи неколкуте дисциплинарни пристапи - географски, политолошки, идеолошки, етнографски, економски итн. Во тоа се состои основната карактеристика на сите геополитички доктрини - стремеж за меѓудисциплинарна синтеза. 
Најопшта и најприфатена, од сите геополитичари, методологиска  формула е утврдувањето на фундаменталниот историски дуализам помеѓу Копното - телурократијата, „номосот“ на Земјата, Евроазија, heartland-от, „средишната земја“, идеократската цивилизација, „географската оска на историјата“ од една страна, и Морето - таласократијата, Sea Power, „номосот“ на Морето, атлантскиот, англосаксонскиот свет, трговската цивилизација, „надворешната или островска полумесечина“ од друга страна. Тоа може да се земе како главен закон на геополитиката. Надвор од постулирањето на овој дуализам, сите останати тврдења губат смисол. Во сите разгледувања на пооделните аспекти, ниту еден од основачите на геополитичката наука не го ставил под сомнение фактот за таквата спротивставеност. Според своето значење, тој е еднаков на законот на њутновиот закон за гравитација во физиката. 

10.2 Геополитичарот не може да не биде ангажиран

Друга карактеристика на погледите на основачите на геополитиката е нивната постојана политичка ангажираност. Нема, практично, ниту еден геополитичар кој би бил отстранет од учеството во политичкиот живот на својата држава. Оттука произлегува очигледната пристрасност на сите, без исклучок. Геополитичарот, пристапувајќи кон научно истражување, задолжително треба да го определи сопственото место на мапата на геополитичките полови; од тоа ќе зависи аголот на гледање под кој тој ќе почне да ги анализира сите светски процеси. Во целата историја на геополитиката, ние не среќаваме ниту еден автор кој би бил рамнодушен спрема судбината на својата држава и на својот народ, кој не би ја споделувал неговата основна етичка и историска ориентација. Особено изразито тоа се пројавува на крајните полови: англосаксонските автори беспоговорно и еднозначно ги следат логиката и вредносниот систем на Sea Power, на таласократијата, формулирајќи свои теории од позиции на безусловни поддржувачи на атлантизмот; руските евроазијци исто стојат доследни во својата верност кон идеалот на heartland-от, тие дури не го ставаат под сомневање ниту апсолутното етичко и историско првенство на идеократијата и на Русија-Евроазија. 
Посложена е ситуацијата со Французите кои имаат теоретски избор за самоидентификација - или таласократија или телурократија. Во првиот случај, се работи за солидарност со англосаксонскиот свет, со Sea Power, а во вториот за германофилија. И двете варијанти подразбираат безусловни национални симпатии. Теоретски, и двете тенденции се присутни меѓу француските геополитичари, но најизградена геополитичка концепција изработи една група „атлантисти“, следбеници на Видал де ла Блаш, кој остана централна фигура во таа област. Неговите геополитички антиподи Лавал и Де Гол од теоретска гледна точка значително отстапуваат од него. 
Во Германија исто така има двојствена ситуација. Ако во целина нејзината геополитичка мисла е ориентирана првенствено континентално и „евроазиски“, таа ориентација е ограничена од сложениот однос кон словенскиот свет, кон Азија и особено кон Русија. Тоа ограничување е исто толку суштествено колку и обидите на Германија волунтаристички да ја изедначи својата средишно-европска положба со средишно-евроазиска, игнорирајќи го со самото тоа историското значење на Русија-Евроазија, толку упорно што и во двете светски војни Германија беше принудена да војува не само против таласократските држави туку и против својот логичен евроазиски сојузник Русија (СССР). Може да се каже дека за германската геополитика е карактеристичен „неевроазиски“ континентализам. Таквата состојба во геополитичка формула ја резимира сета германска историја и ја предопределува самата структура на германското национално сознание. 
Неопходноста геополитичарот од почетокот да ја определи својата позиција на геополитичката карта на светот и нејзините појаси (шемата на Макиндер во таа смисла е делумно јасна илустрација) влијаела на тоа што оваа наука се развивала речиси исклучиво кај претставниците на големите држави, кои имале амбиции да станат „светска моќ“ (Weltmacht), „супер држави“, да дојдат до планетарно владеење. 
Американците Мехен и Спикмен и англичанецот Макиндер ја претставуваат „островската полумесечина“. Тие се „говорници“ на атлантизмот, на таласократијата. 
Видал де ла Блаш (и неговата школа) ја претставуваат атлантистичка Франција. Лавал и Де Гол наклонуваат кон континентализмот, „европеизмот“, антиатлантизмот. Оттука, заедничка им е германофилијата, која геополитички ги зближува, без оглед на тоа што тие припаѓаат на два непријателски кампови: Лавал бил глава на колаборационистичката влада на Виши, а Де Гол глава на антифашистичката француска армија. 
Германците Ратцел, Хаусхофер и Шмит ја поистоветуваат Германија со оската на Копното, со телурократијата, и се стремат од Германија да направат „Големо Пространство“, кое треба да ѝ се спротивстави на англосаксонската таласократија. Кон нив се приклучува и Швеѓанецот Рудолф Челен, кој исто така мисли попрво како претставник на Средната Европа, на германското европско пространство, а не како „тесно-шведски“ националист. Најрадикалните континенталисти Ернст Никиш, Фридрих Георг Јунгер, Артур Милер ван дер Брук и други одат и понатаму, ставајќи ја иднината на Германија само во стратегиска интеграција со Русија. 
Конечно, руските евроазијци (Савицки, Трубецкој и другите) ја изразуваат најконечната верзија на континентализмот, изразувајќи најрадикална позиција за „номосот на Копното“, за телурократијата. 
Отсутството на повидни имиња на геополитичари од други држави (иако ги има во Италија, Шпанија, Белгија, Романија, Холандија итн.) се објаснува со тоа што второстепените по големина држави, основниот геополитички дуализам ги допира само посредно, нивното влијание врз глобалното спротивставување е незначително, а следствено, самата суштина на геополитиката, нејзината острина, нејзината актуелност, нејзината „судбоносна“ димензија за нив се совршено неактуелни.  
 

10.3 Судбините на научниците – судбини на државите

Државјанството на научниците-геополитичари на најдиректен начин влијае на нивните погледи. Овде врската е очигледна. Геополитичарите, во суштина, се луѓе кои со најголема прецизност и одговорност се способни да ги распознаат историските тенденции во глобалниот развој во сферата на просторот, да го разберат местото на својата држава и на својот народ во тој контекст и да формулираат основана и нејефективна проекција на иднината. Затоа тие толку често, директно или индиректно, дејствуваат врз светската историја која ја остваруваат, но, сосема други сили, групи, партии, лидери, дејствуваат под совршено различни, дневно-политички актуелни пароли. 
Но, интересна е и уште една закономерност. Степенот на директното влијание на геополитичарите врз власта и повратната врска меѓу научните разработки и политичкиот курс во меѓународните односи на соодветните држави остро се разликува. 
Мехен, Спикмен и Макиндер заземале високи функции во своите држави, нивната политичка активност имала најнепосредни резултати, нивното директно влијание врз англосаксонската политика е очигледно и огромно. Без оглед на некои несогласувања со научниот свет во своите држави и извесни (тактички) замолкнувања на нивните идеи за „морската цивилизација“ во целина, тие за време на животот биле почитувани, им се укажувала секаква поддршка, нивните судбини и кариери биле примерно среќни. 
Поинаку стои работата со континенталните геополитичари. Видал де ла Блаш го сметале само за географ кој се стремел да ја прошири сферата на своите истражувања до политичка димензија. Односот кон него од страна на владата бил со почит, но во суштина рамнодушен, иако многу практични принципи (особено изложените во „Источна Франција“) се применети во пракса. Тој немал таков престиж како англо-американците, но неговото теоретско наследство се зема предвид.
Со Германците, особено со Хаусхофер и Шмит, ситуацијата е посериозна. И во Вејмарската Република и со Хитлер, односот кон нив се менува слободно, преминувајќи од определено внимание на власта кон нив, до директна репресија. Во споредба со „таласократските“ геополитичари, нивната судбина е трагична, нивните кариери одат во цик-цак линија, тие во одредени мигови стануваат дури и жртви на тие режими, чии национални цели во главни црти се совпаѓаат со нивните сопствени. Овде веќе нема ни почести ни уважување, но историското внимание, се заменува со прогони. 
Кај евроазијците сликата е уште потрагична. Овде нема никакво директно влијание, ниту едно спомнување во официјалните извори, само логори, насилства, апсења, прогонување при целосно игнорирање. Иако до определен момент на советската историја се создава впечаток дека основните решенија на меѓународно ниво ги донесуваат следбениците на Пјотр Савицки, кои секој чекор го синхронизираат со публикациите на евроазијците, настапува преломниот момент во 1989 година кога станува јасно дека никој во советското раководство не е способен поврзано да ја објасни логиката на традиционалната надворешна политика, што како резултат доведува до молневито уривање на гигантскиот евроазиски организам, создаван со големи напори на три поколенија, издржувајќи војни, лишувања, страдања, заморни обврски. 
Улогата на личноста на геополитичарот, во смисла на нивно влијание врз власта, остро се намалкува по линија на оската Запад-Исток. Со почитта кон Мехен и Спикмен, контрастираат постојаните закани кон Шмит од страна на СС-овците и прогоните на Хаусхофер (чиј син бил стрелан), а во уште поголема степен логорите за Савицки и Кершавин. Поразува тоа што, како конечен резултат, имено тие држави кои повеќе од сите ги слушале и почитувале своите геополитичари, доаѓале до потресувачки резултати и се доближиле прилично до тоа конечно да дојдат до еднолично светско владеење. Германија плати за невниманието кон тезите на Хаусхофер за „континентален блок“, така што половина век беше надвор од историјата, претрпе чудовишен пораз и западна во политичко небитие. СССР, не обрнувајќи внимание на делата на најодговорните, длабоки и проникливи руски патриоти, без битка и спротивставување се доведе во речиси иста ситуација како Германија, светското влијание се сведе на нула, просторот остро се намали, економијата и социјалната сфера се претворија во урнатини.